Се очекува британската министерка за финансии, Рејчел Ривс, денеска од Вашинтон да ја потврди траншата од 752 милиони фунти како дел од кредитот за Украина вреден 3,36 милијарди фунти, наменет за финансирање воена опрема, вклучително ракети со долг дострел, системи за противвоздушна одбрана и дронови.
Ривс изјави дека средствата ќе и помогнат на Украина да ја обезбеди неопходната воена опрема за одбрана од руската агресија, додавајќи дека Велика Британија ќе продолжи со поддршката.
Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, на денешниот состанок на Контакт-групата за одбрана на Украина во Берлин се очекува да го презентира најголемиот пакет дронови за украинската војска, што предвидува испорака на 120 илјади беспилотни летала.
Пакетот содржи офанзивни дронови со долг дострел, извидувачки и логистички дронови, како и поморски дронови, од кои дел се од британско производство.
Хили изјави дека таквата поддршка ќе значи зајакување на украинските одбранбени сили, како одговор на руските напади.
Дроновите се повеќе играат клучна улога во конфликтот во Украина. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, неодамна соопшти дека украинските сили за првпат извеле акција за преземање контрола врз руска позиција, притоа користејќи исклучиво далечински управувани пешадиски средства и дронови.
Извор: vecer.mk


