Дали „војната на Путин“ навистина е само војна на Путин?

4 mins read

Кога би биле руска мајка, дали попрво би верувале дека син ви го дал својот живот херојски борејќи се против украински нацисти, или дека загинал масакрирајќи невини цивили? Ќе да е првото. Не е лесно да се признае – пред себе и пред другите – дека живеете во земја што уби десетици илјади Украинци, или дека бесмислено ги жртвуваше животите на своите луѓе. 

Сепак, едно е да замижувате пред вистината, а сосема друго да ви биде испран мозокот. Западот е опседнат со идејата дека „војната на Путин“ не е војна на Русија, и дека Русите ја поддржуваат само затоа што се претворени во зомбија од страна на тоталитарниот режим. На тој начин од дрвата не ја гледа шумата. 

Независните анкети покажуваат дека 75% од Русите ја одобруваат војната, стапка што е релативно стабилно од март 2022-ра, иако малку се заниша кога во септември беше воведена мобилизацијата. Слично, поддршката за Путин останува на високи 80%, некои 15-20% повеќе од пред инвазијата. Секако, анкети на јавното мислење во авторитарни земји треба да бидат земени со резерва: студија на политиколозите Филип Чапковски и Макс Шуаб спроведена во јуни 2022-ра проценила дека околу 10 до 15% од Русите можеби лажат на анкетите за војната.

Останува дека мнозинството сепак ја поддржува. 

Уште од руската инвазија на Крим во 2014-та, обичните Руси му помагаат на Путин во создавањето на наративот околу инвазијата. Во тие рани денови, луѓето лесно можеа да застанат на страна на опозицијата или западните медиуми на руски јазик, но мнозинството избра да ја слуша – и пренесува – приказната за украинските нацисти под влијание на злите сили од Западот. 

Руските ТВ канали за вести, кои долго време се медиуми на кои највеќе им се верува, особено постарите, се налепија на ова популарно мислење. Навино е да се мисли дека би можеле да поминат со нешто друго, имајќи во обзир дека приходите ги обезбедуваат од реклами. Дури и денес, продуцентите прават емисии затоа што им носат пари, а не само затоа што ја поддржуваат државната пропаганда (иако мораат да останат во добри односи со Кремљ). Потребата за руска пропаганда по инвазијата беше толку голема што некои канали емитуваа про-воени содржини и по десет часа на ден. После шест месеци, откако публиката малку се засити од таква содржина, а помалку публика значи помал приход од реклами, каналите ги заменија воените содржини со сапуници, спортски и лајфстајл емисии. 

Русите не се целосно зависни од националните телевизии кога станува збор за вести. Обичните луѓе сè уште можат да читаат и гледаат алтернативни извори користејќи VPN, што го прави секој четврти Русин. Дури и без VPN, интернетот е генерално слободен, можеби манипулиран, а социјалната апликација Телеграм служи како нецензуриран извор на вести за околу 40 милиони Руси. Користењето на Телеграм се зголеми тројно од почетокот на војната, а од десет политички канали, девет се про-војната. Јасно е дека ова се наративите што Русите ги бараат и одбираат да им веруваат. 

Како специјалист за руска пропаганда, имам анализирано десетици илјади про-воени Телеграм постови и медиумски објави, идентификувајќи три главни наративни групи, или теми, за кои заедничко е верувањето дека Украинците се всушност Руси и дека Украина не е вистинска држава. Првата група се потпира на митологијата од Втората светска војна, и смета дека Русите не се борат против Украина туку против нацизмот, кој повторно се појавил во Украина за што сведочи „геноцидот на руското население во Донбас“. Втората група ги замислува Русите како „несфатени ангели“ кои ги ослободуваат Украинците. Кај оваа група присутни се истите оправдувања како оние кои Западот ги користи за своите војни на Блискиот исток: дека бомбардираш некого за да го ослободиш.  

Третата категорија ја доживува Русија како аутсајдер, кој се бори против русофобичната воена машинерија и злонамерните платеници на НАТО. Во комбинација со влијанието на санкциите, овој аргумент привлече дури и некои од урбаните и образовани Руси, кои сега се чувствуваат како жртви и на сопствената влада, но и на Западот. За многумина во сиромашните региони, особено тие што се граничат со Украина, воената помош од НАТО само го потврдува нивниот сомнеж дека Запад сака да ја уништи Русија, како претходно со Хитлер, како уште пред тоа со Наполеон. 

Прашани кој освен Путин е заслужен за војната, интелектуалната руска елита често го посочува совок, односно Хомо Советикусот, под што подразбираат советски-моделирани послушници кои се научени беспоговорно да го следат водачот. Не многу различно од либералите од северен Лондон кои секој што гласаше за Брегзит го гледаа како идиот или расист, или американските елити кои гласачите на Трамп ги сметаа за фашисти, и руските елити гледаат на својата земја од височина. Како што писателот Николај Гогољ рече: „Во Русија владее големо незнаење за Русија. Сите живеат во странските списанија и весници, а не во својата земја.“

Во моите разговори со западно-настроени антивоени Руси од средната класа, тие инсистираат дека не познаваат никој што ја поддржува војната (иако про-воените Руси живеат во сличен меур, што го рефлектира високото ниво на поларизација во руското општество) и зборуваат со презир за оние што ја започнаа. 

Таквиот снобизам ја прикрива пошироката слика.

Популарното верување на Западот и меѓу руската антивоена елита дека обичните Руси се зомбифицирани да ја поддржуваат војната што всушност ја мразат е само уште еден облик на пропаганда, кој одбива да прифати дека интелигентни луѓе можат да дојдат до поинакви перспективи. Наместо да се бават со сложеноста на начините на кои обичните Руси ги оправдуваат или дури одобруваат ужасните злосторства против невини луѓе, некои западни коментатори бираат целата вина да ја персонализираат и префрлат на еден човек. 

Се разбира, постојат владини организации кои работат на тоа да влијаат на јавното мислење, но тие не можат да ги наведат луѓето да веруваат во сè што ќе посакаат. Таквите агенции се потпираат на веќе постоечки уверувања и настојуваат да изолираат настани, приказни и мотиви кои органски резонираат со луѓето, користејќи ги да ја насочат јавноста во посакуваниот правец. На пример, руските медиуми и политичари за војниците често велат дека се наследници на херојската Црвена армија за да добијат поддршка за војната. Но, пропагандата делува различно на различни луѓе. Оние кои се отрпнати, или се скептични кон такви патетични наративи, тоа ги води само кон поголема апатија. И затоа често има повеќе смисла да се зборува за руско прифаќање или одобрување одошто за поддршка на војната. 

Не е за изненадување што Русите се определуваат за утешни лаги и искривени митови – и важно е да разбереме зошто. Но, можеме да ја препознаеме длабоко неправедната состојба во која се наоѓаат обичните Руси, без да тврдиме дека големи делови од руското општество се противи на варварската војна на Путин во Украина.

Џејд МекГлин
UnHerd

ИЗВОР: off.net.mk

Претходно

Челси заинтересиран за Нејмар

Следно

Шпанија: Се дозволува „менструално отсуство“ од работа

Latest from Blog