(ВИДЕО) Барањата и наредбите за прислушување повеќе нема да патуваат по курири и затворени плика

4 mins read

Идејата е целата размена на информации (барања и наредби) да се врши преку затворен компјутерски систем до кој ќе имаат пристап само институциите со надлежности во областа. Системот ќе може да се користи единствено од посебни простории за кои ќе има строги протоколи за влез, користење на системот и излез

Следење и снимање на телефонски уреди и други електронски комуникации е една од 12 посебни истражни мерки што им стојат на располагање на органите на прогонот. Мерката, пишува во Законот за кривичната постапка, треба да се употребува единствено кога не би можеле да се обезбедат потребните докази на друг начин.

Обвинителот и шеф на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, објаснува дека станува збор за „инвазивна“ мерка која се користи во исклучителни околности. Барањето за следење на комуникациите се испраќа до судијата на претходна постапка, кој ја издава наредбата. Она што е важно за оваа мерка, како што потенцира Бубевски, е брзината.

„Носењето на пошта од орган до орган, заведувањето на сето тоа прави одредени импликации во временски рокови. Овде се работи за часови. Давањето на поткуп се случува денес во 3 часот. Не утре или за два дена, туку денеска во три часот. Да немаме трка со времето и да дојде ред да не успееме во одреден момент таквата комуникација да биде пресретната и да не обезбедиме доказ“,

вели Бубевски.

Гаврил Бубевски, шеф на ОЈО Скопје

Актуелниот начин на обезбедување наредба за следење на комуникациите, како што објасни и Бубевски, се одвива исклучиво во писмена форма.

Барањето од МВР или другите органи што имаат право да ја предложат мерката, во запечатено плико, оди до обвинителството, а оттаму во судот, кој издава наредба. Потоа, анонимизирана, наредбата, повторно во затворено плико, се проследува до Оперативно-техничката агенција – ОТА. Таму се активира следењето на комуникациите. Одлуката дали снимените разговори ќе послужат како докази, е кај јавниот обвинител.

Актуелен начин за добивање наредба за следење на комуникациите

На иницијатива на ОТА, сега процесот се дигитализира, со што се намалува учеството на човечкиот фактор во безбедноста на податоците.

„Кога мислам на безбедност, мислам пред сè на самото барање, на самото поднесување на наредбата и издавањето од страна на судијата, бидејќи во овој целокупен процес се вклучени многу актери и тоа судии, јавни обвинители, полицијата. И целта на самиот процес на дигитализација е минимизирање или минимално учество на субјективниот фактор, сè со цел безбедноста да биде поставена на високо ниво“,

објаснува претседателот на Основниот суд Кавадарци и Советот за координација на ИКТ во правосудните органи, Лазар Нанев.

Лазар Нанев, претседател на Основниот суд Кавадарци

Со дигитализацијата, институциите се поврзуваат меѓусебно во издвоена мрежа, која не е на интернет и има единствена намена – размена на податоци меѓу корисниците на системот за следење на комуникациите. Целиот ланец – од предлог, преку барање од обвинителството, одобрување од судот до активирање на следењето на комуникациите од ОТА, се одвива преку овој систем. Сите вклучени институции пристапуваат дигитално на т.н. клауд или облак, кој не е поврзан на интернет.

Во системот се вклучени – ОТА, потоа МВР, Финансиската полиција, Царинската управа, АНБ и военото разузванавање – како предлагачи на ПИМ. Потоа, републичкото, скопското и Обвинителството за гонење на оргнизиран криминал и корупција, од кои треба да дојде барањето, и Кривичниот и Врховниот суд како издавачи на наредбите за посебни истражни мерки.

Дигитализиран начин за добивање наредба за следење на комуникациите

Инспекторот, обвинителот и судијата на претходна постапка, вклучени во процесот, може да му пристапат на системот само од специјална просторија во нивната институција. Во неа може да влезат само лица со посебено овластување. Внатре, има тастатура и монитор кои се поврзани исклучиво со клаудот. За најава во системот – инспекторот, обвинителот или судијата ќе имаат дигитален идентификациски сертификат. Физички излез од просторијата е можен само откако корисникот ќе се одјави од системот, што треба да спречи неовластено лице да го види предметот.

Наместо хартиена, до ОТА стигнува дигитална наредба, со код и телефонски број што треба да се следи. Во системот нема да може да се внесе друго времетраење на следењето, освен наведеното во судската наредба.

Судијата Ненад Савески од Кривичниот суд Скопје, кој е и член на работната група за овој систем, вели дека освен поголема ефикасност, ова значи и значително зголемена безбедност.

Ненад Савески, судија од Кривичниот суд Скопје

Практично, се елиминира можноста да се наруши тајноста на оваа постапка, во голема мера се гарантира правото на заштита на приватност, кое е тесно поврзано кога станува збор за ПИМ. Се има целосна контрола околу времетраењето на истите и, тука морам да истакнам дека препознавам и намалување на ризикот од корупција, бидејќи со секоја интервенција во софтверот секој оној кој учествувал во процесот, јасно се евидентира кој, кога, кое процесно дејствие презел, односно кој одлучувал во постапката кога се определила одредена посебна истражна мерка“,

вели судијата Савески.

Системот ќе користи неколку нивоа на заштита, објаснуваат нашите соговорници.

Се овозможува многу поголема заштита од неовластени лица да имаат можност да се запознаат со овие мерки коишто ги дава судот, а ги бара обвинителството, а се поднесуваат по иницијатива на органите за прогон, затоа што се работи за еден затворен систем во којшто имаат можност да влезат само овластени лица, кои добиваат соодветна верификација за да можат да постапуваат во системот“,

додава обвинителот Бубевски.

Врховните судии имаат посебна улога во употребата на ПИ-мерките, бидејќи тие се надлежни за издавање наредба за следење на комуникациите кога има сомнежи за кривични дела против националната безбедност и државата.

„Во соработка со ОТА како законски надлежна институција, во судот прецизирани се функционалните зони според овие стандарди и правила. Овој тип на реформи, особено креирањето на безбедни и ефикасни софтверски решенија, ќе дадат голем придонес во работењето кое првенствено мора да е засновано на Уставот, законите и меѓународните документи за заштита на човековите права“,

вели Беса Адеми, претседателката на Врховниот суд.

Во подоцнежна фаза, планот е да се поврзат и останатите обвинителства и судови низ земјава. Системот доби сертификат за акредитација од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Со него се потврдува дека тој ги исполнува условите за создавање, чување, обработка и пренос на национални класифицирани информации во електронска форма.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

По осум години, избрана новата влада на Федерацијата БиХ

Следно

Претседателот на Би-би-си поднесе оставка – експремиерот Џонсон наводно помогнал во неговото назначување

Latest from Blog