Бразил: Бројот на уапсени приврзаници на Болсонаро порасна на околу 1 500

1 min read

Запленети се и околу 40 автобуси кои ги користеле демонстрантите

Фото: EPA-EFE/ANDRE BORGES

Бројот на уапсени ултрадесничари во Бразил, приврзаници на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, кои вчера упаднаа во Конгресот, претседателската палата и Врховниот суд порасна на околу 1 500.

Денеска се уапсени околу 1 200, додека вчера полицијата приведе околу 300.

Покрај приведувањата, бразилскиот министер за правда Флавио Дино објави и дека се запленети околу 40 автобуси кои ги користеле демонстрантите.

Немирите во Бразил се случија една недела откако новиот претседател Луис Инасио Лула да Силва положи заклетва и ја презеде функцијата. Нападот на институциите тој го оцени како терористички акт и вети казна за сторителите.

Неговиот претходник Болсонаро, чиј поддржувачи извршија упад, не го призна поразот и отпатува во САД пред да се случи примопредавањето на власта. Неофицијални информации говорат дека тој се наоѓа во болница во Флорида.

Во драматичните сцени вчера од Бразил можеше да се види како илјадници демонстранти – ултрадесничари облечени во жолто-зелени фудбалски дресови и бразилски знамиња ги пробиваат полициските кордони и дивеат во трите институции, ги вандализираат претседателските канцеларии, талкаат по ходниците итн.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Маричиќ: Сите да се фокусираме на реформите и уставните измени

Следно

Николоски: Со промена на власта, со предвремени избори работите во државата ќе почнат да се средуваат пополека, расположението кај граѓаните ќе биде на подобро

Latest from Blog