Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Абу Даби, оствари средба со Шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, претседател на Обединетите Арапски Емирати и Владетел на Абу Даби.
На средбата беа разменети мислења околу можностите за продлабочување на билатералните односи, интензивирање на економската соработка, актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за надворешните приоритети и политичките состојби во двете земји.
Претседателот Пендаровски упати честитки за неговото именување за нов претседател на Обединетите Арапски Емирати и изрази уверување дека Обединетите Арапски Емирати ќе останат посветени на одржување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност, како наши заеднички заложби.
На средбата беше констатиран позитивен развој на билатералните односи меѓу двете земји и изразено очекување дека добриот политички дијалог, мултилатералната соработка и меѓусебното почитување ќе продолжат со иста динамика и во иднина, што ќе резултира со конкретна соработка во повеќе области од заеднички интерес.
Претседателот го истакна интересот на Северна Македонија за унапредување на економската соработка и трговската размена со Обединетите Арапски Емирати. Со цел поттикнување и унапредување на соработката меѓу бизнис заедниците, претседателот ја истакна потребата од подобрување на правната рамка меѓу двете земји и ги охрабри иницијативите за склучување на билатерални договори и спогодби за соработка во повеќе области. На средбата беше разговарано за воспоставување на директна авионска линија Скопје-Абу Даби, а беа поздравени иницијативите за поддршка на инвестициски и инфраструктурни проекти од страна на ОАЕ, кои се од стратешки интерес за Северна Македонија и регионот на Западен Балкан.
Во рамки на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, претседателот Пендаровски ја посети Вахат Ал Карама – Оазата на достоинството, каде положи цвеќе и оддаде почит на мачениците и хероите на Обединетите Арапски Емирати.
Претседателот Пендаровски ја посети и Големата џамија на Шеик Зајед како едно од импозантните архитектонски дела во Обединетите Арапски Емирати, во чија градба се користени и материјали од Прилеп.
Воедно, претседателот Пендаровски ја посети и Аврамската семејна куќа, која со дизајнот и мисијата ги доловува заедничките вредности на јудаизмот, христијанството и исламот и служи како платформа и образовен центар за меѓусебно разбирање, прифаќање и толеранција.
Посетата на претседателот Пендаровски на Обединетите Арапски Емирати е прва посета на претседателско ниво. Во рамки на посетата, како дел од соработката меѓу Министерствата за надворешни работи беше потпишан и Меморандум за укинување на визите за носители на дипломатски и службени пасоши меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.
ИЗВОР: kurir.mk