Од 19 369 деца што требало да ја примат, дури 7 215 не ја добиле првата доза од оваа вакцина. Кај примарната вакцинација, кај сите вакцини опфатот е под 80 отсто далеку од посакуваните 95% за создавање колективен имунитет.
„Родителите не се единствени што треба да ја понесат одговорноста. Одговорноста треба да ја понесеме сите ние, и како здравствен систем и како здравствени работници“, вели националната координаторка за имунизација Александра Грозданова.
Извештајот за реализација на програмата за задолжителна имунизација на населението за 2025 година, што неодамна го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откри загрижувачки трендови во опфатот, особено со вакцината против мали сипаници, рубеола и заушки позната како МРП.
Од 19 369 деца што требало да ја примат, дури 7 215 не ја добиле првата доза од оваа вакцина. Поедноставено, на секои десет деца што требало, четири не ја примиле вакцината.
Кај примарната вакцинација и кај ревакцинацијата, пак, практично и да не постои област во која се достигнати посакуваните 95 отсто опфат, што се некаков минимум за постигнување колективен имунитет. Кај примарната вакцинација, не само што не е достигнат овој процент туку кај сите вакцини опфатот е под 80 отсто.
Во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, националната координаторка за имунизација Александра Грозданова оцени дека ова се алармантни бројки.
Да, треба да ги сметаме за алармантни и се загрижувачки иако тоа се трендови што се јавуваат во одредени временски циклуси и во одредени региони. Ние уште минатата година, по шестмесечниот извештај што го добиваме од Институтот за јавно здравје за 2025 г., го забележавме тој тренд. Во меѓувреме, се консултиравме и со колегите од Србија, Хрватска, Бугарија, бидејќи обично таквите трендови се случуваат на регионално ниво, и истиот тренд го имаат и тие. Ние во 2024 година имавме и епидемија со пертусис (голема кашлица), и тогаш бевме исто во регионот подеднакво опфатени. Таа епидемија почна од Хрватска, па се прошири во Србија и дојде кај нас.
Но, ако се видат споредбено бројките за 2025 и 2024 г., на крајот 2024 г. е многу подобра во опфатот отколку 2025 г. Што се причините за тоа?
Затоа и ја спомнав епидемијата со пертусис, односно магарешка, голема или црна кашлица, што ја имавме во 2024 година. Секогаш кога имате епидемија, преземате одредени мерки. Тие мерки тогаш беа дека се повикуваа интензивно децата на вакцинација, вклучително за сите пропуштени и за пертусис како вакцина. И имавме навистина сериозно покачување на овој процент на опфатот за сите вакцини во 2024 г. И обично, следната година, имате пониски бројки, што би значело дека секогаш кога имате претходна година со епидемија, следната година доаѓа до намалување на бројот затоа што претходната сте опфатиле огромен број деца што биле со сите пропуштени вакцини.
И сега што е причината? Тоа што престанале тие поагресивни активности на институциите, а и населението се олабавило?
Повеќе фактори се. Секогаш кога ги разгледуваме причините за намалување на опфатот, ги разгледуваме од повеќе аспекти. Ова е историски потврдена состојба, тоа го имавме и при морбилите. Годината откако ја поминавме епидемијата со морбили, што ни беше во најголем процент година со вакцинација кога беа тековно мерките преземени…
Тоа се 2018 и 2019 година…
Истите мерки беа преземени и сега во 2024 г., а тоа е многу непопуларната мерка – недозволување на деца на одење во градинка и во училиште без примени сите вакцини според возраст. И тогаш се повикуваат интензивно, меѓутоа интензивно и родителите, како што рековте, се поактивни, а потоа секогаш следува еден ваков период на олабавување на родителите, иако тоа во делот на имунизација не смее да се дозволи. Токму поради тоа што на таков начин повторно се доведувате во ризик, со намалување на опфатот, да се јават болестите.
Тренд на одложување на носењето на децата да примат вакцина е највпечатлив кај МРП-вакцината, онаа против мали сипаници, рубеола и заушки. Според календарот за имунизација, оваа вакцина се прима на 12 полни месеци, но многу родители чекаат децата да почнат да зборуваат и да проодат, па потоа да ги носат да ја примат вакцината. Грозданова вели дека нема апсолутно никаква оправданост во овој пристап на родителите.
Грозданова: Сепак, родителите не се единствени што треба да ја понесат одговорноста. Одговорноста треба да ја понесеме сите ние, и како здравствен систем и како здравствени работници. Наше е советувањето, едуцирањето на родителите бидејќи, како што рековте, оваа еве во наводници ‘озлогласена’ вакцина е комплетно неоправдано ставена во една асоцијација со развивање на одредени состојби.
Со аутизам, конкретно.
Аутизам и други невролошки состојби, што факт е дека се на некој начин во пораст, бројките го покажуваат тоа, иако тоа е резултат на модерната медицина што повеќе ги дијагностицира и ги гледа тие состојби. Ние конкретно за епидемијата кога ја имавме со морбили, значи тоа не е многу одамна, 2018 и 2019 г., вакциниравме на територија на Република Македонија 43 600 деца само за шест месеци. И секогаш го кажувам како факт, а тоа е дека доколку тие семејства забележеа нешто, а Македонија е мала земја и таа е сериозна бројка кога вакцинирате толкав број деца во релативно краток временски период на мала територија, немаше да остане непознато во јавноста. Ние вака, всушност, имаме наши податоци и за безбедноста и за ефикасноста на вакцината, затоа што сите тие деца се сега безбедно вакцинирани, родителите се спокојни и не видовме пријавување на несакани реакции, освен оние нормални, очекувани – температура, фебрилност, малаксаност, меѓутоа далеку од состојби на аутизам или слично.
Спротивно, во тој период на епидемија имаше дечиња што починаа од мали сипаници.
Да, четири смртни случаи, како последица на зараза од мали сипаници. Болеста понекогаш точно покажува колку е пострашно да ја добиете болеста и да ја прележите, ако ја прележите, во однос на безбедноста и ефикасноста на вакцинацијата.
Велите дека во опкружувањето се слични трендовите?
Апсолутно. Во Хрватска се поразителни. Еве ние се обидуваме да се водиме со некои, ајде ќе кажеме, европски земји во нашата околина – двете европски земји, најблиски ни се Хрватска и Бугарија. Хрватска има дури и послаба стапка од нас во извештајот за 2025 г. Во Србија, исто така, имаат понизок опфат за различни вакцини и на различно ниво, а Бугарија е далеку, далеку зад нас по сите вакцини и тоа е подолго време тренд.
Извор: zurnal.mk


