Од 5 200 украдени велосипеди во последните пет години, МВР пронашло и вратило 510 – зошто е тешко да се откријат и украденото и крадците
На прашањата за воведување нова регулатива за некаква регистрација на велосипедите или нивно ГПС-следење, од МВР не добивме јасен одговор дали се „за“ или „против“. Значи, засега најважно останува – да не се губи од очи велосипедот. Во спротивно, како што покажува и Фејсбук групата „Украдени точаци“, има случаи кога полицијата успева брзо да го најде и крадецот и украденото. Но, таквите објави се повеќе исклучок
Фејсбук страницата „Украдени точаци“ е преполна со снимки од надзорни камери за текот на кражбите. Главно има два заплета – или крадецот користи невнимание и го краде велосипедот оставен во двор или влез или крадецот насилно обива врата за да дојде до пленот за кој знае дека е таму.
Расплетот е речиси секогаш ист – крадецот бега со украденото, а полицијата никако да го најде.
А, фејсбук страницата, е место на кое граѓани се обидуваат сами да си го најдат украденото.
„Беше шурата на гости останавме до касно ај да не оди со такси го земаа мојот точак, го врзувал кај него под кирија, беше тогаш во Скопјанка. Значи, на петти спрат врзан најкултурно точакот се. Сабајле ми се јавува, го нема. Бевме во полиција да пријавиме, беше онака малце чудно, смешно, трагично, не знам баш како да го објаснам, онака па каков точак, што точак дури се објаснивме никогаш не го најдовме“,
вели Игор Талевски – оштетен граѓанин.
Тој е еден од околу 600 граѓани на Скопје кои секоја година остануваат без велосипед. Или, во просек, секој ден во главниот град се крадат по два точаци.
Според податоците што „360 степени“ ги обезбеди од МВР, бизнисот се одржува со години. Во 2018 биле украдени 627 велосипеди, во 2019 – 429, па 683, 654 и во 2022 година – 518. Ако во просек секој од вкупно 2 911 украдени точаци во Скопје во последните пет години чинел 200 евра, станува збор за штета од близу 600 000 евра.
Драган Тодоровски, кој е сопственик на продавница за велосипеди, вели дека кражбите на точаци продолжуваат затоа што за нив има пазар.
„Се случува понекогаш да се најде тој велосипед во некој друг град, во Македонија. На пример, интересно е дека битолчани крадат во Прилеп, прилепчани крадат во Битола и обратно, но 90% од тие велосипеди излегуваат надвор од ова држава, се носат во некоја околна држава дали Албанија, Косово, Србија, каде и да е, едноставно каде што може да се продаде на ист начин“,
вели Тодоровски од „Бајк центар“.
Ваквата „трговија“ на велосипеди, според Тодоровски, функционира во две насоки. Додека велосипеди украдени во земјава се „извезуваат“ во земјите од регионот, во Македонија, пред се преку Србија, се внесуваат точаци украдени во Европа.
„Во овој бизнис на трговија се замешани други структури од македонската економија, како на пример царина и така натаму, пример, бидејќи вие не можете да донесете 10 велосипеди на граница ако некој не ве пушти… Така што, некој велосипед кој чини 3 000 евра или 2 500 евра, можете да го најдете на оглас за 600 евра, неверојатно возен цели 6 месеци или уште невозен“,
вели тој.
Тешко е да се следи трагата на украдените велосипеди од земјава во странство, но не е многу тешко да се најдат продавачите на, веројатно, украдени точаци од ЕУ. Имаат страници на Фејсбук или онлајн-продавници, но атрактивните модели не се изложени јавно.
Кога ќе отидете во „дуќанот“, кој обично е шупа, гаража или двор на приватна куќа, навистина може да се најдат релативно нови велосипеди за многу пониска цена од пазарната.
Со оглед на тоа дека ваквите продавници постојат со години, јасно е дека тие не се предмет на интерес на институциите. Тоа што остава впечаток уште повеќе е што се чини дека полицијата нема интерес да ги најде велосипедите украдени дома.
Од вкупно 5 195 пријави за украдени велосипеди на територијата на земјава од јануари 2018 до декември 2022 година, полицијата успеала да пронајде само 512. Тоа не е ниту 10% реализација.
Но, за нискиот процент не се еднакво виновни сите Сектори за внатрешни работи. Најнизок процент на пронајдени украдени велосипеди бележи територијата на која има и најмногу кражби. СВР Скопје наоѓа само 5% од украдените велосипеди. Не е далеку СВР Тетово со реализација од околу 6%. СВР Битола наоѓа 13% од украдените точаци исто како и СВР Велес, СВР Штип 15%, СВР Охрид 16%, а најефикасни се полицајците во СВР Струмица кои откриле 27% од украдените велосипеди на нивна територија во изминативе пет години.
Зошто полицијата пронаоѓа толку малку од украдените велосипеди е само едно од прашањата што ги упативме до МВР. Портпаролот и помошник на министерот, Тони Ангеловски, не одговори директно туку со други податоци – општо за криминалитетот.
„Значи, она што го зборував е дека вкупното, не само кога зборуваме за велосипеди, тука зборуваме за намалување на целиот криминалитет, сето тоа се прави преку оперативни акции и засилено присуство на полицијата на терен. Сето тоа резултира, како што кажав, со намалување на 30% на криминалитетот на вкупниот криминалитет. Тука зборуваме за кражби, разбојништва за тешки кражби, значи за сите кривични дела намалување за 30%. Во првите два месеца имаме намалување на 31% на криминалитетот, на вкупниот криминалитет кога ќе се спореди со првите два месеци од минатата година“,
вели Ангеловски.
За информациите од терен дека украдени велосипеди завршуваат во земјава и обратно дека украдени точаци од земјава се носат во соседството, одговорот беше – соработката со полициите од соседството е добра.
„Се разбира, криминалците не познаваат граници но затоа и ние како полиции соработуваме одлично можам да кажам дека имаме одлична соработка со сите полициски служби и со Косово и со Србија и со Бугарија и со Грција и со Албанија и се со цел да имаме подобра безбедност и на границите, но се разбира и во самите држави“
додава тој.
На Драган Тодоровски, кој води легален бизнис, не му одговара ниту крадењето ниту црниот пазар. Свесен дека кражбите и црниот пазар не може целосно да се запрат, посакува барем некаков ред.
На пример секој велосипед да има еден вид сообраќајна дозвола од моментот кога ќе излезе од продавница или со увоз во земјава и да постои систем за нивно лоцирање.
„Тоа е нешто во Европа конкретно во Германија го имам видено и мислам би функционирало одлично. Така ќе се знае историјата на секој велосипед – кој го поседувал, еве од каде е купен, кој го поседува, дали е увезен дали не увезен, да се направи некој официјален веб сајт каде што ќе може да се лоцират велосипедите, имено секој велосипед одоздола си има шифра така да таа шифра точно се знае од каде доаѓа тој велосипед, кој го поседувал“,
објаснува Тодоровски од „Бајк центар“.
За некаков вид регистрација се залага и Игор Талевски. Вели, би помогнал и ГПС, но ако МВР се согласи да ги брка крадците.
„Има опција и со ГПС меѓутоа ако не се вмеша тука полицијата немам никаква корист што јас ќе купам ГПС. Може од Алиекспрес да го нарачам за 5 долари и ќе го најдам и… тука завршува приказната. Не можам ништо да преземам правно легално против него“,
вели велосипедистот Талевски.
На прашањата за воведување нова регулатива за некаква регистрација на велосипедите или нивно ГПС-следење, од МВР не добивме јасен одговор дали се „за“ или „против“.
Значи, засега најважно останува – да не се губи од очи велосипедот. Во спротивно, како што покажува и Фејсбук групата „Украдени точаци“, има случаи кога полицијата успева брзо да го најде и крадецот и украденото. Но, таквите објави се повеќе исклучок.
ИЗВОР: 360stepeni.mk