Дали класичното новинарство умира? „Ќе има многу збогувања во редакциите. Еве кој ќе преживее“

March 19, 2023
3 mins read

(Јутарњи лист)

Директорот на германскиот медиумски концерн Аксел Спрингер најави отпуштања во Билд и Ди Велт како дел од транзицијата кон дигитален бизнис.

Извршниот директор на Аксел Спрингер, Матијас Допфнер, во вторникот испрати е-пошта до вработените во која најави отпуштања во Билд и Ди Велт, бидејќи тие продолжуваат да се трансформираат во „чисто дигитална медиумска компанија“ со цел да ги зголемат приходите. Компанијата е економски успешна, економските цели се постигнати и надминати во 2022 година, но менаџментот сака да ја зголеми заработката во Германија за 100 милиони евра во следните три години со зголемување на продажбата и намалување на трошоците, со што компанијата ќе биде економски успешна во иднина.

Во интервју за германската новинска агенција ДПА, Допфнер изјави дека по 2021 година вторпат по ред имале двоцифрен раст на продажбата, каков што не забележале четири децении. Продажбата изнесува околу 3,9 милијарди евра, а добивката околу 750 милиони. Дури 85 отсто од продажбата на Аксел Спрингер и повеќе од 95 отсто од профитот доаѓа од дигиталниот бизнис.

Германскиот медиумски концерн Аксел Спрингер меѓу другите ги поседува таблоидот Билд, најголемиот германски дневен весник и американско-европскиот портал Политико.

„Во секторите производство, графика, лекторирање и администрација, ќе има значително намалување на работните места“, напиша директорот Допфнер во е-пораката, пренесува германски Шпигел. Матијас Допфнер не прецизира колку вработени би можеле да бидат отпуштени, но посочува дека нема да се намали бројот на репортери, новинари или уредници специјализирани за одредена област. За да се задржат стандардите за новинарски квалитет, во тој дел ќе се инвестира, пренесува Тагесшпигел. „И во редакциите ќе се збогуваме со колегите доколку некои профили повеќе не одговараат на потребните вештини. Истовремено ќе отвораме и ќе укинуваме работни места. За тоа ќе има волонтерски програми“, напиша Допфнер.

Дигитален бизнис

Според писмото што Шпигел го добил на увид, на удар ќе бидат и „помошните функции“ и продукцијата во редакциите. Се планираат заштеди и во „сите оние области кои преку употреба на современи технологии стануваат сè помалку неопходни или дури и целосно излишни“. Аксел Спрингер моментално вработува околу 18.000 луѓе ширум светот. Меѓу нив има 3.400 новинари. Се повеќе се во САД, каде што Спрингер забележува огромен раст на пазарот.

Со оглед на тоа што 85 проценти од нивната продажба и повеќе од 95 проценти од профитот доаѓаат од дигиталниот бизнис, Аксел Спрингер веќе некое време најавува дека сака да излезе од бизнисот со печатени весници и да стане исклучиво дигитална компанија. „Нашата цел е „само дигитална““, напиша Допфнер. Сепак, печатењето е сè уште профитабилно и „незаменливо за читателите и огласувачите. Затоа целосната транзиција кон дигитална ќе потрае уште неколку години“, напиша извршниот директор на медиумскиот концерн.

Во писмото, Матијас Допфнер вели дека вештачката интелигенција „ќе го револуционизира новинарството и медиумскиот бизнис“. Вештачката интелигенција може да му помогне на новинарството и да го замени. „Вештачката интелигенција има потенцијал да го направи независното новинарство подобро отколку што било досега – или дури и да го замени“, предупреди Матијас Допфнер во интерното писмо до вработените. Алатките за вештачка интелигенција, како што е популарниот ЧатГПТ, ветуваат револуција, која наскоро ќе биде подобра во „собирањето информации“ од новинарите во живо, истакна тој. Разбирањето на оваа промена е клучно за идната одржливост на издавачките куќи, рече Допфнер: само оние кои ја создаваат најдобрата оригинална содржина ќе преживеат. Тој порача дека ако медиумските компании сакаат да ја преживеат вештачката интелигенција, мора да се концентрираат на истражувачко новинарство, авторски коментари и анализи.

Фиктивни референци и лажни цитати

BuzzFeed првпат објави во јануари дека планира да користи вештачка интелигенција за „подобрување“ на содржината и онлајн квизовите, според Гардијан. Британските Дејли Мирор и Дејли Експрес исто така ја истражуваат употребата на вештачката интелигенција: тие формираа работна група задолжена да го испита потенцијалот и ограничувањата на програмите како што е ЧатГПТ, велат тие за Фајненшл тајмс.

Од ноември минатата година, кога се отвори за корисниците, апликацијата со вештачка интелигенција ЧатГПТ привлече повеќе од 100 милиони корисници. ЧатГПТ ја актуелизира дебатата за тоа колку луѓе ќе останат без работа поради вештачката интелигенција. Апликацијата работи и на хрватски јазик и може, врз основа на вашите едноставни упатства, да произведува различни текстови, од есеи до апликации за работа. Апликацијата работи така што вчитува милијарди зборови од целиот веб, кои ги користи за производство на нови текстови. Но, нејзините одговори често се неточни, што е повидливо во хрватската верзија. Британски Гардијан објави дека австралиските академици пронашле примери како тој фабрикувал референци од веб-страници и дава лажни цитати. Неговата употреба во новинарството е сè уште проблематична. Технолошката веб-страница ЦНЕТ користи алатка за вештачка интелигенција за создавање написи, но уредниците кои ги контролираат написите мора постојано да ги коригираат грешките. И покрај ова, им се протнуваат текстови со погрешни информации, па се принудени да објавуваат деманти.

Во писмото до вработените, Матијас Допфнер зборува за главните цели за големите брендови во Германија: за Билд приоритет е опфатот, односно бројот на читатели, додека за посериозниот Ди Велтt целта се релативно високи и постојани дигитални претплати. Во есента 2021 година, Спрингер ја купи медиумската групација Политико, тие ги поседуваат брендовите Инсајдер и Морнинг Бру. Допфнер изјави дека тие се четврти по големина издавач во САД.

Матијас Допфнер за агенцијата ДПА најави дека неговата цел е да ја доврши дигиталната трансформација и да го претвори Аксел Спрингер во чисто дигитална компанија. Колку долго ќе се објавуваат печатените изданија на Билд и Ди Велт? „Не знам. Но, сосема е јасно дека еден ден нема да има печатени весници на Аксел Спрингер. Освен можеби специјални изданија“, вели Допфнер. Минатата година тиражот на печатеното издание на Билд падна под еден милион, додека продажбата на електронското издание расте. (МИА)

ИЗВОР: kurir.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Што содржи Анексот на Договорот за патот кон нормализација на односите на Белград и Приштина

Следно

Вучиќ претпладнево ќе се обрати за планот за имплементација

Latest from Blog

Мицкоски по повод 9 мај – Денот на Европа: Го славиме мирот, единството и заедничките вредности што не обединуваат како европски народи

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 9 мај – Денот на Европа. Како што вели, денес го славиме мирот, единството и заедничките вредности што не обединуваат како европски народи. „Нека ни

Косово: ДПК, ДСК и АБК потврдија дека ќе учествуваат на состанок кај претседателката Османи

Демократската партија на Косово (ДПК), која ја повика претседателката на Косово Вјоса Османи да свика средба со партиите за да се разговара за ситуацијата во собранието, потврди дека ќе учествува на состанокот

Ден на Европа 2025 – 75 години единство и солидарност

Европејците денеска го прославуваат Денот на Европа – 9 мај, одбележувајќи ја воедно и 75-годишнината од Шумановата декларација, која ги постави темелите на денешната Европската Унија и го трасираше патот кон нова

Во земјава се одбележува 9-ти Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

По повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, владина делегација денеска ќе положи цвеќе на спомен обележјето на Партизанските гробишта Бутел во Скопје.  Во делегацијата ќе бидат заменик претседателот
Go toTop