Заборавете ги строгите распореди. Психологот Анџела Ли Дакворт открива дека негувањето на природните интереси на децата е клучно за развивање на упорност и отпорност. Кога родителите ќе ги насочат децата кон она што навистина ги интересира, тие ја поттикнуваат нивната упорност и самодоверба, а токму тоа е клучно за долгорочен успех. Таквиот пристап им помага на децата да развијат решителност, да ги надминат пречките и да напредуваат, пишува „Тајмс оф Индија“.
Понудете им различни можности, а потоа набљудувајте што ги возбудува
Наместо да форсирате одреден спорт или инструмент, Дакворт ги охрабрува родителите да им дозволат на децата да пробаат различни активности. Тие треба да истражат разни воннаставни содржини, хобија и креативни интереси. Целта не е да се преоптоварат со обврски, туку да се види што навистина ги привлекува.
Во една епизода од подкастот „Мел Робинс“, Дакворт објасни дека раните траги на детскиот интерес се кријат во она за кое тоа спонтано размислува, говори, пребарува на Интернет. „Кога се вклучуваме во она што природно го задржува нивното внимание, им помагаме да откријат што ги интересира и тоа да го усовршат до мајсторство“, вели таа.
Интересот поттикнува упорност, тврди психологот
Откривањето на интересот е само почеток. Дакворт нагласува дека е подеднакво важно да се остане во некоја активност дури и кога станува монотоно или тешко. Без разлика дали станува збор за завршување на спортска сезона или вежбање на инструмент до следниот настап, посветеноста гради отпорност.
Ова не значи дека детето треба да остане во една активност засекогаш. Важно е да ја разбере вредноста на трудот, бидејќи напредокот честопати бара да се надмине фазата на фрустрација.
Интересот не е доволен, важна е и вештината
Не секоја страст се претвора во кариера, и тоа е во ред. Професорот на Њујоршкиот универзитет и автор на бестселери, Скот Галовеј, им советува на учениците да не се потпираат само на страста, бидејќи таа не гарантира финансиска стабилност. Наместо тоа, тој препорачува да ги препознаат своите силни страни и да ги развиваат преку години вежбање.
Дакворт се согласува дека интересот е само еден дел од развојот на истрајноста. Нејзиното истражување идентификува четири клучни компоненти: интерес, напорна работа, цел и надеж. Заедно, тие формираат дете кое знае како да остане посветено, да пронајде смисла во предизвиците и да го надмине неуспехот.
Одличното водство од родителите не е само избирање на совршен спорт или хоби, туку внимателно набљудување, поддршка и охрабрување на децата да го следат она што навистина ги интересира. Кога децата ја следат својата природна љубопитност и учат да истраат низ предизвиците, тие ја развиваат упорноста и решителноста кои во моментот, а и во иднина се неопходни за успех.
Извор: vecer.mk

