Сања Божиновска изјави дека со новиот модел на снабдување со електрична енергија може да се очекува намалување на цената за домаќинствата, но предупреди дека берзата останува променлива и непредвидлива.
Од следната година ЕСМ ќе обезбедува за Универзалниот снабдувач 70 отсто од потребната електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, наместо досегашните 100 проценти. Останатите 30 проценти ќе се набавуваат на слободниот пазар, каде цените зависат од берзанските движења.
Божиновска нагласи дека моменталните состојби на европските берзи, каде во одредени периоди има и ниски или нулти цени поради зголемена понуда на струја, создаваат услови за поевтинување. Сепак, таа посочи дека трендовите може брзо да се променат.
„Ако ги гледаме цените како се нула во овој период и колку многу има повеќе електрична енергија, јас мислам дека може да се очекува намалување на овие цени. Меѓутоа тоа е сепак берза што значи дека може да има и скокови и падови“, изјави таа.
Таа додаде дека прашањето за тарифните блокови за електрична енергија, воведени за време на енергетската криза, е во надлежност на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, но доколку институцијата побара, Министерството ќе даде свое мислење.
Според податоците, ЕСМ моментално ја продава електричната енергија на Универзалниот снабдувач по цена од околу 65 евра за мегават-час, додека производната цена изнесува околу 100 евра. Нова корекција на цените се очекува следната година.
