(ВИДЕО) Рамномерен регионален развој во офсајд

5 mins read

Државниот завод за ревизија ја проверувал успешноста на рамномерниот регионален развој од 2019 до 2021 година – од насочување проекти во зависност од местото од кое потекнува министерот, преку неодржливост на актуелната мапа со осум развојни региони до ненавремено носење на плански и програмски документи

Општина Боговиње, со околу 23 илјади жители, е сместена во срцето на Полошкиот Регион. Во неа спаѓа и Камењане, каде што сретсело очи боде огромно бетонско здание. Всушност, ова е недограден дом на култура, за кој и жителите не знаат зошто „никнал“.

Дом на култура во село Камењане, Тетовско

„Каде гледаш дом на култура? Тоа е обична зграда. Не знам колку квадрати има овде, ама сигурно (се потрошени) повеќе од 200 илјади евра

360°: А, што ви е вам најнеопходно, дали ви требаше баш дом на култура или можеби нешто друго? Што е приоритет?

Миниболница со едно 30 кревети да имаше, после тоа ние би преминале на култура“,

вели Сефедин Бајрами – жител на с. Камењане.

„Ова се партиски проблеми. Прават нешто – не прават ништо. Почнуваат нешто – не почнуваат ништо и така натаму. Тоа не требаше, за таму треба луѓе.

360°: А, што вам најмногу ви е потребно?

Па треба амбуланта, болница, сè. Тоа треба. Немаме амбуланта 24 часа, сега имаме само до 16 часот“,

вели Феми Хајдари – жител на с. Камењане.

„Сè треба.

360°: Дали дом на култура е приоритет?

Па да, ако се заврши. Ако се заврши, нормално. Треба и овде еден дом на култура, нормално е тоа, и овде има млади“,

Медаим Рустеми – жител на с. Камењане.

Село Камењане, Тетовско

Но, објектот е далеку од готов, иако камен-темелник е поставен уште во 2019 година, кога на чело на Министерството за култура беше Хусни Исмаили од Алтернатива, актуелен пратеник во Собранието.

Хусни Исмаили – поранешен министер за култура

Четири години подоцна, Исмаили во изјава за „360 степени“ вели дека инвестицијата била оправдана.

„Кога можат помали гратчиња уште од комунизмот да имаат културни домови, зошто да нема и Камењане? Мојот мандат како министер заврши, а зошто домот уште не е пуштен во употреба, сега е прашање за друг“,

вели тој.

Исмаили е по потекло од Тетово, но вели дека инвестирањето во село Камењане не било поради додворување на гласачите.

„Лично, најмногу труд сум вложил во манастирот Трескавец и успешно го завршив. Што би ме интересирало мене тоа, јас сум муслиман Албанец од Тетово. Но, тоа е културно наследство, јас сум горд што секаде подеднакво сум помагал. Не може да гледаме само околу ‘својот двор’, околу ‘своето племе’,

вели Исмаили.

Домот на култура во Камењане е само еден пример на промашена инвестиција во име на регионалниот развој. Државниот завод за ревизија ја анализирал успешноста на рамномерниот регионален развој од 2019 до 2021 година за да добие одговор на прaшањето – дали е обезбедено ефективно намалување на нееднаквоста во и помеѓу планските региони во земјава.

Констатирани се поголем број на неправилности, односно состојби, кои се однесуваат на ненавремено донесување на планските и програмските документи и особено што е значајно, потребата од нивно ажурирање, согласно резултатите од спроведениот попис на населението во 2021“,

вели Марина Блажевска од Државниот завод за ревизија.

Ревизорите констатирале дека и електронскиот систем за координација на планирањето „Сирера.мк“ не обезбедува сеопфатен приказ на податоци и дека од него не може да се утврди стратешкиот приоритет на поединечните проекти. Ревизорите констатирале и дека не се издвојува законски предвидениот минимум за рамномерен регионален развој – односно 1 отсто од буџетот.

„Заводот за ревизија и ревизорите одат по формалните документи, кои се такви. Ние имаме проблем во евиденцијата. Ние трошиме многу повеќе пари од 1 процент од бруто-домашниот производ, но тие не се евидентираат во регионалниот развој.

360°: Зошто?

Заради немарност, заради шифри, повеќе причини“,

вели Ристо Пенов – министер за локална самоуправа.

А, и она што се троши, според Ревизија, не се прави во согласност со степенот на развиеност. Така, Скопскиот Регион, наместо 2,7 проценти, добил дури 26,2 отсто од колачот. Спротивно на тоа, Североисточниот регион, како најнеразвиен, требало да добие 17, 3 проценти, меѓутоа останал со само 8,4 отсто од парите. Како да се смени овој тренд?

„Ќе се смени со почитување на критериумите. И Скопскиот Регион има подрачја кои треба да црпат средства за регионален развој. Еве, да не споменам, едно Арачиново нема организација за собирање на смет“,

вели Пенов.

Ристо Пенов – министер за локална самоуправа

Друг феномен, според ревизијата, е што од програмите на министерствата, Животна средина, на пример, најмногу средства алоцирало во Полошкиот Регион, додека, пак, Министерството за локална самоуправа во Пелагонискиот регион. Случајно или не, двајцата министри од 2019 до 2021 се токму од регионите во кои нивните ресори инвестирале најмногу – Насер Нуредини од тетовскиот крај и Горан Милевски – од Битола.

Според јавно достапните податоци, Министерството за локална самоуправа, под програмата за регионален развој, меѓу другото, изготвило основен конзерваторски проект за реконструкција на катедрална црква над Битола, стара 1 000 години. Друг проект е изработка на техничка документација за локален пат од Магарево до националниот парк „Пелистер“.

Ова е таканаречената царска црква, за која тогашниот министер за локална самоуправа Горан Милевски одвоил пари за основен проект за конзервација.

Царска црква – Битола

Сега тој вели дека од позиција на амбасадор во Словенија не може да зборува за претходните политики. Во кусиот телефонски разговор ни кажа дека и конзерваторскиот проект за катедралната црква и техничката документација за локалниот пат кон националниот парк „Пелистер“, биле во функција на развој на туризмот во Пелагонискиот Регион.

Но, тој вели дека Пелагонија не ја опфаќа само неговата родна Битола и дека имало проекти и за Крушево, Ресен и други места. Што и до каде е реализирано, зависи од други ресори, вели Милевски.

А, како што можевме да посведочиме на терен – потрошени се пари за проекти, но, катедралната црква е всушност параклис, а нов пат од Магарево до Пелистер нема.

село Магарево – Битолско

Животна средина, пак, под буџетската програма Унапредување на животната средина, трошела пари и за фекални и канализациски мрежи во Полошкиот Регион. Зошто такви инвестиции и зошто токму во Тетовско, сакавме да го прашаме ексминистерот Нуредини, но до објавувањето на сторијата, не успеавме да стапиме во контакт со него.

360°: Дали министерствата се обврзани да внимаваат на рамномерниот регионален развој при спроведување на нивните инвестиции?

Значи, законска обврска нема, но она што е многу важно е тоа што самите програми што ги доставуваат, она што сакам да го напоменам, е дека тие програми иако имаат некоја развојна компонента, сепак министерствата тргнуваат од нивните стратешки цели и определби, притоа не земајќи го предвид развојниот индекс, затоа и даваме таква препорака во Владата – да иницира за да можат да се вклучат“,

вели Блажевска од ДЗР.

Марина Блажевска – Државен завод за ревизија

Ревизијата препорачува да се направат стратешки приоритети соодветно на пописот, а Министерството за локална средина да ја ажурира Стратегијата за рамномерен регионален развој и парите да се инвестираат соодветно.

360: Дали според вас, соодветен проект за регионален развој е изградба на Дом на култура во село Камењане – Тетовско, или на пример изготвување на конзерваторски проект на црква во Битола, што го поднела вашата матична институција, Министерство за локална самоуправа?

Не, по мене, не е во ред. Гледајте, парите во регионалниот развој се трошат преку планските региони, најголем дел, овие директни. Планските региони, на свои форуми, составени од претставници од сите општини во регионот, НВО, институции, одлучуваат кои проекти ќе ги понудат кон нас за финансирање. Затоа говорам јас, и понудените проекти кои ги добиваме не се на нивото што ние го посакуваме и ние ќе подготвуваме нова процедура за промена на тој начин предлагање и на избор на програмите кои ќе се финансираат, бидејќи јас лично не сум задоволен од тоа што се случува на терен“,

вели министерот Пенов.

Тој најавува ажурирање на Стратегијата согласно бројките од пописот.

„Главната поента е како со тие пари што ги вложуваме, стоте денари вложени во неразвиено подрачје да донесат 300, а не стоте денари да се вложат и да нема никаков импакт.

360: Е, како?

Тоа прашање не го решиле ниту врвни светски економисти.

360: Значи дека нема да го решите и вие?

Ќе се обидуваме“,

вели Пенов.

Ако нема видлив резултат, нема да запре ни иселувањето од помалку развиените места. А, според пописот, два плански региони – Вардарскиот и Југоисточниот, веќе се под европскиот стандард од 150 000 жители, додека уште два – Источниот и Североисточниот, на граница – што би можело да води кон укинување на некои региони и рекомпонирање на мапата. А, во таква ситуација, картите ќе треба да се делат одново.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Кинезите пак верглаат за мировен план

Следно

Норвешка протерува 15 руски разузнавачи

Latest from Blog