Вучиќ со идентична реторика за протестите како онаа на Милошевиќ пред 23 години

3 mins read

Балша Божовиќ од Регионалната академија за демократија во објава на Твитер направи луцидна споредба на изјава на актуелниот српски претседател, во која тој ги коментира протестите кои дел од српската опозиција ги организира под мотото „Србија против насилството“ и која гласи: „Не ја рушат некои однадвор Србија поради Вучиќ , туку го рушат Вучиќ поради Србија“, со говорот на поранешниот претседател на земјата Слободан Милошевиќ, пред да биде симнат од власт, во кој тој вели: „Не ја напаѓаат Србија поради Милошевиќ, туку го напаѓаат Милошевиќ поради Србија“

„Не ја рушат Србија поради Вучиќ, туку го рушат Вучиќ поради Србија“. 

Во оваа изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, дадена како коментар на протестите кои речиси еден месец ги организира дел од српската опозиција под мотото „Србија против насилството“ по двете масовни убиства, Балша Божовиќ од Регионалната академија за демократијата ќе препознае неодолива сличност или поточно идентичност со изјава на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ од пред 23 години, непосредно пред неговото заминување од власт на 5 октомври 2000 година.  

Луцидната споредба на Божовиќ, која тој ја сподели на Твитер, придружена со забелешката „Вака зборуваше и Слободан Милошевиќ неколку дена пред смената“ ја препозна редакцијата на „Ал Џезеира Балканс“, давајќи и простор во својот прилог објавен денеска, во кој телевизијата прави осврт на вчерашниот петти по ред протест „Србија против насилството“. 

Прилогот почнува со обраќањето на младиот Милутин Глигоријевиќ пред присутните на протестот кој бара од српските власти да му овозможат да дојде до правда, односно да ја дознае вистината за смртта на неговата мајка Станика Глигоријевиќ која го загубила животот на наплатна рампа кај Дољевац.    

„Дојдов да барам правда, правда која ја изгубив оној ден кога загина мојата мајка на наплатната рампа во Дољевац. Мајки ми не можам да ја вратам, но правдата можам. Барам да пушти снимка од две минути од наплатната рампа“,

рече тој пред огромниот број насобрани граѓани пред зградата на српскиот парламент на вчерашниот протест.  

„Ал Џезеира Балканс“ понатаму потсетува дека протестот го поддржале некои од најпознатите драмски уметници и јавни личности во Србија, а потоа го пренесува ставот на уредникот на новинската агенција Фонет, Ѓорѓе Влајиќ кој смета дека протестите покажуваат дека луѓето се ослободиле од стравот. 

„Тоа е автентично незадоволство на граѓаните и секоја недела, петок или сабота, зависно кога се одржуваат протестите, се зголемува бројот на луѓе кои доаѓаат да го покажат своето незадовлство. Така што Вучиќ не може да смета дека таа енергија на протестот ќе се распадне или дека нема да трае доволно долго за да биде принуден на некои отстапки“,  

вели Влајиќ.

Уредникот на новинската агенција Фонет, Ѓорѓе Влајиќ/Фото: Принтскрин

За протестот претседателот на Србија се огласи три пати, потсетува телевизијата во прилогот и ја пренесува неговата изјава дадена денеска во која повтори дека е подготвен за разговор со опозицијата, но дека насилно преземање на власта нема да се случи.  

„Не ми паѓа на ум да му се додворувам на било кого. Ги повикувам луѓето, луѓе разберете ние мораме да работиме, мораме да одиме напред. Ги повикувам да разговараме, но тие не смеат да разговараат, а знаете ли зошто? Кој и да се појави да разговара веднаш би бил прогласен за предавник, ќе му кажат: Види го предавник ни ги уништи протестите, а малку ни недостасуваше да го урнеме од власт“,

изјави денеска Вучиќ.

Овде во прилогот (1:47 минута) е твитот на Божовиќ кој осврнувајќи се на изјава на Вучиќ ја споредува истата со говорот на Слободан Милошевиќ од пред 23 години пред да ја изгуби власта. 

„Не ја рушат некои однадвор Србија поради Вучиќ, туку го рушат Вучиќ поради Србија“,

ќе каже актуелниот претседател. 

„Не ја напаѓаат Србија поради Милошевиќ, туку го напаѓаат Милошевиќ поради Србија“,

ќе рече Слободан Милошевиќ во октомври 2000 година. 

Уредникот на новинската агенција Фонет, со која продолжува освртот на „Ал Џезеира“ вели дека власта на Вучиќ  ќе искористи се за да не направи отстапки кон граѓаните од протестите и дека е поизвесно дека ќе организира нови избори. 

„Имаше најави при формирањето на владата (актуелната) дека таа нема да трае цел мандат. Имаше некакви најави дека изборите ќе бидат наесен, тоа сега изгледа се поизвесно. Но, на Вучиќ не може да му  се верува, бидејќи тој ќе направи сè за да не направи некакви значајни отстапки. Oд една страна, ако му одговара да ја подели одговорноста, поради Косово пред се, со некого тогаш тој ќе се занимава со избори. Дури очекувам во одреден момент на некој од овие опозициски личности да му го отстапи местото на премиер кој не би бил реална власт“,  

вели Влајиќ, за „Ал Џезеира Балканс“

Претходно

Брнабиќ вели дека е подготвена да си поднесе оставка, но претседателот Вучиќ не ѝ дозволува

Следно

Панова: На граѓаните им е преку глава од криминалот, корупцијата и заробените институции од владата на СДС и ДУИ, бараат избори

Latest from Blog