Татко на четири убиени деца во Газа: Израел сакаше да ми се одмазди бидејќи како новинар го разоткривам геноцидот

January 10, 2024
7 mins read

АНКАРА (АА) – БАРИШКАН УНАЛ/ЕСАТ ФИРАТ –

Хонорарниот камерман на Агенција Анадолу (AA) Мухамед ал-Алул, чии четири деца и тројца браќа и сестри беа убиени во израелски напад врз Појасот Газа на 5 ноември минатата година, изјави дека Израел сака да му се одмазди со тоа што како новинар на светот му го разоткрива геноцидот врз палестинскиот народ во Газа, јавува Анадолу.

Мухамед ал-Алул е новинар од Газа што на светот му ги пренесе хуманитарната трагедија и масакрите врз палестинските цивили во блокираната енклава.

Од почетокот на израелските напади тој одеше во подрачјата и во болниците што ги бомбардира Израел и со тоа стана најблизок сведок на трагедијата во Појасот Газа.

За време на израелските напади на 5 ноември 2023 година тој се соочи со една од најголемите болки и трагедии што може да ги доживее еден татко. Тој ден цел на израелско бомбардирање бил неговиот дом во кој му се наоѓало семејството. Во израелскиот напад загинаа четири негови деца на возраст меѓу четири и 13 години и тројца браќа и сестри. Меѓу десетиците трупови тој ги барал телата на своите деца за да може да ги погреба.

Денес Ал-Алул најдобро ја опишува трагедијата што ја доживеа во Газа со оваа кратка реченица:

„Сега сум жив мртовец, повеќе не ја гледам бојата на животот, сè е сиво.“

– „Сум бил сведок на многу војни, ова е нешто различно“ –

На самиот почеток на разговорот Ал-Алул се потсетува на 7 октомври и почетокот на израелските напади врз Појасот Газа, наведувајќи дека ги разбудиле звуци на гранати, бомби и ракетни напади.

„Бевме шокирани. Слушнавме дека војниците се заробени и дека е нападната израелската страна. Децата се подготвуваа за училиште, им реков да останат дома бидејќи не знаевме како ќе се одвиваат работите. Ја зедов мојата опрема и се упатив кон канцеларијата на Анадолу“, рече Ал-Алул.

Сепак, тој сè уште не можел да процени што точно се случува. Подоцна на вести слушнал што се случува, а потоа, вели, помислил: „Веројатно влегуваме во долготрајна војна.“

„Како новинар, следев и бев сведок на многу војни, но можам да кажам дека ова е нешто сосема друго. Израел очигледно одлучи да им се одмазди на цивилите затоа што не можеше да дојде до палестинскиот отпор. Бев сведок дека во нападите претежно се убивани жени и деца. Кое бебе направило злосторство и заслужило да биде убиено, зошто тие бебиња се убиени“, праша Ал-Алул.

– „Живееме уште една Накба“ –

На прашањето на новинарот на Анадолу што точно е различно во споредба со претходните војни, Ал-Алул објасни:

„Во текот на 2014 година имавме полокализирана ситуација со бегалците во областа Сукаје. Претходно немаше масовно раселување на цивилите, а во оваа војна има масовно раселување. Палестинците беа раселени од своите места. Нивните домови, барем знаеја дека не се цел.“

Ал-Алул нагласи дека цивилите во оваа војна останале без основните потреби за живот, вода и храна, болници, училишта, а целата инфраструктура е бомбардирана.

„Знаеме дека за време на Накба во 1948 година нашите предци биле подложени на присилна миграција од палестинската територија. Денес доживуваме втора, слична Накба. Денес се пука врз сите во Појасот Газа, ништо не смее да остане на нозе, а, за жал, целиот свет само гледа“, истакнува Ал-Алул.

– „Цел ни беше да дојдеме до парче леб“ –

Потоа Ал-Алул зборуваше за тоа како е да се работи како новинар во услови кога секоја куќа во Појасот Газа може да биде погодена во секој момент. Тој рече дека порано имале канцеларија, каде што имале пристап до интернет и можност да праќаат снимени материјали.

„За време на оваа војна немаме канцеларија ниту тоа е можно. Не можеме да стигнеме на многу места бидејќи насекаде има пукање. Сведоци сме на толку многу страшни настани, толку многу бебиња, жени и деца се убиени, дури е и тешко да се одлучи што да пратиме. Додека ние како новинари се обидувавме да праќаме материјали, тоа не ни е единствена цел, во исто време, наша цел е да најдеме парче леб, не само за нас туку и за нашето семејство и децата. Барем порано не беше така“, вели камерманот на АА.

– „Палестинците никогаш претходно не биле сведоци на масовни гробници“ –

Ал-Алул понатаму наведе дека денес во Појасот Газа веќе го нема тоа што е најважно за човекот, а тоа се безбедноста и стабилноста, живот со семејството и децата.

„Денес повеќе го нема тоа во Газа. Луѓето мораа да одат во шатори. Имаат сериозни тешкотии во задоволувањето на потребите, вода, храна, хигиена, па можам да кажам дека не остана ништо од животот“, рече Ал-Алул и додаде:

„Ние Палестинците никогаш порано не сме биле сведоци на масовни гробници, сега сме сведоци на тоа. Мора да ги закопаме нашите загинати во масовни гробници покрај патишта, улици, градини, на различни места, каде било што можеме.“

– Човек чиј живот е поделен на пред и по 5 ноември –

Ал-Алул се осврна на 5 ноември, ден за кој вели дека од темел му го сменил животот, а во кој во израелски напад загинале четири негови деца, браќа и сестри.

„Јас сум човек чиј живот целосно се смени на 5 ноември, човек со живот пред и живот по 5 ноември. Човек што имаше семејство и деца, беше глава на семејството, денес е човек што се труди да се одржи во живот, чии речиси сите деца и чии браќа ги дадоа своите животи како маченици. Тринаесет години ги гледав моите деца како растат. Гледав како растат и стануваат поубави од ден на ден и наеднаш ги снема. Сите исчезнаа. Само затоа што сум новинар, затоа што сум Палестинец“, истакна Ал-Алул.

Тој вели дека пред тој кобен 5 ноември плачел со голем број палестински семејства чии деца биле убиени во нивните домови, а по тој ден дошол во состојба да плаче за сопствените деца.

Семејството на Ал-Алул тој ден било дома во бегалскиот камп Ал-Мегази, а тој бил во Кан Јунис на работа.

„Моето семејство беше дома и таму беа убиени. Беше многу тешко воопшто и да стигнам дотаму. По околу еден час или еден и пол час дознав дека цел биле моите деца и членовите на семејството. Прво добив фотографија од мојот загинат син Кајс (4), потоа дознав дека загинати се моите браќа Атиф и Ахмед. Комуникациите беа отежнати, подоцна успеав да дознам сѐ“, изјави Ал-Алул.

Тој нагласува дека по пристигнувањето во болницата на маченици Акса се обидел меѓу труповите да открие кои се неговите деца.

„Морав да ја поминам ноќта во Кан Јунис. Дури утрината успеавме да стигнеме до местото каде што беше погодена мојата куќа. Кога отидовме во болницата Ал Акса, пред мене имаше речиси стотина трупови. Имаше толку многу загинати што моравме на еден по еден да им ги откриваме лицата и да се обидеме да откриеме кое од нив е моето дете. Конечно ги најдов телата на моите четири убиени деца. Убиени се моите браќа и сестри, мојот брат Ахмет и неговите три деца. Можев да ги видам сите таму, како и телата на нашите многубројни соседи“, болно се сеќава Ал-Алул.

И денес се прашува какво злосторство направило неговото семејство, неговите деца, браќа и сестри, што направиле за да заслужат вака да бидат убиени и вели:

„Израел очигледно се обиде да ни се одмазди. Се обиде да ми се одмазди мене, како на новинар што се обиде на светот да му го разоткрие овој геноцид извршен од Израел, јасно го знам тоа. Се обиде да ми се одмазди како на некој што фотографиите и видеата ги рефлектираше не само за регионалните медиуми, туку и за западните.“

Тој потсети дека Израел продолжува да ги извршува овие злосторства, продолжува да гаѓа новинари, екипи за прва помош, медицински тимови и цивили и на тој начин им се одмаздува.

„Зошто Израел може да го прави ова? Многу е јасно дека САД и меѓународната заедница го поддржуваат Израел, додека арапскиот и исламскиот свет само немо гледаат. Израел го продолжува овој геноцид и денес. Зошто? Затоа што целата меѓународна заедница сè уште е на страната на Израел“, нагласи Ал-Алул.

-„Мојата куќа беше намерно гаѓана“ –

На прашањето на новинарот на Анадолу дали верува дека Израел директно и свесно ја таргетирал неговата куќа поради фактот дека тој е новинар, Ал-Алул одговара:

„Да бидам искрен, и ден-денес се прашувам зошто токму мојата куќа беше цел на нападот? Затоа што сме сигурни дека во областа каде што се наоѓа мојата куќа немаше точка што му припаѓаше на палестинскиот отпор или на палестинските организации што би можеле да бидат цел. На пример, во израелските медиуми, кога Израел гаѓа одредена точка во нашиот регион, тие отворено кажуваат дека имале цел важна личност што ѝ припаѓа на таква и таква организација, но тука немало таква ситуација и јасно е погодена куќата каде што беа моите деца и членовите на семејството без никакво претходно предупредување, нема друго објаснување за тоа.“

На 5 декември минатата година Ал-Алул го напушти Појасот Газа и пристигна во Туркије, каде што неговата сопруга е на лекување.

„Бев сведок на тоа моите деца на 5 ноември да бидат убиени, јас лично ја водев погребната молитва за моите деца и браќа. Подоцна успеав да излезам со сопругата, синот Адем и мајка ми. Денес сѐ уште таму се татко ми, децата на еден од моите браќа. Газа продолжува да биде бомбардирана. Овој геноцид, оваа трагедија сè уште траат. Фактот дека не можам да ги извлечам оттаму, а мора да гледам што сѐ уште се случува таму, е уште една болка.“

Тој објаснува дека неговата сопруга била тешко ранета, имала изгореници и рани од шрапнели на повеќе делови од телото. Имала тешка операција и нејзиното закрепнување продолжува, а за себе вели:

„Сега сум жив мртовец, повеќе не ја гледам бојата на животот, сè е сиво.“

Тој додаде дека неговиот живот целосно се сменил од 5 ноември.

„Од 5 ноември секој ден плачам, животот ми се смени целосно. Плачам гледајќи ги фотографиите на моите деца, сеќавањата на моите деца. Илјада пати сум човек, а еднаш татко. Сакав да се борам за да им овозможам на моите деца да ги остварат своите соништа, да сведочам за нивната радост. За жал, сѐ е прекинато“, изјави Ал-Алул.

– „Како да се снима холивудски филм во Газа и се чека да се појави херојот“-

Запрашан дали може со еден збор или реченица да ги опише нападите на Израел и она што се случи во Газа, Ал-Алул нагласи дека, пред сѐ, е неопходно да се нагласи дека во Газа се случил геноцид.

„Тоа е како да се снима холивудски филм во Газа и како целиот свет да чека да се појави херојот. Сите така го гледаат тоа. Мислам дека очекуваат геноцидот во Газа да заврши со појава на херој и тоа да го гледаат како некој филм“, рече Ал-Алул.

За крај тој порача:

„Барам организациите за човекови права и меѓународните институции да одат на суд и да поднесат тужба против окупациската држава Израел. Јас како новинар и Палестинец ќе поднесам тужба пред турските и меѓународните судови.“



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Али Ахмети „на пеглање“ кај холандскиот амбасадор

Следно

Протести во Германија; По земјоделците, штрајкуваат и машиновозачите

Latest from Blog

Тошковски: Не смееме да дозволиме вакви немили настани да не однесат во погрешна насока

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција информираше за серија инциденти поврзани со сквернавење на национални симболи во кои вкупно 17 лица, меѓу кои и малолетници, се лишени од слобода

„Нападите во Косово имаат за цел дестабилизација“: Реагира претседателот на Собранието и вицепремиерот на Македонија

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку писмени реакција ги осуди нападите во Косово. -Се терористички и насилнички акти кои имаат за цел дестабилизација и закана на безбедноста и мирот во Косово и

Македонски државјанин сакал да се бори за Русија во Украина за плата од 3000 евра

МВР поднесе кривична пријава против македонски државјанин, Ј.К., за „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“. Според информациите, Ј.К. се поврзал преку интернет со лице кое се претставило како регрут

Јанев: Полицијата е партнер на граѓаните, обврска и задача е да им служи

Безбедносните состојби се на завидно ниво, но секогаш мораме да стремиме кон подобро во интерес на поефикасно и поквалитетно извршување на задачите за загарантирана безбедност и сигурност на нашите граѓани, порачав денеска

ДУИ најави интерпелација за Тошковски

Реагираа и од ДУИ кои денеска најавија интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик.  А од Вреди пак возвратија дека луѓе на тие  што нарачуваат интерпелација стојат зад
Go toTop