Светот остана без уште една ѕвезда: На 83 години почина Тина Тарнер – кралицата на рокенролот

May 24, 2023
2 mins read

Тарнер се прослави и стана еден од најголемите изведувачи во светот како соло уметник и една од клучните поп-икони во 1980-тите. Често нарекувана кралица на рокенролот, Тина Тарнер беше славна по своите енергични сценски настапи и моќен вокал

Музичката ѕвезда Тина Тарнер почина на 83-годишна возраст во Швајцарија, по долго боледување, соопшти денеска нејзиниот портпарол.   

Тина Тарнер/Фото: EPA-EFE/MACIEJ KOSYCARZ

„Тина Тарнер, кралицата на рокенролот, почина денеска по долго боледување во нејзиниот дом во Киснахт во близина на Цирих, Швајцарија. Светот изгуби музичка легенда и модел“,

пишува во соопштението на претставникот на починатата пејачка. 

Таа последната година, како што пишуваат светските медиуми, се бореше со последиците од ракот на дебелото црево, кој и беше дијагностициран во 2016 година, додека во 2017 година и беше извршена трансплантација на бубрег.  

Тарнер се прослави и стана еден од најголемите изведувачи во светот како соло уметник и една од клучните поп-икони во 1980-тите. 

Таа ја потврди и ја зајакна улогата на црните жени во рокенролот, дефинирајќи ја ерата на музиката во која создаваше до таа мера што легендарниот фротмен на Ролинг Стоунс, Мик Џегер, призна дека таа е негова инспирација. 

Често нарекувана кралица на рокенролот, Тина Тарнер беше славна по своите бурни и енергични сценски изведби и моќен вокал, пишува Би-би-си. 

Таа освои осум Греми награди и беше примена во „Рокенрол куќата на славните“ во 2021 година како соло изведувач, откако претходно беше примена во неа заедно со нејзиниот поранешен сопруг Ајк Тарнер во 1991 година. 

Фото: EPA-EFE/DAVID HECKER

По приемот како соло изведувач, „Куќата на славните“ забележа дека таа ја „проширила некогаш ограничената идеја за тоа како една црна жена може да освои сцена и да биде и моќ и повеќедимензионално суштество“. 

Родена во Тенеси, како Ана Меј Булок, во семејство на мајка работничка во фабрика и татко баптистички свештеник, таа најпрво се прослави како една од водечките пејачки на бендот на нејзиниот сопруг Ајк Тарнер – Кралеви на ритамот (The Kings of Rhythm). 

Парот вкуси комерцијален успех со Fool in Love и It’s Gonna Work Out Fine, кои се најдоа на американските топ листи во раните 1960-ти. 

Нивните други хитови ги вклучуваат Nutbush City Limits од 1973 година, за малиот град во кој е родена Тарнер. Но, физичкото и емоционалното малтретирање од страна Ајк го зема својот данок. 

Токму тој го промени нејзиното име од нејзиното родено име, Ана Меј Булок, во Тина Тарнер – одлука што ја донел без нејзино знаење.  

Таа се присети на траумата што ја претрпела во текот на нивната врска во нејзините мемоари од 2018 година, Мојата љубовна приказна (My Love Story). 

„Толку пати го користеше мојот нос како боксерска вреќа што можев да вкусам крв што ми тече низ грлото кога пеев“,

напиша таа. 

Тина Тарнер беше позната по своите енергични настапи и моќен вокал/Фото: EPA-EFE/STEFFEN SCHMIDT

По разводот со Ајк, таа ја обнови својата кариера и стана една од најголемите поп и рок ѕвезди од 1980-тите и 1990-тите, со хитови како Let’s Stay Together, Steamy Windows, Private Dancer, со истоимената тема за филмот Златно око од серијалот за Џејмс Бонд, потоа хитовите I Don’t Wanna Fight and It Takes Two, дует со Род Стјуарт. 

По разводот со Ајк, таа среќата ја најде со својот втор сопруг, германскиот музички директор Ервин Бац. Тие почнаа да се забавуваат во средината на 1980-тите, а се венчаа во 2013 година. 

Двојката живееше во Швајцарија, а Тарнер доби швајцарско државјанство. Тој ѝ донираше еден од неговите бубрези во 2017 година, откако беше откриено дека боледува од бубрежна инсуфициенција. 

 Таа, исто така, претрпе трагедија со самоубиството на нејзиниот најстар син Крег во 2018 година. Негов татко беше поранешниот колега од бендот на Тарнер, Рејмонд Хил. 

За животната приказна на Тарнер беше снимен биографски филм во 1993 година со наслов What’s Love Got To Do With It, кој и донесе на Анџела Басет номинација за Оскар за улогата на ѕвездата. 

Во едно од нејзините последни интервјуа во 2018 година Тарнер рече:  

„Луѓето мислат дека мојот живот беше тежок, но мислам дека тоа беше прекрасно патување. Колку повеќе старееш, толку повеќе сфаќаш дека не е тоа што се случило, туку како се справуваш со тоа.” 

Извор: 360stepeni.mk

VERO marketi

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

(ВИДЕО) Кравите останаа единствени жители крај езерото Треска

Следно

Американска амбасада во БиХ: Закана за Република Српска е Додик, а не САД и Западот 

Latest from Blog

Божиновска во интервјуто за Портрет: „Успехот зависи од тоа колку сме подготвени постојано да учиме“

Патот на Сања Божиновска не може да се гледа само низ нејзината кариера, туку и низ искуствата, вредностите и изборите што ја обликувале како професионалец и лидер. Во разговорот таа се осврнува

Скалони: Ние сме посебни, тоа не е ароганција – тоа е срце!

ФОТО:.facebook.com/AFASeleccionEN/ Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, не ги криеше своите емоции по победата на неговиот тим од 2:1, со која „гаучосите“ стигнаа до второто последователно финале на Светското првенство. Обраќајќи се пред

Пробиштип субвенционира клими, сончеви колектори и велосипеди – почна пријавувањето за 2026 година

Општина Пробиштип објави три нови јавни повици за субвенционирање на домаќинствата во 2026 година, со цел поттикнување на еколошките навики, заштитата на животната средина и користењето обновливи извори на енергија. Граѓаните од

Доцни исплатата на породилното

Наместо редовна финансиска исплата загарантирана со закон, неизвесност и доцнење. Мајки на породилно отсуство за Телевизија 24 реагираат дека речиси месец и половина им доцни надоместот. Исплатата за мај им била исплатена

Муцунски во Вашингтон на покана од Рубио, ќе учествува на конференција за политичкиот тероризам

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Вашингтон, каде на покана на американскиот државен секретар Марко Рубио ќе учествува на министерската
Go toTop