Климатските промени и фалсификуваниот мед се најголемите закани за македонското пчеларство, а зачувувањето на автохтоната македонска пчела е прашање за иднината на земјоделството и за безбедноста на храната. Во интервју за весникот ВЕЧЕР, ова го потенцираше претседателот на Пчеларската федерација на Македонија, Игор Илков. Тој е производител на висококвалитетен мед и на пчелни производи, кој активно работи на промоција на пчеларството и на заштита на автохтоните пчели во регионот. За весникот ВЕЧЕР, вели дека климатските промени и фалсификуваниот мед се најголемите закани за македонското пчеларство, а зачувувањето на автохтоната македонска пчела е прашање за иднината на земјоделството и за безбедноста на храната.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Медот бил, е и останува еликсир на животот. Тој е високохранлива и квалитетна материја, со широк спектар на превентивно и лековито дејство. Тој е многу важен дел од исхраната и лек за малите деца, за организмот што се развива и расте, за луѓето што заостануваат во развојот, за анемичните и слаби луѓе во поодмината возраст. Со еден збор, медот е корисен за секој човек. Македонија е земја што ги нуди најповолните услови за одгледување пчели. Имаме прекрасни шуми и пасишта, кои се богати и погодни за медоносната паша на пчелите, која, пак, е од најголемо значење за производството на квалитетен мед, како и на други пчелни производи. За пчеларството во Македонија, за предизвиците пред кои се исправени пчеларите, за автохтоната македонска пчела и дали може да се живее од производството на мед, разговараме со Игор Илков, дипломиран биотехнолог, пчелар од гевгелиското село Негорци и актуелен претседател на Пчеларската федерација на Македонија. Тој е производител на висококвалитетен мед и пчелни производи, кој активно работи на промоција на пчеларството и на заштита на автохтоните пчели во регионот. За весникот ВЕЧЕР, вели дека климатските промени и фалсификуваниот мед се најголемите закани за македонското пчеларство, а зачувувањето на автохтоната македонска пчела е прашање за иднината на земјоделството и за безбедноста на храната.
Какво е значењето на пчелите за растителниот свет и воопшто за животот на Земјата? Се вели дека доколку изумрат пчелите, животот на Земјата ќе згасне.
Пчелите, вклучително и медоносните пчели, се сметаат за еден од најважните столбови на животот на нашата планета. Тврдењето дека „ако изумрат пчелите, човештвото би имало само неколку години живот“ (често припишувано на Ајнштајн), можеби, е драматично, но суштината е точна: последиците би биле катастрофални, затоа што 75-80 % од сите цветни растенија во светот зависат од опрашувањето од инсекти, а пчелите се најефикасни меѓу нив. Без пчелите, би исчезнале повеќето овошја и зеленчуци (слива, праска, цреша, јаболко, јагода, бадем, кромид, зелка, пиперка, брокула). Би се загубила сточната храна (како детелината), што би довело до драстичен пад во производството на месо и на млечни производи. Исхраната на човекот би станала монотона и сиромашна со витамини, сведувајќи се, главно, на пченица, ориз и на пченка (кои се опрашуваат со ветар).
Седиштето на Пчеларската федерација е во Гевгелија. Зошто токму во овој наш јужен град?
Во Гевгелија е детерминирана најчистата генетска линија на нашата автохтона медоносна пчела A.m.macedonica. Во овој град е регистрирано здружението „Нектар Гевгелија“, кое е воедно и првото пчеларско здружение формирано во Гевгелија во далечната 1976 година. Тука се регистрирани Здружението „Македонска пчела – Mac Beе“, чија основна дејност се селекцијата и зачувувањето на автохтоната македонска медоносна пчела A.m.macedonica, и Адружението „Апитоксин“, кое како основна дејност ги има апитерапијата и апи-туризмот. Пчеларската федерација е чадор организација на сите пчеларски здруженија во Македонија.
Каква е актуелната состојба со пчеларството, производството на мед и на други пчелни производи во Македонија и со какви проблеми се соочуваат пчеларите?
Во Македонија, моменталната, но и повеќегодишна состојба во пчеларството не е задоволителна. Пред сè, поради климатските промени, пчеларите имаат огромен притисок и предизвик во извршувањето на секојдневните обврски во пчеларството. Работењето на отворено и директната завист од временските услови прават секоја последователна година да биде потешка од претходната, а приносите се намалуваат од година на година. Ние, пчеларите, зависиме директно од природата. Доколку ни се благонаклонети временските услови, ние ќе добиеме производ, но доколку не ни е благонаклонето времето, ние мораме да инвестираме во одржувањето на нашите пчели за следната година. Морам да споменам дека битен фактор при опишувањето на климатските промени е и одгледувањето автохтони популации на пчели. Пчели што се аклиматизирани на локалните услови на живеење и што многу полесно ќе се приспособат на промените што настануваат. За разлика од нив, некои хибриди и видови пчели што не се автохтони не може да го направат тоа благовремено и, за жал, исчезнуваат. Еден од најголемите проблеми, ако не и најголем, на секој професионален пчелар е нелојалната конкуренција на пазарот, кој е преплавен со фалсификуван производ, кој го декларираат како мед, но, всушност, не е или се работи за некој увозен мед што нема никаква информација за потеклото и за составот. Но, за жал, економската состојба на населението, од друга страна, ги насочува кон купување поевтино, без притоа да внимаваат што купуваат и без да ги прочитаат етикетите.
Колкав е бројот на пчелари во Македонија, со колку пчелни семејства располагаат и особено каква е бројноста во гевгелиско-валандовско-дојранскиот крај?
Во Македонија, според податоците од МЗШВ, се регистрирани околу 6.000 одгледувачи на пчели, со повеќе од 300.000 пчелни семејства. А во Општина Гевгелија, односно и во соседните општини Богданци, Дојран и Валандово, од каде што и има членови Здружението на одгледувачи на пчели „Нектар“ – Негорци, има регистрирано повеќе од 100 одгледувачи на пчели, со нешто повеќе од 3.000 пчелни семејства.
Apis Mellifera Macedonica е автохтониот вид пчела што го има во Македонија. Вие сте основач на Здружението „Mac Bee“, кое особено им се посветува на македонската пчела и на нејзината заштита.
Токму така, „Mac Bee“ или Македонско здружение за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела е здружение формирано со цел преку селекција на A.m.macedonica, да дојде до нејзино подобрување, промоција и зачувување на генетиката на овој подвид медоносна пчела, која е наша гордост бидејќи е автохтон подвид пчела во Република Македонија. На селекцијата на A.m.macedonica работиме од 2011 година, преку тест-пчеларници. Притоа, за нешто повеќе од една деценија, постигнавме значителни резултати во подобрувањето на нашата автохтона медоносна пчела, а највоочлив кај пчеларите е темпераментот на пчелата.
Каква е поддршката на државата за оние што ќе се решат за производство на мед?
Вообичаено, државата носи програма за директно плаќање, програма за рурален развој, програма за органско производство и програмата за ИПАРД. По сите овие програми, има можности да се добие поддршка за одгледувачите на пчели и за добивање пчелни производи. Не би навлегувал подетално во мерките од програмите, бидејќи има сè повеќе конкретни услови што треба да бидат исполнети за да може да се добие одредена поддршка.
Дали е доходовна оваа стопанска гранка, дали може да се живее од производството на мед?
Пчеларството е доходовна гранка, но бара многу вложување како финансиски така и временски, а особено работна рака. Многумина мислат дека е едноставно пчеларството и дека е доволно само да ги ставите пчелите во некој дрвен сандак, па да извадите мед. Но не е така, пчеларството има доста работа, дури и во месеците кога не е присутен во пчеларникот, пчеларот, во работилницата, ги подготвува репроматеријалите за претстојната сезона. Може да се живее од пчеларството, но треба пчеларот да му биде професионално посветен, да има релативно голем број пчелни семејства (400-500 пчелни семејства), да ги собира сите пчелни производи, мед, полен, перга, прополис, восок, пчелин отров, пчелни роеви, пчелни матици. Исто така, да има организирано и продажба на своите производи, а особено добар маркетинг за продажба.
Каков е интересот на младите за пчеларството?
Во последните пет-шест години, сè поголем број млади лица се заинтересирани за одгледување пчели. Интересен е фактот што сè повеќе жени почнуваат да се занимаваат со одгледување пчели. Но, не за производство само на мед туку и ги користат медот и пчелните производи како суровина за производство на козметички препарати и препарати за нега и убавина. Секако, и производи од мед и пчелни производи со додадена вредност, односно производство на мед и на разни лековити и зачински растенија, мед со јаткасто овошје и слично.
Како да се заштитат потрошувачите од оние што произведуваат „фалсификуван“ мед? Дали, можеби, треба да си одберат свој „матичен“ пчелар, по примерот на матичните лекари?
Најболната тема на еден пчелар, но и на секој консумент на мед и на пчелни производи. За жал, денес органолептички не можеме да препознаеме дали е фалсификуван медот или не. Кристализацијата на медот повеќе не е знак за чистотата и за квалитетот на медот. Како сигурен метод за проверка на чистотата на медот, јас, како пчелар, препорачувам исклучиво да се направат хемиска, микробиолошка и поленска анализа на медот. Но, тоа е релативно скапа процедура, која еден консумент не би можел да си ја дозволи бидејќи чини и до неколку стотици евра од примерок. Но, затоа секој консумент може да си купи мед од пчелар што го познава, пчелар од кого неговиот пријател купил мед, пчелар што е регистриран во МЗШВ, има евидентирано објект за продажба од куќен праг во АХВ, пчелар што е од вашиот град или село, пчелар што ќе го имате како матичен пчелар и во кого ќе имате целосна доверба дека ќе ви продаде чист пчелин мед, без додатоци од сахароза или разни фруктозно-глукозни сирупи, кои се содржани во оној евтин увозен, таканаречен мед на полиците.
Какви активности подготвувате во Пчеларската федерација за во идниот период?
Пчеларската федерација на Македонија, од реосновањето, континуирано работи на едукацијата на пчеларите за производството и за пласманот на пчелните производи, а особено на примената на европските закони поврзани со секторот пчеларство и продажба на пчелни производи. И тоа сè со цел што побрзо да се приспособиме на европските прописи и да можеме да ги пласираме нашите пчелни производи, без никакви пречки во делот на производството и на пакувањето, покрај на нашите, и на европските пазари.
Извор: zurnal.mk


