(ВИДЕО) Постојат ли услови за да се возат електрични возила во С Македонија: Недоволна инфраструктура и сообраќајна некултура

7 mins read

Тргнавме од Скопје до Битола и назад во еден ден, за да провериме – колку е тешко или лесно патувањето со патничките електромобили од средната класа низ земјата. Потрошивме повеќе часови на чекање да се одблокираат ретките полначи од несовесни возачи и на полнење, отколку на возење

Европската Унија постави строга и амбициозна цел – Од 2035 година во земјите на Унијата ќе биде забранета регистрација на нови патнички автомобили и комбиња со мотор на внатрешно согорување кои не се јаглеродно неутрални

Светот одбра следната генерација автомобили да бидат на електричен погон. А, С Македонија?

Ја имате паркирано колата кај полнач на ЕВН… Фала ви, поздрав, чао. Сега ќе дојде, некоја госпоѓа има паркирано“,

Тргнавме на пат од Скопје до Битола и назад во еден ден со нелуксузно електрично возило за да видиме – дали во земјава е возможно да се користи електромобил надвор од главниот град.

Зафатен е полначот, и тоа и двата полначи се зафатени, а лошото е што сега треба да ги чекаме луѓево бидејќи ова е единствениот полнач што е во градот“,

Има ли место во ЕУ за земја со 50-ина полначи и неколку стотици електрични возила?

По многу долги состаноци, по многу мали и големи компромиси, Европскиот парламент во февруари донесе голема одлука. Од 2035 година во земјите на Европската Унија ќе биде забранета регистрација на нови патнички автомобили и комбиња со мотор на внатрешно согорување кои не се јаглеродно неутрални.

Погледнете што се случува во Кина, погледнете што се случува во Индија, видете што се случува во САД. Се случува електрификација“,

изјави потпретседателот на Европската комисија, Франц Тимерманс.

Потпретседател на Европската комисија, Франц Тимерманс

На ниво на ЕУ, во 2022 година, 12,1% од сите новорегистрирани возила биле батериски електрични автомобили. Пред четири години, тој процент изнесувал само 1%. За споредба, новите дизел-возила во 2022 година имале учество од само 16,4%, односно само 4 процентни поени повеќе од електричните. Пред четири години, нивното учество било повеќе од двојно поголемо, 36,7%.

На европско тло, Норвешка е лидер во употреба на електрични возила. Дури 79% од новите возила регистрирани лани се електрични или сликовито – 8 од 10 Норвежани што купиле нов автомобил во 2022 решиле тој да биде на струја. Следуваат Шведска, Исланд, Холандија, Данска, додека во регионот е најдобра Бугарија, со удел од 3,5% на електричните возила меѓу новорегистрираните.

Во земјава, МВР има податок за околу 600 регистрирани електрични возила, од кои голем дел се мали електромобили за достава. Нема податок колку од новите патнички автомобили, на пример, лани, се електрични. И без тоа – јасно е дека се екстремно малку. Зошто е така, се обидовме да дознаеме од прва рака. Изнајмивме електрично возило што не е луксузно, т.е. од средната Ц-класа, со просечен опсег од околу 300 километри. Одбравме да одиме до Битола и назад, односно да симулираме пат на кој ќе мора да ја полниме батеријата за да се вратиме назад. Рент-а-кар компанијата ни даде и информативен материјал, според кој во земјава има околу 50 јавни полначи. Повеќе од половината се во Скопје, а по еден или најмногу два има во уште 17 града.

Колку што гледав, за до Битола има попатно во Велес и во Кавадарци, ама ова е лошо што нема во Прилеп.

– Нема во Прилеп?

Да, затоа ќе треба добро да го изменаџираме тоа до Прилеп.

Со цел да ја добиеме вистинската слика, максимално возевме со 105 километри на час, а бидејќи дента температурата беше прилично висока, користевме клима. Од Скопје до Велес има околу 55 километри и дотаму потрошивме 18 отсто од батеријата. Сепак, влеговме во градот и се упативме кон единствениот полнач за да видиме во каква состојба е и како функционира. Ова е сликата што нè пречека. Преполн паркинг и два автомобила паркирани на местата резервирани за полнење возила.

360° – Гледај, на таблата пишува ‘ве молам да не паркирате тука’.

– Ама џабе сум го пишувал тоа.

360° Ти си го ставил тоа?

– Јас го имам ставено, јас три години си имам мака, бе, никој не те рецка. Три години борба, пајак нема во градот.

360° – Ало, здраво, ја имате паркирано колата кај полнач на ЕВН. Фала ви, поздрав, чао. Сега ќе дојде, некоја госпоѓа има паркирано.

Сопственичката на едниот од автомобилите паркиран на местото за полнење електрични автомобили брзо го тргна своето возило, бидејќи имаше оставено телефонски број на ветробранското стакло. Возачот на второто возило не се појави. Заштитните фолии за сонце укажуваа и дека немал намера да се врати за кратко кога паркирал. Откако едното возило се помести, следуваше нов проблем. Едниот од двата полначи не работи, што значи дека во градот де факто има само еден. Ако се има предвид дека за целосно да се наполни возило се потребни четири до пет часа, во Велес теоретски можат да се полнат 4 до 5 возила дневно.

На вакви гужви со паркингов, кој попрво? Што доколку имаше и пред нас некоја друга електрична кола, ќе требаше да чекаме минимум 3-4 часа… минимум, за да ја наполниш колата.

По речиси еден час полнење, време беше да продолжиме. Следна попатна станица – Кавадарци.

Во принцип, полначите во градовите најчесто се поставени на најфреквентните локации, но не е така и во Кавадарци. Мораше да користиме навигација за да го најдеме. Кога стигнавме, местото резервирано за електрични возила беше празно. Пајажината ни сугерираше дека ретко кој го користи. Откако автомобилот доби мала „инјекција“, продолживме по првично испланирана рута. Од Кавадарци до Битола има 90 километри, но попатно нема ниту еден полнач. Откако пристигнавме во Битола, задачата ни беше да најдеме каде ќе полниме „гориво“.

360° – Случајно да не знаеш полнач за електрични возила во градов каде има?

– Мислам има кај ракометното, оттука само право, па лево, има едно како кутија е, мислам таму дека има.

Во Битола, единствениот јавен полнач се наоѓа на приватен паркинг, а кога пристигнавме таму, веќе имаше приклучено два автомобила.

Зафатен е полначот, и тоа и двата полначи се зафатени, а лошото е што сега треба да ги чекаме луѓево бидејќи ова е единствениот полнач што е во градот. Само еден има во Битола, а лошото е што нема во Прилеп, така да не можеме ни да се вратиме… Ако се вратиме до Кавадарци, не знам дали ќе издржи до Кавадарци

Во неизвесноста се обидовме да добиеме повеќе информации за тоа кога овие две возила биле приклучени, за да решиме како да постапиме понатаму. Од вработената на паркингот ни беше кажано дека до салата има уште еден полнач.

Приватен е?

– Не е приватен, велат дека службени возила се полнат таму, дали е точно или е лага, не знам.

Ајде, баш ќе провериме.

Информацијата дека постои уште еден полнач на истиот паркинг ја врати надежта кај нас, но кога стигнавме до него, следуваше разочарување. Иако на полначот стои дека тој е дел од проект на Европската Унија за конекција помеѓу Македонија и Грција и е финансиран со европски пари, не можевме да го приклучиме нашето возило.

На крај, се вративме на првото место и одлучивме да чекаме.

Во вториот најголем град во Македонија, Битола, има само еден јавен полнач за електрични автомобили. По повеќе од два часа чекање, конечно дојде ред и на нашиот електричен автомобил да се наполни.

Возачот на едниот автомобил кој си замина, во неформален разговор, ни кажа дека другиот автомобил е паркиран и се полни од утрото. Тој неколкупати доаѓал и се враќал бидејќи истото возило го „окупирало“ полначот. За да ја наполниме батеријата до 100%, ни беа потребни околу 2 и пол часа бидејќи полначите низ земјава најчесто не се од најбрзите. Сè заедно, во Битола изгубивме 5 часа – што во чекање, што во полнење. И кога си заминуваме, второто место на полначот остана зафатено од возилото оставено таму од утрото. Со полна батерија, од Битола тргнавме назад кон Скопје.

Тестот ни покажа дека не е ниту лесно ниту практично да се вози со електрично возило низ земјава бидејќи нема инфраструктура и нема култура. Па, можеби и не е изненадување што електричните возила се реткост. Како да се разбие маѓепсаниот круг во кој потрошувачите не купуваат такви возила поради инфраструктурата, а бизнисот, како бензинските пумпи, не ставаат полначи бидејќи нема возила со кои би ја оправдале инвестицијата?

Во Србија има субвенции од 2 500 до 5 000 евра за купување на електрични возила и многу слична е ситуацијата и во останатите земји во регионот. Ние, за жал, во Македонија сè уште немаме субвенции и би рекол дека тука може државата да се вклучи многу повеќе за поттикнување со предлог како субвенции со ниски каматни стапки или даночни олеснувања“,

вели Славчо Матески од „Олимпија моторс“.

Славчо Матески – „Олимпија Моторс“

Славчо Матески работи во програмата за продажба на половни возила на „Олимпија моторс“. Компанијата е можеби најголем увозник на малку користени електрични автомобили во земјава. Според него, субвенциите за граѓаните би требало да бидат само првиот чекор.

Во Македонија имаме, за жал, само еден брз полнач, инаку тие полубрзи полначи ги има поставено ЕВН и ги има околу 50 низ државата. Јас би рекол дека е потребно да имаме уште најмалку 5 до 6 брзи полначи кои ќе бидат распределени не во центарот на Скопје, туку од 100 до 150 км од Скопје за да бидат најпрактично искористени“,

вели Матески.

Субвенции или друг начин на поттикнување на пазарот може да спроведе само државата. На прашањето зошто во моментов нема субвенции, од ресорот на Крешник Бектеши одговорија дека тие ја предложиле мерката во два наврати, последно при изготвувањето на овогодишниот буџет.

„Се предвидуваше да се субвенционира износ од 3 000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридни и износ од 5 000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила. Но, при расправата за Буџетот, програмата не беше прифатена и не стана дел од годишната Програма за работа на Владата за 2023 година.“

велат од Министерството за економија.

Претходно, велат од Министерството за економија, во 2019 година не поминале и нивните предлог-измени на Законот за возила со кои се предвидувала програмата за субвенции во самата легислатива. На прашањето, пак, дали планираат да субвенционираат полначи, од Економија велат:

„Во моментов во Министерството за економија не се предвидени законски измени и олеснувања во поглед на поголемо користење на електрични возила и нема предвидено програма со која ќе се врши субвенционирање на компаниите за инсталирање на полначи за електрични возила. Инсталирањето е сложен процес кој бара координација на повеќе субјекти.“

одговорија од Економија.

Без најави за субвенции, извесно е дека најголем дел од товарот за поставување полначи низ земјава ќе остане на ЕВН. Од тие малку што ги има во земјава, речиси сите, односно 40, се нивни, поставени во рамки на проект „Електромобилност“.

„Втората фаза, пак, која е во тек, започна со проширување на мрежата на полначи со т.н. брзи, DC-полначи. Првиот ваков полнач е инсталиран во Гевгелија на граничниот премин ‘Богородица’, поточно на БС Макпетрол’. За оваа година е планирано да се постават дополнителни 4 DC-полначи и 6 АC-полначи.“

велат од ЕВН.

Од компанијата, за „360 степени“ велат дека работат со општини, бизнис-партнери и паркинзи за изнаоѓање нови локации за полначи. Тоа можеби и ќе убеди уште по некој возач да купи ново електрично возило. Се разбира, доколку возачот е финансиски „поткован“, бидејќи, дури и со субвенции, електричните автомобили се поскапи од своите бензински и дизел „колеги“. На краток и среден рок, патот на земјава кон Брисел останува на погон од минатиот век – на нафтени деривати.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Независната музичка сцена во Битола ќе одржи панел дискусија во кино „Манаки“

Следно

Софиското обвинителство предлага да му се одземе имунитетот на Борисов

Latest from Blog