Си и Вучиќ од Белград со порака за „заедничкото челично пријателство“

May 8, 2024
3 mins read

„Заедничко челично пријателство“ меѓу Кина и Србија е главната порака на двајцата претседатели Си Џинпинг и Александар Вучиќ од средбата во Белград денеска (8 мај).

Како што најавија двајцата претседатели, Србија и Кина ќе ја зголемат соработката – „од ниво на стратешко партнерство на ниво на заедничка иднина“.

„Ќе работиме заедно со Србија за да ги браниме нашите основни и долгорочни интереси. Челичното пријателство на нашите две земји само се зајакна, дури и во оваа променлива меѓународна динамика“, рече кинескиот претседател Си Џинпинг за време на средбата меѓу двете делегации.

На вториот ден од посетата на кинескиот претседател на Србија, покрај средбата со Вучиќ и разговорите меѓу двете делегации, ќе бидат потпишани и околу 30 договори за соработка и комерцијални договори меѓу двете земји.

Собир на граѓани во Белград по повод посетата на кинескиот претседател. белград 08.05.2024

Собир на граѓани во Белград по повод посетата на кинескиот претседател. белград 08.05.2024

За време на посетата на Белград, кинескиот претседател е придружуван со делегација од околу 400 членови.

Пред палатата Србија, каде што се сретнаа Си и Вучиќ, кинескиот претседател беше пречекан од илјадници граѓани.

Со кинески и српски знамиња тие му аплаудираа на Си и извикуваа „Србија, Кина“. Вучиќ пак им се заблагодари на присутните што дошле да го поздрават „челичниот пријател на Србија“.

Претседателот на Србија оцени дека Кина била со Србија „во најтешките моменти“.

„Како што имаме јасни позиции за прашањето на кинескиот интегритет, дека Тајван е Кина, така и тие го поддржуваат територијалниот интегритет на Србија без никаква резерва“, додаде тој.

Кина ја поддржува Србија во оспорувањето на независноста на Косово и членството на земјата во меѓународните организации.

Официјален Белград, пак, ја поддржува „политиката на една Кина“, според која островот Тајван, кој себеси се смета за суверена држава, е дел од кинеската територија.

Средба на делегациите на Србија и Кина: Ново поглавје во односите

На почетокот на средбата на делегациите на Србија и Кина во потесен формат, Александар Вучиќ рече дека двете земји имаат „одлични односи во сите сфери на општественото живеење“.

„Како мала земја, кога имаме проблеми поради притисоците со кои се соочуваме од различни страни, поради независната политика што ја водиме, ги повикуваме нашите кинески пријатели, вас, претседателе Си, и бараме помош“, истакна Вучиќ.

Истовремено, тој оцени дека Србија е „лојален пријател на Кина“.

„Кога некој ќе не праша за некои прашања во Кина, како за Тајван, Ксинџијанг, Хонг Конг, или за кое било друго прашање, нашите одговори се многу едноставни, јасни и во согласност со принципите на кинеската политика и меѓународното јавно право. Така беше, така ќе биде и во иднина“, нагласи тој.

Досега Србија не се приклучи на ниту една меѓународна декларација против Кина, додека официјален Пекинг е цел на критики за состојбата со човековите права, со обвинувања дека владата ги репресира Ујгурите, муслиманско малцинство кое живее во провинцијата Ксинџијанг.

Вучиќ му се заблагодари на Си за неговата поддршка за територијалниот интегритет на Србија и за „бројните прашања на меѓународната сцена“.

Тој оцени дека договорот за стратешко партнерство од 2016 година значително придонел за економскиот напредок и истакна дека три кинески компании – железарницата Хбис и рудниците за бакар и злато Зијин се најголеми извозници од Србија.

„Благодарение на индустриската соработка и соработката во развојот на инфраструктурата, тоа ја подигна и ја обнови нашата земја. Договорот за слободна трговија широко ја отвори вратата за напредок на Србија“, рече Вучиќ.

Си: Заедничко и искрено пријателство

На почетокот на средбата меѓу двете делегации, Си Џинпинг, изјави дека пријателството меѓу Србија и Кина е „взаемно и искрено“.

„Постои силно чувство на пријателство меѓу нашите две земји, тоа ми остави исклучително длабок впечаток. Приемот што го организиравте покажува дека нашите односи се на високо ниво“, рече Си.

Ова е втора посета на Си на Србија во последните осум години, а по пристигнувањето во Белград тој изрази уверување дека посетата „ќе биде плодна и ќе отвори ново поглавје во односите меѓу двете земји“.

Според министерот за полиција Ивица Дачиќ, за посетата на кинескиот претседател биле преземени највисоки можни безбедносни мерки, а за време на неговата посета се ангажирани над 6.500 полициски службеници.

Во главниот град на Србија, Белград, од утринските часови е забележан метеж во делот на градот каде што беа пречекани Си и кинеската делегација.

Си Џинпинг пречекан со највисоки почести

Претседателот на Кина, Си Џинпинг, на 7 мај во вечерните часови допатува во Белград, а на аеродромот „Никола Тесла“ го пречека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со членови на Владата.

Во пресрет на посетата на Си беше најавено дека највисокиот кинески функционер ќе разговара со претседателот на Србија за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки до меѓусебна соработка во областа на културата.

Кинескиот претседател доаѓа во Белград околу шест месеци по посетата на Вучиќ на Пекинг, кога беше потпишан договорот за слободна трговија.

Договорот треба да стапи на сила во јули и е под лупа на Брисел.

Европската Унија постојано ја предупредува Србија дека како кандидат за членство во блокот треба да се грижи за транспарентноста во соработката со Кина, пред сѐ во областа на инфраструктурата.

Во Србија пристигнуваат милијарди долари кинески инвестиции, а со кинески заеми се градат инфраструктурни проекти – патишта, мостови, како и енергетски постројки.

Со текот на годините, Кина стана вториот најважен трговски партнер на Србија, по Германија. Меѓутоа, во исто време расте и задолжувањето на Србија кај Кина.

Податоците на Народната банка на Србија покажуваат дека долгот на Србија кон Кина пораснал 15 пати во последните 11 години, па сега изнесува речиси пет милијарди евра.

Пред доаѓањето на кинескиот претседател, Владата на Србија донесе акти за унапредување на соработката со Кина во областа на образованието, науката, иновациите, технолошкиот развој, како и економско-техничката соработка во областа на инфраструктурата.

Извор: slobodnaevropa.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

До 11 часот околу 21 500 гласачи не гласале за претседател

Следно

Си Џинпинг и Вучиќ потпишаа заедничка изјава за продлабочување и подигнување на сеопфатното стратешко партнерство на Кина и Србија

Latest from Blog

Хаџи Јанев: Девастација на целиот систем 30 години, сите доајени на политикава се однесувале несоодветно

Во однос на состојбата во скривниците и нивното одржување, вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 проговори и проф. Методи Хаџи Јанев. Тој вели дека има девастација на целиот сектор речиси

Славјето на Денот на албанското знаме на скопските улици заврши со засилено полициско присуство

Со колони возила со развиорени знамиња на Албанија вечерва низ скопските улици се славеше Денот на албанското знаме.  Во центарот на градот забележително беше засилено полициско присуство. Денот на албанското знаме денеска

Е.Пелистер поразен од Веспрем

Ракометарите на Е. Пелистер го доживеаја и шестиот пораз во деветтиот натпревар од Лигата на шампионите, овој пат со 33-26 (20-11) на гостувањето против унгарски Веспрем. Уште по првото полувреме беше јасно

Ирански генерал загина во судирите меѓу режимот на Асад и антирежимските групи во Алепо и Идлиб

Бригадниот генерал Кејумерс Пурхашими, еден од командантите на Армијата на иранската револуционерна гарда, загинал во нападот што го изврши сириската опозиција на западниот дел на Алепо, известува Анадолу. Според веста на иранската

Сиљановска Давкова се сретна со претседателот на Собранието на Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на официјалната посета на Црна Гора, денеска во Подгорица оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ. На средбата беше изразено задоволство од
Go toTop