И покрај безбедносните грижи, кинески камери за надзор се шират низ Источна Европа

9 mins read

Последните пет години земјите од централна и источна Европа купиле милиони надзорни камери од кинеско производство и покрај безбедносните пропусти на уредните и лабавата пракса што ја имаат произведувачите во однос на прибирањето податоци и врските со кинеската држава, покажува истражувањето на Радио Слободна Европа (РСЕ) направено во девет земји.

Истражувањето на РСЕ открива сè поголема употреба на камери од кинеско производство во земји кои се или членки на Европската Унија (ЕУ) и НАТО или се стремат да се приклучат на овие заедници и каде владите внимавајќи на буџетот се повеќе се свртуваат кон попристапните кинески компании кои се субвенционирани од државата.

Иако за повеќето земји не постојат јавни национални бази на податоци за надзорни камери, достапните информации и извештаите на РСЕ покажуваат дека „Дахуа“ (Dahua) и „Хиквижн“ (Hikvision), две компании во делумна државна сопственост, се меѓу водечките светски добавувачи на ТВ опрема и камери за надзор, доминантни на пазарите во Унгарија, Србија, Романија, Молдавија, Украина, Босна и Херцеговина, Косово, Бугарија и Грузија.

„Најголемата разлика помеѓу овие кинеските компании и другите е тоа што другите компании не се толку ранливи за искористување“, изјави за РСЕ Конор Хили, директор за владино истражување во ИПВМ (IPVM), компанија за истражување на индустријата за надзор.

„Во основа, безбедноста се однесува на планирање за хипотетички закани, а владите и организациите за национална безбедност треба да бидат фокусирани на тоа“.

Извештаите на РСЕ покажуваат дека и покрај зголемената загриженоста и контролата поради прекумерното потпирање на кинеската технологија во критичната инфраструктура во западните престолнини, камерите на „Дахуа“ и „Хиквижн“ се користат и на чувствителни локации, вклучително и воени бази во Романија и седишта на специјалната полиција во Унгарија, за кои експертите велат дека така се подложни на напади од хакери и други злонамерни страни.

Иако земји како САД, Велика Британија и Австралија ги ставија овие две компании на црната листа, таква забрана не постои во Европа. Но, среде историската посета на кинескиот лидер Си Џинпинг на Европа, која започна на 5 мај, серијата кинески шпионски скандали низ континентот и сузбивањето на кинеските трговски практики во ЕУ, седиштата на фирмите во Европа означуваат уште една точка на жариште.

„Видовме како разговорот се развива, да речеме, во САД и тоа доведе до забрана, но сè уште не е јасно по кој пат ќе одат европските земји“, додаде Хили.

Унгарија

Нема официјални податоци за бројот на надзорни камери од кинеско производство што ги купила Унгарија, ниту информации за степенот на употреба на кинеската технологија за препознавање лица.

Но, според Шодан, пребарувач за уреди поврзани на Интернет, во земјата работат 3567 уреди на „Дахуа“ и 18 166 на „Хиквисион“.

Според унгарскиот сајт „Атлатсзо“, унгарската национална полиција ги потпишала своите први договори со „Дахуа“ во 2017 година, и тоа за граничен надзор и административниот систем на полицијата за користење на камерите и софтверот на компанијата.

Податоците од унгарскиот систем за јавни набавки на електрична енергија покажуваат дека и неколку универзитети и академии на науки купиле производи на „Хиквижн“. Неколку локални администрации, како и унгарската интервентна полиција, исто така, користат камери за надзор од кинеските компании.

Меѓутоа, во некои случаи употребата на кинески уреди е забранета. Во еден случај во 2023 година, германскиот производител на оружје „Рајнметал“ ја блокираше употребата на кинески камери во својата фабрика во западна Унгарија.

Сепак, се чини дека употребата на опремата ќе се зголемува, особено кога врската меѓу Будимпешта и Пекинг се продлабочува под власта на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во февруари, Унгарија потпиша безбедносен договор со Кина за подобрување на соработката меѓу нивните агенции за спроведување на законот. Договорот би можел да дозволи патроли на кинеската полиција во прометните делови на Будимпешта, која е дом на најголемата кинеска дијаспора во Централна Европа. Не е јасно како податоците и пристапот до камерите ќе се споделуваат меѓу унгарските и кинеските власти, но овој потег го вклучи алармот во Брисел и меѓу кинеските активисти во странство.

Украина

Според податоците од индустриската база на податоци „Импорт Гениус“, низ Украина се инсталирани стотици илјади камери од „Дахуа“ и „Хиквижн“.

Украинската полиција и приватни компании купиле голем број надзорни камери од кинеско производство. Според „Импорт Гениус“, украинската компанија „Trading House of Video Surveillance Systems“ е најголемиот купувач на камери и друга опрема од „Дахуа“. Податоците покажуваат дека од 2016 до 2023 година, украинската компанија купила повеќе од еден милион уреди за видеонадзор, кои вклучуваат камери за надзор, уреди за термичка слика, интерфони и друга опрема за камери.

Бројките од „Импорт Гениус“, исто така, покажуваат дека група украински компании кои работат директно со „Хиквижн“ увезле сличен број уреди за видеонадзор во истиот период.

Камерите на „Хиквижн“ во Киев

Камерите на „Хиквижн“ во Киев

Но, беше покрената загриженост за камерите на „Дахуа“ и „Хиквижн“.

Во јануари, Службата за државна безбедност на Украина утврди дека руското разузнавање хакирало две надзорни камери во Киев пред да се случи рускиот ракетен напад врз украинскиот главен град во кој загинаа најмалку три лица.

Украински службеник за спроведување на законот, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на темата, за „Шеме“ (истражната единица на украинскиот сервис на РСЕ) изјави дека една од овие камери е направена од „Хиквижн“ и оти била инсталирана во 2016 година.

Молдавија

Според податоците за јавните набавки, Молдавија купила илјадници кинески надзорни камери за својата полиција, војската и дипломатската служба во последните пет години, но точниот број останува непознат.

Државата нема јавна база на податоци за тоа колку надзорни камери има. Но, Шодан наведува оти постојат 15 133 уреди од „Хиквижн“ и 4177 од „Дахуа“.

Порталот за јавни набавки во Молдавија (achizitii.md), покажува дека меѓу 2018 и 2023 година биле купени повеќе од 7210 камери од овие две кинески компании. Меѓу најголемите купувачи биле безбедносните тела како што се полицијата и авијацискиот полк „Децебал“ кој е во рамки на Министерството за одбрана, но и Министерството за труд, Министерството за надворешни работи и Народната банка.

Камерите од кинеско производство, исто така, ги има и во системот на јавниот транспорт, тролејбусите во главниот град Кишињев се опремени со камери на „Дахуа“. Националната управа за казнено-поправените домови, исто така, се сврте кон двајцата кинески производители, најавувајќи и инсталирајќи повеќе од 800 кинески камери во своите објекти помеѓу 2018 и 2023 година.

Надзорна камера која го снима седиштето на молдавската влада

Надзорна камера која го снима седиштето на молдавската влада

Централната изборна комисија на Молдавија, исто така, набави 2300 надзорни камери по парламентарните избори во земјата во 2019 година. Записите од набавките покажуваат дека тие биле купени од компанија наречена „Рапид Линк“, овластен дистрибутер на „Хиквижн“.

Србија

Податоците на српската царина не говорат конкретно за увоз на надзорни камери од кинеско производство, но информациите за последните пет години покажуваат постојан пораст на бројот на купени кинески камери во тој период. Само во 2023 година за набавка на кинески камери во Србија се потрошени околу 5,8 милиони долари.

Најголем дел од камерите во земјава ги купуваат приватни фирми, кои потоа преку тендери им ги продаваат на локалните власти.

Според истражувањето на РСЕ од 2023 година, повеќе од 40 општини и градови во Србија – речиси една третина од локалните самоуправи во земјата, имаат системи за јавен видеонадзор и следење на сообраќајот од кинескиот производител „Дахуа“. Ова проширување на кинеските уреди се случило во текот на изминатите пет години по цена од приближно 32 милиони долари.

На овие општини и градови опремата им ја продаде „Мачина Секјурити“, белградска компанија која увезува кинеска технологија во Србија и добива тендери во последните неколку години.

Според документите до кои дојде РСЕ, Владата на Србија лиценцирала 15 различни видови камери од производители во Полска, Австралија, САД, Италија, Словачка, Унгарија и од локални српски компании Сепак, се чини дека општините купиле повеќе камери од „Дахуа“ во споредба со другите компании.

Според документите до кои дојде РСЕ како дел од барањето за пристап до информации, 10 од 42 општини и градови купиле камери со технологија за препознавање лица. Тоа ја засилува постоечката болна точка во Србија, каде владата неколку пати се обиде да протурка законодавство што ќе и даде широки овластувања да користи технологија за препознавање лица во јавноста.

„Хуавеи“ камери на улиците во Белград

„Хуавеи“ камери на улиците во Белград

Во последните години Србија инсталираше повеќе од 1000 надзорни камери со можности за препознавање лица од кинеската компанија „Хуавеи“.

Поставувањето камерите во Белград предизвика контроверзии, бидејќи Србија нема соодветни закони за приватност на податоците и за обработка на биометриските информации земени од уредите за препознавање лице. Истражувањето на РСЕ во 2022 година откри дека српските власти веќе користат кинеска технологија за следење и таргетирање активисти и демонстранти, што предизвикува загриженост дека понапредната кинеска опрема за надзор може да биде злоупотребена.

Босна и Херцеговина

Во Босна и Херцеговина (БиХ), каде власта е поделена на државна и неколку пониски ешалони, нема база на податоци за целата земја. Но, податоците од локалните министерства, градови и општини покажуваат зголемена употреба на камери за надзор во последните години.

Според информациите од Управата за индиректни даноци на БиХ, увозот на опрема за снимање од Кина е зголемен во последните пет години. Податоците за државните набавки покажуваат дека од 3,4 милиони долари во 2018 година тој се зголемил на 5,4 милиони долари во 2023 година.

Од Министерството за внатрешни работи на Република Српска за РСЕ изјавија дека само во 2023 година се купени 139 камери „Дахуа“ за вкупно 47 000 долари. Бања Лука, административниот центар на овој ентитет, е исто така „дом“ на проект за паметен град каде што веќе се инсталирани 265 од планираните 325 камери на „Дахуа“.

Кинески надзорни камери во Бања Лука

Кинески надзорни камери во Бања Лука

На ниво на федерацијата Босна и Херцеговина, која се состои од десет кантонални влади, до податоци е уште потешко да се дојде.

Од МВР на Кантонот 10 изјавија за РСЕ посочија дека во 2023 година купиле само три камери од „Хиквижн“. Други државни органи, како што е МВР на босанско-подринскиот кантон, рекоа дека немаат информации за земјата на потекло.

Во МВР на Сараево велат дека во последните пет години набавиле само две камери од кинески производители, без да прецизираат од која компанија се.

Оттаму нагласија дека сараевската полиција, во согласност со законот, може да добие пристап до камери кои се поставени на јавни површини од други институции, како што се градови и општини.

Од Граничната полиција на БиХ за РСЕ рекоа дека не купиле кинеска опрема.

Косово

Како и во многу други земји, во податоците на косовската царина не се прави разлика помеѓу различни компании и типови на камери. Но, надзорни камери се широко распространети во главниот град Приштина.

Репортерот на РСЕ забележа повеќе камери на „Дахуа“ и „Хиквижн“ поставени на градските плоштади, како и на владините згради, вклучително и Државното обвинителство, Министерството за трговија и Министерството за здравство. Косовските власти за РСЕ потврдија дека камерите на владините згради биле купени во 2020 и 2021 година.

Камери беа купени и од институциите во областите на Косово каде што живеат мнозинство Срби. Тие беа набавени од Србија преку нејзините паралелни институции во Косово во 2021 година.

Овие трансакции беа надвор од контрола на Приштина, а истражувањето на РСЕ во 2022 година покажа дека опремата за надзор од „Дахуа“ во вредност од десетици илјади долари била купена за училиштата. Во документите се наведува дека парите ги обезбедила канцеларијата на српската влада која е задолжена за односите со Косово.

Романија

Во Романија нема централна база на податоци, но анкетите во индустријата и порталите за јавни набавки покажуваат дека употребата на надзорни камери од кинеско производство се шири. Некои се дури и инсталирани на безбедносно чувствителни локации.

Според еден извештај за глобалната индустрија за надзор од 2021 година, во Романија имало 189 452 активни камери од „Дахуа“ и „Хиквисион“, што ја става земјата на осмото место според бројот на кинески камери во светот.

Неодамнешно истражување на РСЕ, исто така, откри дека опремата за надзор произведена од овие две кинески компании се користи во најмалку 28 воени објекти во земјата. Опремата ја користат и стотици други јавни институции вклучени во националната безбедност.

Камери на „Хиквисион“ околу воена единица во Романија

Камери на „Хиквисион“ околу воена единица во Романија

РСЕ, исто така, откри дека камерите на „Хиквижн“ биле користени во воената база во Девесел, во која се наоѓа НАТО „Аегис Ашор“ – копнен противракетен одбранбен систем.

Романските власти ја бранеа употребата на камери од кинеско производство, велејќи дека сè е во согласност со процедурите за јавни набавки и дека сите камери се чуваат офлајн за да се спречат некои безбедносни ризици кои ги имаат технологиите на „Дахуа“ и „Хиквижн“.

Експерти, сепак, за РСЕ посочуваат дека понапредни хакери може да добијат пристап и дека постојат неодамнешни примери на хакерски групи кои пристапувале до затворени системи со камери преку хакирање на онлајн компјутерските оперативни системи со што потоа можеле да се инфилтрираат и во офлајн мрежи.

Бугарија

Додека камерите на „Дахуа“ и „Хиквижн“ може да се видат во главниот град Софија и на владините згради, бугарската влада не објави податоци за бројот на камери кои се користат и не одговори на барањата за коментар од РСЕ.

Најголемата јавна набавка за опрема се однесува на договор од 2018 година склучен со конзорциум компании за купување камери од „Хиквижн“ и придружна технологија за 45 милиони долари,а со цел да се инсталираат вкупно 4300 камери на автобуси, трамваи и тролејбуси во Софија.

Кинески надзорни камери во јавниот транспорт во Софија

Кинески надзорни камери во јавниот транспорт во Софија

Системот за видеонадзор во јавниот превоз беше пуштен во употреба во 2020 година. А неговото воведување во 2023 година наиде на противење од активистите за заштита на приватноста поради загриженост дека до камерите може да пристапат организирани криминални групи или хакери.

Грузија

Според анализата на грузискиот сервис на РСЕ врз основа на царински податоци, бројките за набавките и извештаи, речиси 80 отсто од камерите инсталирани во земјата доаѓаат од „Хивижн“ и „Дахуа“.

Тешко е да се одреди точниот број на кинески камери во Грузија. Достапните царински податоци за целиот увоз на фотоапарати покажуваат драматичен пораст во последните пет години. Само во 2023 година, Грузија купила повеќе од 10 000 камери, во споредба со 2020 година кога биле набавени помалку од 1000.

Се чини дека голем дел од овој увоз е направен од грузиската полиција. Податоците за државните набавки и царината покажуваат дека полицијата во земјата управува со повеќе од 7379 надзорни камери распоредени низ целата земја, а речиси сите од „Дахуа“, „Хиквижн“ или други кинески производители.

Текстот го напиша Рид Стандиш; со придонес на Мелиха Кешмер од бирото на РСЕ во БиХ; Дорунтина Балиу од косовскиот сервис на РСЕ и Мирјана Јевтовиќ и Наталија Јовановиќ од РСЕ Србија; Јонута Бенеа од романскиот сервис на РСЕ на РСЕ; Ивана Бедрова од бугарсиот сервис на РСЕ; Настасие Арабули од грузискиот сервис на РСЕ; Кирила Овсијанија од украинскиот сервис на РСЕ; Пабло Горондија од унгарскиот сервис на РСЕ; Денис Дермењи од молдавскиот сервис на РСЕ.

Извор: slobodnaevropa.mk

Претходно

ДИК ја соопшти излезноста на изборите до 9:00 часот

Следно

Бригадите Ал-Касам учествуваа во жестоки судири со израелската Армија во источна Рафа

Latest from Blog

Кој е Ебрахим Реиси?

Тврдокорниот ирански претседател Ебрахим Раиси долго време се сметаше за штитеник на иранскиот врховен лидер ајатолахот