Ф-16ките можат да и помогнат на Украина, ама не и против Русија

3 mins read

Иако нема сомнеж дека американските авиони ќе бидат значителен апгрејд на застарената украинска флота од времето на СССР, тие нема да бидат ни приближно одлучни во борбата против Русите како што тоа го мислат Украинците. Процената е дека употребливоста на американските авиони ќе биде ограничена на одбрана или ангажман во крајно-ризични операции.

„Меѓутоа Ф-16ките кои најверојатно ќе и бидат испратени на Украина и понатаму ќе имаат инфериорен радар и ракети со пократок домет отколку најмодерните руски авиони и противвоздушна одбрана,“ пишува Марк Чемпион во текстот за Блумберг.

Неговата процена е дека Украинците ќе треба да ги снижат своите очекувања во кои се надеваат дека Ф-16ките ќе им помогнат да постигнат воздушна доминација или да ги соборуваат руските крстосувачки ракети и најнови модели на авиони, да уништуваат војска и артилерија на фронтот, па дури и да потопуваат бродови од црноморската флота.

Доколку украинските пилоти се обидат со Ф-16ките да се приближат на фронтот за да уништуваат или пресретнуваат, најверојатно ќе добијат предупредување дека се откриени од непријателски радар, пред да можат да испукаат ракета.

„Се што можеш да се надеваш е да нурнеш кон земја и да најдеш рид што ќе се испречи меѓу тебе и системот за наведување на непријателската ракетата. Без оваа заштита шансите за преживување не ти се големи,“ објаснува поранешниот пилот на Ф-16 на американската авијација, Џон Венабл.

Ваквите маневри се речиси неизводливи на бескрајните рамници на југот од Украина, додека на ридестиот исток, Украинците ќе треба да ги прават истите маневри што сега ги прават со застарените Мигови и Сухои, со кои се до последен момент летаат што е можно пониско пред наеднаш да се издигнат пред самиот напад.

Во пракса ова значи нагло искачување под агол од 30 степени и преживување на четири или пат пати поголема гравитација од вообичаеното пред да ги испукаат своите проектили по што повторно веднаш се нурнуваат. Проблемот е што шансите да погодиш нешто со еден проектил се ограничени а по првичното изненадување ќе ги откриеш сите авиони што летаат со тебе. Процената на Венабл е „така ништо нема да погодиш“.

Друг американски воен пилот со 151 воена мисија во Заливските војни и НАТО бомбардирањето на Југославија, Ден Хамптон, смета дека очекувањето на Украинците со Ф-16ките да соборуваат крстосувачки проектили се непрактични, бидејќи речиси и да нема време за реакција од моментот кога радарот го открива крстосувачкиот проектил до неговиот удар во метата. За Ф-16 да успее во ова, Хамптон проценува дека авионот треба да мине „премногу скапоцени часови во лет да кружи и да чека.“

Процената на Хамптон е дека Ф-16ките е можно да имаат шанси против С-400 системите, но тоа ќе зависи исклучиво од начинот на кој системот е интегриран со останатото ПВО на теренот.

Без разлика на борбените ограничувања против Русите, Хамптон смета дека најголемата вредност на Ф-16ките ќе биде како јасен сигнал за долгорочната соработка и сојузништво на Украина со Западот, и како силен сигнал за украинскиот морал.

Доколку не се претераните очекувања на Украинците, Ф-16ките може да бидат прифатени и како пристојна замена и надградба на постојната воена флота на земјата, која иако ќе биде унапредена, нема да ги има боговските капацитети што тие ги очекуваат.

Кога на оваа математика ќе се додадат парите, Венабл проценува дека можеби средствата потребни за купување на прописно опремени Ф-16ки е подобро да бидат искористени на копнени ПВО системи и друго оружје.

Пример една ЈАССМ стелт крстосувачка ракета чини над 1 милион долари. Математиката на Венабл е дека за уништување на една цел се потребни неколку вакви ракети, па само една мисија со 4 Ф-16ки вооружени со по две ЈАССМ ракети би чинела 8 милиони долари.

Плус на ова е самата цена на авионите. Ако на Украина и се испорачаат истите модели со истата опрема какви што и беа продадени на Бугарија, тогаш тие ќе чинат по 209 милиони долари од авион. Пример постарите Ф-16ки што ги купи Италија во 2015 чинеа 23,8 милиони од парче.

Минатата недела и генералот на американските сили, Марк Мајли, објасни дека не е наклонет кон испорака на Ф-16ки на Киев бидејќи тие нема да бидат „магичниот куршум“ како што Украинците се надеваат.

Објаснувајќи дека Русите имаат 1.000 ловци од четврта генерација, генерал Мајли ја даде следната математика:

„Ако ги видиш Ф-16ките, 10 Ф-16ки чинат милијарда долари, цената за нивно одржување е уште милијарда, значи зборуваме за околу 2 милијарди долари за 10 авиони.“

Според него ако до сега на Украина и беа испратени Ф-16ките, тие ќе ги „изедеа“ парите за другото оружје што им беше испратено на Украинците и им помогна на фронтот.

„Во војна не постои магично оружје, ниту Ф-16ките, ниту што било друго,“ порачал Мајли.

ИЗВОР: off.net.mk

Претходно

Дипломска претстава „Стари фотографии“ на студентите од Факултетот за драмски уметности-турска катедра

Следно

Бектеши: Од 1 јули нема да се плаќаат повисоки сметки за струја

Latest from Blog