Трагедијата на Врачар ги затекнала и лекарите на Итната помош: Тоа е стрес за кој не се подготвуваш на факултет

4 mins read

На местото на трагедијата во основното училиште на Врачар во еден момент имало 11 екипи на Итната помош, кои пружале помош на повредените, но и на родителите кои ги барале своите деца, вели д-р Ивана Стефановиќ. Таа вели дека сите се сè уште потресени, дека екипите на Итната помош останале колку што било потребно, но дека некои од нив се „скршиле“ кога се вратиле од местото на трагедијата

По пукањето што вчераутро се случи во основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградската општина Врачар, кога 13-годишниот К. К. застрела и усмрти осум ученици и работник од обезбедувањето, во еден момент на местото на трагедијата имало дури 11 екипи на Итната помош. Иако искусни и докажани професионалци – лекарите кои интервенирале биле затечени од глетката, раскажува доктор Ивана Стефановиќ од Итната помош за РТС.

Д-р Ивана Стефановиќ/Фото: Принтскрин

Првиот повик во Итната помош, вели таа, стигнал во 8:43 часот, а гласел дека во училиштето нешто се случува, дека има пукање и многу повредени.

„Како што налага протоколот, веднаш ги испраќате трите најблиски екипи, кои беа таму многу брзо. Тие нè информираа што се случува таму, по што брзо ја реорганизиравме целата работа, за да спасиме што повеќе повредени“,

раскажува докторката.

Според неа, првата екипа која пристигнала згрижила 13-годишно момче, втората екипа пружила помош на 13-годишно девојче во Клиничката болница, третата екипа на 13-годишно момче, четвртиот тим пренел момче и девојче во Ургентниот центар, петтиот тим ја згрижил 53-годишната наставничка, која била во свесна состојба, додека шести тим пренел 13-годишно момче во Клиничкиот центар.

„Потоа останаа уште шест екипи, една се врати. Тие тимови останаа да пишуваат констатации, изјави. Потоа повторно испративме пет тима да бидат во Министерството за внатрешни работи кога ќе се соберат родителите, пријателите и роднините, за да им притекнат во помош“,

вели д-р Стефановиќ.

Дури 11 тимови на Итната помош во еден момент биле присутни на местото на трагедијата на Врачар/Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Додека траел увидот во и околу објектот, во еден момент од двете страни на училиштето имало дури 11 екипи на Итната помош, за да им помогнат на родителите кои се собрале на Цветниот плоштад во близина, каде што биле изнесени децата. Од другата страна на училишната зграда екипите на брзата помош биле распоредени поради родителите кои ги барале своите деца кои не одговарале на телефонските повици.

„Секако, да се најдат професорите и наставниците од тоа училиште кои секако не биле подготвени за ваков стрес, за ваква трагедија. Сигурно никој не е подготвен на тоа, дури и кога сте професионално образовани, како што се екипите на Итната помош“,

вели д-р Стефановиќ.

Таа им оддаде признание на лекарите и на персоналот на Итната помош, наведувајќи дека направиле голема работа и придонеле да се спасат животи и да се избегне ескалација на и онака огромната трагедија.

 Сите се сè уште потресени

Лекарката вели дека вчераутро била во училиштето како родител за да си го земе детето бидејќи тој ден не била на работа, но им помагала и на колегите од Итната помош.

„Отидов таму како родител, ако ме видовте без униформа, тоа е само затоа што тој ден не работев, отидов да си го земам детето, но секако дека ќе одите да видите колку се повредени и да помогнете на вашите колеги во моментот кога ќе сфатите дека вашето дете е безбедно“,

наведува д-р Стефановиќ.

Таа нагласува дека сите се сè уште потресени, дека екипите на Итната помош останале колку што било потребно, но дека некои од нив се „скршиле“ кога се вратиле од местото на трагедијата.

„Навистина станува збор за стрес за кој не се подготвуваш на факултет. Не треба да правиме такви работи. Кога ќе се случи, правиш сè што можеш, но мора да знаеш како да се ослободиш од стресот потоа. Изненадувачки сме добро“,

вели докторката.

И покрај сè што се случи во училиштето во Врачар, екипите на Итната помош вчера успеале да згрижат 108 пациенти, од кои 35 на јавни места, 19 педијатарски повици, два акутни коронарни синдроми и пет сообраќајни несреќи.

Директорот на Клиничкиот центар на Србија, Милика Ашанин, утрово изјави дека состојбата на двајца ученици и наставничката по историја, ранети во пукањето во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград и сместени во Ургентниот центар, е многу подобра, дека се стабилни и будни и дека лекарите разговарале со нив. Третиот ученик исто така е буден, но неговата состојба сè уште се смета за критична.

Граѓани чекаат на ред да даруваат крв

Во Заводот за трансфузија на крв на Србија и денеска околу 100 граѓани сè уште чекаат на ред за да даруваат крв по вчерашната трагедија во училиштето во Врачар.

Вчера во Институтот се чекало и по 45 минути за да се даде крв штом се појавила веста дека се потребни дополнителни единици крв.

Мирјана Кнежевиќ од Институтот за РТС вели дека Заводот вчера имал доволно резерви на крв за веднаш да испрати сè што е потребно за згрижување на повредените. Но, на социјалните мрежи почнале да се појавуваат информации дека недостасува крв од крвната група нулта, која најмногу се користи кога се вршат масовни трансфузии. Станува збор за единствената крвна група која може да се примени за секого и затоа е важно да се има доволно резерви од неа и да се реагира навремено, велат од Институтот.

Податоците покажуваат дека вчера во холот на Институтот крв дале 479 белграѓани и дека во текот на денот биле собрани 689 единици крв.

Кнежевиќ наведува дека крв е потребна секој ден и дека би било добро сограѓаните да го одложат дарувањето крв и за следниот период.

„Повредени деца, сите повредени се згрижени, што се однесува до крвта… Важно е крводарителството да не е само вчера и денес и утре, туку редовно да даруваме крв“,

вели Кнежевиќ.

Тринаесетгодишниот К. К., ученик во „Владислав Рибникар“, во средата околу 8 часот со пиштол застрела и уби осум ученици и вработен во обезбедувањето на училиштето. Во пукањето се ранети уште шестмина ученици и наставничка, кои со тешки повреди се пренесени во Клиничкиот центар на Србија, каде што на дел од нив се извршени оперативни зафати. 

Осомниченото момче, како што соопшти полицијата, подолго време го планирало нападот. Имал список со имиња и скица, која, како што рекоа од полицијата, изгледала како да е од видеоигра или хорор-филм.

Оружјето со кое пукал малолетникот го зел од својот татко, а во ранецот му биле пронајдени и четири молотови коктели. 

Од Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Белград соопштија дека осомничениот не подлежи на кривична одговорност бидејќи станува збор за малолетник кој сè уште нема наполнето 14 години.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на вонредна прес-конференција меѓу другото рече дека до Владата ќе предложи 10 мерки, од кои една е да се ревидира старосната граница за кривична одговорност од 14 на 12 години. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Започна најголемата аукција на накит во историјата: Продажба на накитот на милијардерката Хајди Хортен

Следно

Турски МИТ неутрализира високорангиран терорист на ПКК во северен Ирак

Latest from Blog