Драган Ковачки, пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција истакна дека и по 48 часа од поставените прашања до Спасовски, а со цел разјаснување на дилемата дали убиството на Вања можело да биде спречено, тој молчи.
Спасовски молчи и не одговара дали возилото на убиениот Панче, со кое е киднапирана Вања, 3 дена се движело по скопските улици. Ова е важно затоа што доколку МВР распишало централна објава по возилото, тоа ќе било најдено веднаш штом ќе се регистрира од страна на системот Сејф Сити, а убијците на Панче ќе биле фатени, односно убиството на Вања можеби и немало да се случи – вели Ковачки.
Тој истакнува дека се должни новите сознанија што и имаат и дилемите, кои како што рече се оправдани, да г постават во јавноста.
Спасовски мора јасно и без политизирање и филозофирање да одговори дали возилото на убиениот Панче влегло во Скопје од правец на Велес уште на 24 ноември, 15 тина минути пред 7 часот и дали се до 27 ноември – денот на убиството на Вања, истото се движело низ Скопје, без полицијата да ги приведе убијците? Дали истото возило поминало на истата локација од која што влегло на 24ти и на 25ти вечерта? прашува Ковачки.
Тој нагласува дека Спасовски мора да одговори, дали МВР знаела, т.е. имала можност да го лоцира возилото, но тоа не е направено затоа што не распишале централна објава?
Повторувам, зошто кога семејството на убиениот Панче пријавува дека тој е исчезнат со возилото уште на 22 ноември не е распишана централна објава? Ова е клучното прашање, зад кое се крие одговорот за пропустот на МВР. Оваа прес конференција има за цел да го постави само ова и единствено прашање. Доколку Спасовски искрено одговори на истото, нема да има човек во Македонија на кого нема да му биде јасно дали имало или не пропуст во истрагата и дали животот на Вања можел да биде спасен – истакна Ковачки на денешната прес-конференција.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.