Хаос од Обвинителство, еден куп обвиненија, правдата бавна

March 5, 2026
4 mins read

Во три различни обвиненија и во три одвоени постапки ќе се докажуваат различните слоеви на одговорност на полициски службеници за пожарот во дискотеката „Пулс“. Јавното обвинителство засега не се изјаснува дали ќе го прифати истиот пристап и за „главниот“ процес, или и понатаму ќе инсистира на „верижна“ и „колективна“ одговорност на сите 35 физички лица „цивили“ и 3 фирми.

Со почетокот на судењата за полициските службеници, поделени во три обвиненија, кои ќе се одвиваат паралелно со главниот обвинителен акт за трагедијата во Кочани, правната слика за најболниот настан во поновата македонска историја станува се покомплексна. Покрај мега обвинението со 35 цивили и 3 фирми, завчера почна првиот судски процес против полициски службеници. Веќе денеска, 5 март, се очекува да стартува уште едно судење против деветмина полициски службеници, а до крајот на месецов е најавен почетокот и на третиот, најобемен спор, против 13 полициски службеници.

Но, она што привлекува внимание не е фактот што расте бројката на обвинети, туку што Обвинителството одлучи за полициските службеници да поведе три различни предмети, формирајќи мрежа од паралелни линии на одговорност и со различни правни квалификации – од најтешките дела против општата сигурност, до злоупотреби во административните процедури и спорни службени записници.

 

Двојни аршини – еден за полицајците, друг за „цивилите“?

Оттука и дилемата зошто јавниот обвинител во главниот предмет „Пулс“, со еден обвинителен акт, гони вкупно 35 цивили и 3 фирми, а во однос на полициските службеници реши обвиненијата да ги подели во три предмети? При што покрај едниот обвинителен акт, за 13 полициски службеници кои биле присутни на кобниот настан, останатите 12 полицајци се гонат за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, но во различен временски период, па се поделени во два посебни предмета.

Токму тука се отвора прашањето зошто истиот принцип не е применет и во главниот предмет, кој по дефиниција е најобемен и најризичен за одолговлекување? Во главната постапка, како што се пренесува во медиумите, обвинението држи во ист процес лица со различни улоги – од одговорни лица во фирми и институции, до инспекциски структури и други поранешни функционери. Како што повеќе пати нагласивме во нашите анализи на процесот, тоа ја прави конструкцијата на одговорност тешка за индивидуализација, а според правните експерти, тезата за „верижна“ или „колективна“ одговорност е речиси недокажлива.

Дилемата што ја чувствува јавноста при споредбата на двата пристапа не е само од техничка, туку од суштинска природа. Ако претпоставената одговорност на полицијата се утврдува во три одвоени предмети, за да се добие појасна линија на дејства и поефикасно судење, зошто кај цивилите и фирмите се инсистира на еден обемен обвинителен акт, кој ги носи сите процесни ризици на „конгломератски“ предмет? Една иста институција – Јавното обвинителство – во еден случај јавно демонстрира селекција и раздвојување според конкретни дејства, години и докази, додека во вториот „главен“ случај со кој се засегнати другите обвинети, доминира логиката на еден масовен обвинителен пакет. Се добива впечаток дека двојните аршини посочуваат и различен третман на полициски службеници на обвинителната клупа во споредба со „цивилите“ и фирмите.

Индиректно признание на погрешната стратегија на Обвинителството во „главниот“ процес

Правните експерти сепак се убедени дека раздвоените постапки за утврдување на кривичната одговорност на полициските службеници ја толкуваат значат индиректно признание на Јавното обвинителство на грешките кои се направени при подигнувањето на првиот обвинителен акт поврзан со пожарот во дискотеката во Кочани.

Со новите обвинителни акти, од овој месец, низ судските сали ќе се движат четири паралелни линии на судења, кои сами по себе ќе изискуваат многу простор, време и капацитети на судскиот систем.

Адвокатот Петре Шилегов, на едно од претходните рочишта, во една реченица го кондензираше проблемот на најголемото обвинение, кажувајќи го она што во вакви предмети најчесто се избегнува да се каже директно. Без заобиколување, Шилегов рече: „Го замолувам Јавното обвинителство да го преиспита своето мислење и став. Ако за полицајците не може да биде поведена постапка за загрозување на општата сигурност, тогаш Обвинителството треба да каже за кои лица овде обвинетите може да им се стави на товар ова дело. Наместо да продолжиме, мислам дека е поцелисходно Обвинителството да утврди за кои лица може да се води постапка“.

И додека во судницата во Идризово веќе се забележува замор и се насетува опасноста на која во изминативе месеци предупредуваа правни експерти, адвокати, поранешни судии и функционери – дека постои ризик првиот предмет да се претвори во маратон со многу докази, многу приговори и тешко докажување на индивидуалната вина – најавените судењата на полициските службеници почнуваат со дефинирање посебни слоеви на одговорност. Наместо една единствена обвинителна приказна, јавноста добива неколку раздвоени постапки, со различни квалификации и различни фактички основи: што се случувало внатре во објектот кобната вечер, што се случувало со документацијата и во службените дејствија во години наназад и што се случувало во записниците и во службените документи после контролите.

За кои кривични дела одговараат полицајците?

На 3 март стартуваше судскиот процес каде обвинети се 3 полициски службеници. Тие, според обвинението, одговараат за Злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинети се дека при составување службени записници внесувале неточни податоци, со што овозможиле неправилно водење прекршочни постапки и создавале слика поинаква од неправилностите кои се утврдени по трагедијата. Тројцата обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Денеска, 5 март, треба да почне судењето на 9 полицајци, исто така за делото Злоупотреба на службената положба и овластување, но за периодот на работењето на објектот во 2022 и 2023 година. Обвинителството ги товари деветтемина дека при издавање согласности и проверки за работа не направиле целосна и детална проверка и со тоа овозможиле правното лице да прибави противправна имотна корист.

Сè уште се чекаат информации за рочиште за последниот предмет од „полицискиот пакет“. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја постави полициската одговорност во повеќе предмети, и во, последната, најтешката форма, има обвинителен акт за група полициски службеници кои се гонат како соизвршители за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, поради присуство, дејствување и пропуштање мерки за време на критичниот настан. Овој обвинителен акт е одобрен од советот за оценка на обвинителниот акт на Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2026. Станува збор за 13 полициски службеници кои биле поврзани со полициска акција односно контрола во „Пулс“ во критичната ноќ. Обвинителството ја гледа нивната одговорност во тоа што не биле преземени соодветни мерки за заштита на присутните, ниту е спречена употребата на пиротехника која не била пријавена, и покрај тоа што контролата, односно акцијата веќе се одвивала.

Катастрофално менаџирање на потрагата по правда

Во текот на изминатава година, судскиот случај „Пулс“ прерасна во стрес-тест за државата. Процесот почна со еден мега-процес, но во моментов веќе се водат четири паралелните судски постапки. Со самото тоа се наметнува императивот и во „главниот“ предмет да биде кристално јасно што точно се докажува, кому точно му се утврдува вина и како правдата ќе стаса во разумен рок.

Најголемата опасност не е фактот дека процесот може да прерасне во маратон, туку чувството дека со вакво насочување судската постапка – водено од популистички, можеби дури и од политички мотиви театрално да се демонстрира лажна волја масовно и експресно да се покаже прстот на „виновниците“ за трагедијата – до правда, едноставно, тешко ќе се дојде. Во овој момент никој реално не може да го обвини Судот за катастрофалното менаџирање на процесот, бидејќи во оваа фаза на постапката тој има повеќе или помалку врзани раце. Сето внимание е насочено кон Обвинителството, од каде се очекува конечно да се слушне гласот на разумот.

Извор: ПлусИнфо.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published.

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Повик за финансиска поддршка на проекти за еднакви можности во Битола

Следно

Декласифицирани документи на ЦИА: Глигоров не прифатил 100 милиони долари за промена на името

Latest from Blog

Градоначалникот Коњановски го поздрави големиот настап на РК „Еурофарм Пелистер“

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, вчера ја истакна важноста на спортскиот епитет на градот, по повод големиот ракометен ден. Денот започна со третиот потпис на ракометната платформа, што ја потврдува посветеноста

Стентон Градба го модернизира возниот парк – 10 четириосовински камиони за подобра транспортна логистика

Градежната компанија „Стентон Градба“ ја зајакна својата транспортна логистика со набавка на 10 нови камиони – четириосовинци (8×4), наменети за работа на терен и транспорт на материјали во рамки на тековните и

Декласифицирани документи на ЦИА: Глигоров не прифатил 100 милиони долари за промена на името

Киро Глигоров, широко познат како „Старата лисица на Балканот“, останува една од најенигматичните и најстратегиските фигури на југословенската транзиција. Документи што неодамна се декласифицирани од архивите на американската разузнавачка служба – ЦИА

Повик за финансиска поддршка на проекти за еднакви можности во Битола

Општина Битола, објавува јавен повик за поддршка на проекти и програмски активности на здруженија на граѓани/ фондации кои работат во областа на еднаквите можности. Предмет на Јавниот повик е прибирање понуди за

Португалија им дозволи на САД да ја користат базата „Лахес“ на Азорските Острови за време на нападите врз Иран

Португалскиот премиер Луис Монтенегро вчера ја бранеше својата одлука да им дозволи на САД да ја користат воздухопловната база „Лахес“ на португалските Азорски Острови за време на нивната кампања за бомбардирање против
Go toTop