Во Општина Пробиштип започнаа градежните активности за реконструкција на патниот правец до село Кундино, проект кој има за цел да ја подобри безбедноста и квалитетот на сообраќајната инфраструктура во руралните средини.
Проектот опфаќа целосна реконструкција на делница во должина од 1.427 метри и ширина од 3,5 метри. Предвидено е поставување на пропусти, изградба на одводни канали, како и нанесување на два слоја нов асфалт, со што значително ќе се подобрат условите за движење на жителите.
Средствата во висина од 7.081.310 денари се обезбедени од Министерството за транспорт и врски, додека изведувач на работите е компанијата „Коле-транс Инжинеринг“.
Градоначалникот Тони Тоневски истакна дека општината продолжува со рамномерен развој и вложувања во секое населено место.
„Инвестираме во секое населено место, за сите граѓани“, порача Тоневски.

