Во Пакистан почнува дводневен самит на владините лидери на Шангајската организација за соработка

1 min read

ИСЛАМАБАД (АА) – Денес во главниот град на Пакистан, Исламабад, започна дводневниот самит на владините лидери од Шангајската организација за соработка (ШОС), на кој ќе присуствуваат премиери и високи претставници од 12 земји, јавува Анадолу.

Со 23. состанок на Советот на шефови на влади на земјите членки на ШОС претседава пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.

Меѓу учесниците се кинескиот премиер Ли Кианг; рускиот премиер Михаил Мишустин; премиерот на Киргистан, Акилбек Жапаров; премиерот на Узбекистан, Абдула Арипов; белорускиот премиер Роман Головченко; премиерот на Таџикистан, Кохир Расулзода и премиерот на Казахстан, Олжас Бектенов.

На самитот присуствуваат и индискиот министер за надворешни работи С. Џаишанкар и иранскиот министер за рударство и трговија Сејед Мохамад Атабек.

На самитот како член набљудувач присуствува монголскиот премиер Ојун-Ерден Лувсаннамсраи, а специјален гостин е министерот за надворешни работи на Туркменистан, Рашид Мередов.

На самитот ќе бидат опфатени низа прашања, вклучително економската и трговската соработка, еколошките иницијативи и социокултурните врски меѓу земјите членки. Според пакистанското Министерство за надворешни работи, се очекува лидерите да донесат клучни одлуки насочени кон унапредување на соработката во рамките на организацијата и одобрување на буџетот на ШОС за следната година.

За да се осигури безбедноста на самитот, Пакистан презеде обемни безбедносни мерки во главниот град, а околу 10.000 припадници на безбедносниот персонал се распоредени низ Исламабад и соседниот Равалпинди.

Во ШОС, која е основана во 2001 година во Шангај, првично имаше шест земји: Русија, Казахстан, Киргистан, Кина, Таџикистан и Узбекистан. Индија и Пакистан се вклучија во 2017 година, потоа Иран во 2023 година и Белорусија оваа година.

Во организацијата се вклучени и две земји набљудувачи, Авганистан и Монголија, и 14 партнери во дијалогот, вклучително и Туркије.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

Ковачки на теренска посета и состаноци на Парламентарното собрание на НАТО во Грција

Следно

ВИДЕО: Роналдо збесна по оваа одлука на судијата, Португалецот испрати серија вербални навреди

Latest from Blog