Бектеши: Сигурен сум дека од утре тестенините и млечните производи ќе бидат поевтини за 15 и за 10 отсто, очекувам сите да ја почитуваат одлуката

2 mins read

Според него, не се очекува недостиг на производи, иако Министерството за економија има механизми со кои може да реагира веднаш

Сигурен сум дека од утре цените на тестенините и млечните производи во малопродажбата ќе бидат намалени согласно владината одлука, за 15 и за 10 отсто, изјави во вечерашната „Топ тема“ на Телма, министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој потсети дека оваа мерка е донесена врз основа на детални анализи и ниту една компанија, како што напомена, не трпи штети. Ако по 31 мај цените се нелогични, како што рече Бектеши, ќе следува повторно замрзнување.

„Сигурен сум дека владината одлука ќе се применува. Јас сум убеден дека ќе се намалат профитните маржи за да не се оштетат земјоделците. Ако видиме дека има притисок врз земјоделците, тогаш ќе следуваат нови одлуки. Земјоделците нема да бидат оштетени, како што нема да бидат оштетени ниту трговците и производителите. Компаниите само ќе немаат дел од планираните профити. Утре очекувам во маркетите сите да работат согласно мерките“,

истакна Бектеши.

Според него, не се очекува недостиг на производи, иако Министерството за економија има механизми со кои може да реагира веднаш.

„Има институции кои прават контроли на пресметките, не ги носиме одлуките напамет, туку врз основа на детални анализи. Сите цени на суровините се паднати. Сите мора да работат согласно одлуките, очекувам дека тоа ќе го направат. Ниту една компанија нема да има загуба зашто е даден дозволен процент на профитна маржа, што значи дека не се укинува одлуката за маржите, тоа продолжува да важи, само паралелно се замрзнуваат цените“,

потенцира министерот.

Тој уште еднаш повтори дека нема потреба од активирање на стоковните резерви зашто моментната цена на брашното во земјава е 26–28 денари, што е големо намалување за речиси 20 отсто од претходниот период.

Од утре пазарните инспектори ќе бидат на терен и ќе проверуваат дали трговците ги намалиле цените на тестенините и млекото и млечните производи.

„Одлуките на Владата за намалување на цените на тестенините и млечните производи се донесоа пред речиси една седмица, а од утре веќе и официјално стапуваат во сила, и трговците досега требаше да ги усогласат цените според Одлуките на Владата. Од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со Одлуките. Инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуваат од Одлуките, а согласно тоа и според Законот за трговија. Станува збор за искусни професионалци, со долгогодишно работно искуство во сферата на пазарната инспекција, што значи дека сме апсолутно подготвени да се соочиме и со овој предизвик“,

информираа денеска од ДПИ.

Контролите, како што соопштуваат оттаму, ќе се вршат на неварени тестенини, неполнети ниту поинаку приготвени, што не содржат обично пченично брашно или гриз, без додаток на јајца и чија цена треба да се намали за 15 отсто. Инспекторите ќе проверуваат и дали за 10 отсто се намалени цените на трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, урдата, кравјото и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал, со исклучок на кравјиот кашкавал без додатоци и пармезанот, киселото млеко, павлаката и јогуртот кој е без додатоци.

Владата донесе одлука и им даде рок од речиси една недела, односно до 16 март, на трговците и производителите да ги намалат цените на тестенините и на млечните производи за 15, односно за 10 отсто.

Одлуката ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Египетската полиција ги уапси крадците во домот на Салах

Следно

Канада ќе испрати муниција и противвоздушни ракети во Украина

Latest from Blog