(ИНТЕРВЈУ) Миша Поповиќ: Корист од измените на законите за „Бехтел и Енка“ има приватниот интерес

3 mins read

Ако нема јавна расправа и консултација, не може да се знае ниту ќарот ниту зијанот од измените на законите кои мнозинството во Собранието заедно со претседателот Талат Џафери се обидуваат да ги истуркаат по скратена постапка, со цел „Бехтел и Енка“ да гради надвор од досега воспоставените правила за работно време, екологија, експропријација… вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија во интервју за „360 степени“

Ако автопатите кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“ треба да се пробиваат побрзо, тогаш треба да се забрзаат постапките поврзани со изградбата а не да се менуваат закони со кои се заобиколуваат одредени постапки. Така за „360 степени“ вели истражувачот Миша Поповиќ, кој работи во областа на борба против корупцијата во Институтот за демократија.

На пример, вели Поповиќ, наместо да се менуваат закони за да може брзо да се гради низ приватно земјиште или шуми, можело да се најде начин да се забрзаат овие административни постапки.

Миша Поповиќ, истражувач во Институтот за демократија

„Кога се носат закони, потребно е да видиме анализи. Владата дури и има во својот деловник, таканаречена проценка на влијание на регулативата која на сите оние подоцна кои што носат одлуки, зборуваме всушност за пратениците, може да им даде доволно информации за тоа какви се штетите и какви се придобивките на некаква измена на закон. Кога сето ова се води по скратена постапка ние не знаме, не можеме да процениме кои се штетите, до каде ќе идат штетите, до каде би оделе и придобивките, бидејќи нели никој не е против изградба на коридорите, меѓутоа зборуваме за ситуација во којашто креирањето на политики врз база на податоци во една јасна процедура овозможува да ние сите можеме да ги видиме и да ги процениме штетите. Вака, ние не знаеме, освен што очигледно, дека измените идат во корист на помала контрола, помал надзор, а со тоа оди и преферирањето на приватниот интерес на страните вклучени во целиот проект… Ако треба да бидат брзи постапките тие можат да бидат забрзани, но не можат да се менуваат. Ние гледаме во предложените закони промена на начин како се штитат правата и тоа едноставно, сметам дека не е оправдано“,

вели Миша Поповиќ за „360 степени“.

Со измената на законите, ќе се тргне забраната за најмногу 40+8 часа работни часа неделно. Доколку се усвојат измените на Законот за работни односи, практично нема да има граница колку часа може да се работи неделно. Тоа што ќе биде потребна согласност од работникот и не е некоја голема гаранција за работничките права. Понатаму, побрзо и полесно ќе се прави експропријација на имот, се заобиколуваат одредби за заштита на животната средина.

Против ваквиот план објавен во петокот попладне а почнат со реализација денеска претпладне, веќе се изјасни Платформата на граѓански организации против корупцијата, каде членува и Институтот за демократија на Миша Поповиќ. Реагираа и други организации. Како резултат, власта се откажа од измените на Законот за заштита на културното наследство, кои практично предвидуваа да се гради и преку потенцијални археолошки наоѓалишта.

Но, иако предлозите на законите дојдоа од власта, како да изостана реакција од опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата, кажаа дека не се согласуваат со начиниот на носење на измените, но засега нема кристално јасен став дека се суштински против предложеното, освен за Законот за заштита на културното наследство.

Миша Поповиќ, истражувач во Институтот за демократија

„Можам да зборувам во мое име на оваа тема. По мене, опозицијата треба да биде присутна на јавните расправи, се извинувам, на расправите на седниците и да гласа онака како што мисли дека треба да гласа. Во вакви ситуации, да кажам конфликти ситуации, а Собранието е такво тело каде што е тој политички конфликт предвиден, потребно е да го видиме гласот и на едните и на другите“

вели Поповиќ.

Една од законските измени предвидува ослободување од даноци и од акциза за енергенси и за набавка на возила за фирмите коишто ќе работат на изградбата на автопатските делници. Проблемот во тие измени е што државата веќе ја договори цената, која изнесува 1,3 милијарди евра, па со изземањето од акциза и даноци ги намалува трошоците на изведувачите, откако е постигнат договор – колку пари ќе се платат од буџетот.

„Онака како што изгледа од тоа што досега е анализирано е дека ова ослободување ја менува финансиската конструкција и токму овие, да кажам необјаснети, необразложени предлози, бидејќи навистина треба да се врзе со договорената цена, затоа што ова навистина ја зголемува, т.е. ја намалува трошокот на компанијата, навистина се приближува од ситуација во којашто зборуваме за ризици од корупција до материјализација на корупција. Во овој момент не можеме да кажеме дека навистина се случило, меѓутоа без образложение, да, наликува дека овие ризици бргу ќе го видат светлото на денот“,

вели Поповиќ за „360 степени“.

Северна Македонија веќе беше предмет на критика од страна на Европската комисија бидејќи договорот со „Бехтел и Енка“ беше склучен во директни преговори, притоа заобиколувајќи го Законот за јавни набавки. Процесот е дел од последниот извештај за земјава на Брисел. Што ли ќе биде сега, ако се сменат 9 или 8 закони, само поради интересите на еден проект?

„Пак ќе зборувам во мое име. Мислам дека ова ќе се најде во извештајот, во зависност од тоа како ќе се материјализира ова што сега се случува во Собранието. Доколку се донесат измените вака како што се предложени, сметам дека ќе видиме уште во првиот кластер – фундаменти, сериозни реакции по однос на тоа, токму заради работничките права, заради правата на сопственост, кои се поврзани со човековите права“,

изјави Миша Поповиќ.

Целото интервју со Миша Поповиќ можете да го погледнете во видеото погоре.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Девојка нападната од 60-годишник поради недоразбирање во сообраќајот

Следно

Пентагон: Протекувањето на доверливите документи е сериозен ризик за националната безбедност

Latest from Blog