(ВИДЕО) Во „чевлите“ на лицата со попреченост – секојдневна битка да се влезе дома, во автобус, па дури и на доктор

May 2, 2023
7 mins read

„360 степени“ придружуваше три лица со попреченост при нивните обиди да добијат некаква јавна услуга. Ако мнозинството во земјата се жали, на пример, дека шалтерските служби се бавни, за лицата со попреченост услугите, најчесто, остануваат целосно недостапни

Вознемирувачки изгледа сликата која сведочи дека се потребни и по неколку луѓе, случајни минувачи, за да кренат лице со попреченост и неговото помагало во обид за влезе во автобус, пошта, болница…

Замислете, да немате услови да влезете во сопствениот дом. Фантазијата е неопходна за да се претстави таква ситуација, но не и за Игор Николовски. За него, тоа е реалност и секојдневен предизвик. Ниту со надградбата на неговата количка не може да ја искачи стрмната рампа за да влезе во својата зграда.

Игор Николовски, жител на Аеродром, во обид да ја искачи „рампа“ пред својот дом

Еве, тука живеам, во оваа зграда, и се обидувам да си одам дома. Не успевам, не успевам да се качам на рампата која е предвидена за нас, инвалидите“,

вели Николовски.

Поради таканаречената рампа, Игор мора да кружи 100-ина метри до место каде што има друга, прописно направена рампа. Таа е изградена за потребите на супермаркет во близина. Но, пристапот до дома не е единствениот проблем со кој се соочува секојдневно. Дента кога се сретнавме, со него го изодевме по патот по кој често се движи, до зградата на Општина Аеродром. Тротоарите по кои би требало да се движи со количката на одредени места се високи, па едвај ги искачува. Патот, пак, не е израмнет со години наназад.

Игор Николовски, жител на Аеродром

Живееме во град на ветувања на хартија. На хартија сè изгледа фино, сè е во ред и сè е средено, меѓутоа, фактичката состојба воопшто не одговара на тоа. На пример, јас како телесен инвалид, ако сакам да појдам до општина да извадам некој документ или извод од матично, физички не можам да пристапам до самиот објект, камоли да дојдам до шалтер и да поднесам барање“,

вели Николовски.

Пред Општината има метална рампа, но како и пред неговата зграда – човек во количка не може да ја искачи стрмнината. Демонстрирајќи колку е таа лошо изградена, се обиде неколкупати сам да се качи, но залудно. Вака, вели, е при секое негово доаѓање, а за да се искачи се потпира на добрината на граѓаните кои ќе се најдат во близина за да му помогнат.

Вакви примери вели Николовски има премногу, но лично за него најгорлив проблем е одењето во Здравствен дом. Како дијабетичар, тој секој месец мора да оди во поликлиниката да подигне инсулин. Иако би помислиле дека токму овие институции ќе бидат први соборци за олеснување на животот на лицата со телесна попреченост, реалноста е поинаква. Со Танталови маки, тој едвај успева да дојде до влезот на установата. Внатре не е ништо подобро… Поликлиниката која покрај приземјето има уште два ката каде што се наоѓаат матичните лекари и лабораторијата, нема ниту лифт ниту, пак, електрична рампа за лицата со попреченост.

И рампата пред поликлиниката во Аеродром е премногу остра, но Игор успева да се искачи со помош на оградата. Внатре, сепак, нема лифт или рампи за повисоките катови

Крвна слика јас не можам да направам. Доаѓаат долу техничари, ме боцкаат во ходникот како во Втората светска војна“,

кажа Николовски.

На другата страна од градот, преку реката Вардар, е Општината Чаир. Таму живее Ертан Шакири, лице со телесна попреченост. Пред речиси три години „360 Степени“ излезе на терен со него за да ги тестира јавните услуги кои ги добиваат лицата со попреченост, спореден со останатите. Заклучокот беше – еднаквоста не е ниту на повидок. Сега, го направивме истиот тест за да споредиме – дали нешто се подобрило.

Самото движење по градските улици останува ризик за Ертан. Тротоарите што треба да бидат ослободени за лицата со попреченост, најчесто се преплавени со паркирани автомобили, а паркирани возила има и на коловозот. Слично како поликлиниката во Аеродром и таа во Чаир е тешко достапна за лицата со телесна попреченост. Единствен начин за тие да стигнат до повисоките катови е доколку им помогне болничкиот персонал.

Гледаш до тука не може да се оди, мора да дојде некој за да ти помогне. 4-5 души треба да дојдат од горе да нè качат сосе количка, а тоа го нема секој ден. Може да дојдат еднаш, двапати или трипати, ама не и петпати да те качат горе. Може некој не сака да ти помогне“,

вели Шаќири.

Ертан Шаќири, движење низ Чаир.

Од поликлиниката „Чаир“ се упативме на возење со градски превоз. Автобусот пристигна, а со него и старите проблеми. Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ се опремени со систем на пристапни рампи. Со нив, секое лице со телесна попреченост треба да има пристап до јавен превоз. Но, веќе со години, рампите во автобусите најчесто не работат. За да не оставиме на случајност, дека баш рампата во тој автобус не работела, направиме нов обид да отидеме со автобус од Чаир до Бит-пазар. Повторно следуваше разочарување…

Група патници го качуваат Ертан Шаќири во автобус бидејќи не работи рампата на возилото

На крајот, возачот на автобусот се смилува и лично, придружен од неколку други лица помогнаа во процесот на влегување во автобусот. Со помошта на неколку хумани граѓани, Ертан успеа да пристигне на Бит-пазар, каде што повторивме уште еден тест од минатото. Поштата и по три години, сè уште е непристапна за лицата со попреченост. Во недостиг од рампи, но и од луѓе кои би можеле да помогнат, моравме лично да интервенираме.

Ертан Шаќири, кој се бори и за своето но и за правата на другите лица со попреченост преку организацијата „СОС вита“ вели дека функционирањето на лицата со попреченост е сведено на милоста и немилоста на другите граѓани.

21 век, лицата со посебни потреби уште се со тешкотии, уште нема рампи во институциите. Уште чекаме некој да ни помогне, не знам дали има правда за лицата со посебни потреби. Правдата треба да дојде еднаш засекогаш“,

изјави Шаќири.

Ертан Шаќири, жител на Чаир

За сите непријатни искуства побаравме одговори од сите државни и локални институции кои ги тестиравме – Министерството за здравство, Пошти на Република Северна Македонија, Општината Аеродром и ЈСП. И по речиси еден месец чекање, не добивме одговор од ниту една адреса. Проблем да дојдат до јавни услуги немаат само лицата кои се врзани за количка. Замислете, можете да стигнете до кој шалтер и да ви треба, но кога ќе стигнете таму – ниту некој може да ве разбере ниту пак вие можете да ги разберете другите. Тој е предизвикот со кој живеат лицата со оштетен слух, а својата ја трпат фрустрацијата од другата страна со која не можат да се разберат.

Викторија Волак, толкувачка на знаковен јазик

Не може да очекувате трпение од таа страна и најчесто велат – па добро, еве пишува на веб-страницата. Тоа вие исто како сега вие во Кина да читате кинеска веб-страница за која немате поим. Знаете неколку кинески збора, но тоа треба да го прочитате. Пишаниот говор, кој било пишан јазик од која било држава во светот за глувите лица е втор јазик – мајчин јазик е знаковниот јазик“,

вели толкувачката на знаковен јазик Викторија Волак.

Лицата со оштетен слух со години бараа да добијат толкувачи на знаковен јазик барем при лекарски прегледи. Пред неколку месеци конечно добија таква помош. Но, радоста траеше кратко. Министерството за здравство ги укина парите и тоа само шест месеци од воведувањето на мерката.

Глувите лица го добија она што го сакаат и сега гледаат дека го губат тоа што им треба. Они не побараа луксуз, не побараа некои бенефиции или поинакви работни, него побараа основни работи за комуникација“,

кажа Волак.

Дека укинувањето на праксата е погубно за глувите лица сведочи Тодора Ристова, која и самата е глува и користи знаковен јазик, кој повеќето луѓе не го говорат и разбираат. Секое нејзино одење на доктор претставува предизвик, па затоа имањето толкувач крај себе е од огромна важност.

Тодора Ристова

„Уште при самиот влез на здравствената институција се соочувам со предизвикот – немање толкувач. Почнувајќи од шалтерот кој одзема доста време додека да објаснам дека сум лице со оштетен слух и да објаснам која е мојата потреба односно за што сум дојдена. Почнуваме со пишување и подавање на ливчиња, а кога има метеж се јавува нетрпение од сите страни, но не секогаш разбирам се што ќе ми напишат, на крајот се откажувам и почнувам по потрага на толкувач“,

вели Ристова.

Со неа речиси секогаш во „пакет“ доаѓа и толкувачката на знаковен јазик Тања Митовска. Таа е една од двајцата толкувачи кои биле ангажирани од Министерството за здравство за медицински прегледи на глувите лица. Со укинувањето на програмата, вели, се ускратува основното право, глувите лица да бидат информирани на нивниот мајчин јазик – знаковниот.

Тања Митовска (десно), толкувачка на знаковен јазик, ја придружува Тодора Ристова (лево) на преглед во болница

Тие би биле буквално оставени сами на себе и комуникацијата би се одвивала многу тешко. Не би можеле да се разберат, може да се згрешат многу дијагнози, терапии… не би се разбрале. Како ќе му објасни на докторот што го боли или што точно чувствува, дали е алергичен на некој лек“,

вели Митовска.

Митовска и понатаму без надомест ќе ги придружува сите оние на кои им е потребна со и без програма бидејќи без нив преносот на информации за лицата со оштетен слух е невозможна мисија. Надежта за подобро утре е содржана во „Националната стратегија за лицата со попреченост“. Ја направија заедно, Министерството за труд и социјална политика и здруженијата на лица со попреченост и невладиниот сектор. Тоа е основата, на хартија, што треба да се подобрува во реалноста.

Инклузијата и вклучувањето е сепак процес кој трае и кој бара континуирано вложување. Не може сега да вложувате 2 до 3 години па да кажете е сега е малку ќе запре овој процес, тоа е остварување на основните човекови права, тука не треба да стане збор дали треба или не треба да се инвестира туку треба да се даде приоритет на она што значи основно право на човекот да пристапи до услугите и можностите кои ги нуди државата“,

изјави советникот на министерката за труд и социјална политика Душан Томшиќ.

Советникот на министерката за труд и социјална политика Душан Томшиќ

Не е тајна дека планираното во земјава тешко се реализира. На тоа потсети и ЕУ во последниот извештај за земјава, каде што се вели дека е постигнат само ограничен напредок во подобрување на правата на лицата со попреченост. За мнозинството граѓани, исполнувањето на забелешките од Брисел се само едно барање за исполнување на европскиот пат. За Игор, Ертан и Тодора дури и најмалата промена на подобро прави огромна разлика во нивната борба – да имаат право и права како и сите други луѓе во општеството.   

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Барселона под истрага, во која лига ќе игра следната сезона?

Следно

Барселона две години нема постигнато гол од слободен удар, последен пат тоа го направи Меси

Latest from Blog

ПОЧИНА РЕЖИСЕРОТ И СЦЕНАРИСТ ЏИМ АБРАХАМС, ТВОРЕЦ НА КОМЕДИИТЕ „ГОЛ ПИШТОЛ“ И „ВЖЕШТЕНИ ГЛАВИ“

Американскиот филмаџија Џим Абрахамс, коавтор на популарните комедии „Има ли пилот во авионот?“, „Гол пиштол“ и „Вжештени глави“, почина на 80 години во својот дом во Санта Моника, Калифорнија. Заедно со своите

СДСМ се разработе и руши рекорди: Инстант-реакција по говорот на премиерот Мицкоски за реформите во јавната администрација

СДСМ се разработе во опозиција, нешто кое доколку барем минимално и одвреме-навреме го практикуваше додека беше седум години на власт, можеби и ќе превенираше ваков мега-дебакл на последните избори, велат по социјалните

Еминентниот детски хирург Сименов поставен за национален координатор за здравство

Владата на вчерашната седница го именувала д-р Ристо Симеонов за национален координатор за здравство. Тој е еден од врвните детски хирурзи во земјата. Се работи за детски хирург и доктор кој ја

Хрватска ќе инвестира 2 отсто од БДП за одбрана во историска модернизација на војската

Владата на Хрватска спроведува „историска модернизација на хрватската војска“, изјави министерот за одбрана Иван Анушиќ, нагласувајќи дека следната година Хрватска ќе достигне издвојување од 2 отсто од БДП за одбрана и 29
Go toTop