Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска во својот кабинет ги пречека учениците Теодора, Анастасија, Александра, Давид и Мартина од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, кои го освоија првото место на натпреварот по циркуларна економија, одржан на Економскиот факултет во Прилеп.
Учениците, под менторство на професорката Виолета Секулоска, се претставија со проектот „RERUBIX“ – иновативно решение за рециклирање на отпадни гуми и нивна пренамена во безбедни подлоги за детски игралишта, велосипедски полигони и заштитни елементи во сообраќајот.
Како што истакна Проданоски, станува збор за проект кој не само што придонесува за намалување на отпадот, туку и за унапредување на јавниот простор и создавање побезбедна средина за граѓаните, особено за најмладите.
Посебен сегмент од решението се паметните безбедносни бариери изработени од рециклирани гуми, кои се дизајнирани да апсорбираат удари и значително да го намалат ризикот од повреди кај децата и велосипедистите, што го прави проектот практичен и високо безбеден.
„Овој успех е резултат на знаење, тимска работа и визија. Прилеп има млади кои не само што учат, туку и создаваат решенија за реални предизвици“, нагласи градоначалникот.
Тој додаде дека локалната самоуправа ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи и да биде партнер на младите во реализација на нивните идеи.
Проданоски упати искрени честитки до учениците и нивната менторка, посочувајќи дека тие се вистинска инспирација и гордост за Прилеп.


