Седницата на Комисијата за европски прашања за законите за коридорите тргна, па застана: Усвоен само дневниот ред – расправата одложена за утре

5 mins read

Пред да биде ставен на гласање и изгласан дневниот ред, процедурално за збор се јавија координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и неговата заменичка Ели Панова, кои како и на пленарната седница претходно денеска, реагираа дека во случајот се прават сериозни прекршувања на Деловникот на Собранието и дека измените на законите што се предложени немаат никаква врска со европското законодавство, ниту се работи за усогласување со него

За дневниот ред „за“ гласаа девет пратеници, а „против“ и „воздржани“ немаше. Претседателот на Комисијата, Арбер Адеми потоа ја прекина седница и продолжението го закажа за утре во 11 часот

Собраниската Комисија за европски прашања на вечерашнава експресно закажана седница, на која требаше да се разгледуваат предлог-измените на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д, само го усвои дневниот ред, а расправата по првата точка ја закажа за утре. 

Пратеникот и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски/Фото: МИА

Прва точка на дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за работни односи. Комисијата, како матично тело треба да расправа уште и за измените на законите за урбанистичко планирање, за градење, Законот за експропропријација и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратегиски партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија. Сите предлог-измени доставени од Владата се со европско знаменце, односно треба да се донесат по скратена постапка. Како шеста на дневниот ред се ставени измените на Законот за Академијата за судии и јавни обвинителите, кои се исто така со европско знаменце. 

Седницата на Комисијата за европски прашања, како матично тело, бидејќи измените се предложени со европско знаменце, беше закажана за вечерва, откако Собранието денеска на пленарна седница ја усвои потребата од нивно донесување по скратена постапка.  

Пред да биде ставен на гласање и изгласан дневниот ред, процедурално за збор се јавија координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и неговата заменичка Ели Панова, кои како и на пленарната седница претходно денеска, реагираа дека во случајот се прават сериозни прекршувања на Деловникот на Собранието и дека измените на законите што се предложени немаат никаква врска со европското законодавство, ниту се работи за усогласување со него. Поради ваквите постапки, тие предупредија дека ќе има одговорност, пренесува МИА. 

„Се прават сериозни прекршувања на Деловникот. Нема да ја спомнам денешната седница и начинот како дојдовме до Комисијата. Пленарната седницата заврши во 18:21 часот, а во 18:22 беше пуштена порака дека е закажана 54. седница на Комисијата за европски прашања во 18:45 или за 23 минути. Во 19:21 часот се уште немаше ништо прикачено на е-Парламент за седницата. Пред три минути е ставена седницата. Носиме закони што ќе влечат две-три милијарди евра, а не застанувате да ги погледнеме овие работи. Делегација на ЕУ се изјасни дека употребата на европското знаменце не е оправдана, а и Комората на овластени архитекти и инженери кажа: ‘Остануваме на ставот дека дел од опишаните процеси не смеат да бидат заобиколени со кратење постапки, а со преиначување на постапките се нарушува професионалниот пристап’. Не се сигурни кој што ќе проектира, какви патишта ќе бидат проектирани – ‘со недофатливи негативни импликации’“,

рече Мицевски. 

Дел пратениците присутни на седницата на Комисијата за европски прашања/Фото: МИА

Кооридинаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ му забележа на претседателот на Комисијата Арбер Адеми од ДУИ дека молчи, без да даде одговори на неговите прашања, кои се однесуваа на тоа како се води процедурата поврзана со измените на законите.  

„Дали имаме опструирана дебата? Дали имаме ограничена амандманска расправа? Треба да глумиме дека се е во ред, дека Комисијата функционира, дека тераме по предложениот дневен ред и да завршиме работа. Не знам колку можеме да го спуштиме нивото на оваа институција. Не мора да се чека за пленарна седница десет дена, комисија се закажува за 22 минути, закажувањата се надвор од сите процедури, транспарентноста на седниците е нула. Комисии нема потреба да има зашто Комисијата за европски прашања презема се. Ова што го правите, ќе ни се удри на сите од глава“,

рече Мицевски. 

Заменик-координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Панова го обвини владиното мнозинство за дрско и безобразно однесување. 

„Вакво дрско и безобразно однесување одамна не сме виделе. Ретко кој не слушна до сега за „Бехтел и Енка“, за коридорите 8 и 10д, слушна и ЕУ. И таа и граѓаните опоменуваа. Вашата цел не е ЕУ, туку кражба и затоа денеска на оваа Комисија повторно имаме празни закони. Треба да се засрамите зашто нашите деца ќе ги плаќаат парите за кои вие сега се задолжувате, но вашите џебови ќе бидат полни. Не сте виделе ниту договор, ниту закони, тука сте само да изгласате. Во законите пишува дека нема финасиски импликации, сте ставиле европско знаменце, а внатре стои дека нема усогласеност со европската регулатива. Што е ова, кој ви дозволува вака да се однесувате со прописите во земјава и да си играте со парите на граѓаните?“,

рече Панова. 

Заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова/Фото: МИА

Следна, која се јави за збор процедурално беше нивната колешка Дафина Стојановска, исто така од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Таа, од говорницата во салата „Борис Трајковски“, каде се одржа комисиската расправа, обвини дека се прави криминал што ќе се плаќа со пари на граѓаните. 

„Одите со глава во ѕид. ЕУ кажа дека ова не е европска регулатива. Само назив има на прописот и предлагач, како и негов потпис. Ова е криминал што ќе се плаќа со пари граѓаните. Не се работи за заем или спонзорство. Не ја срамите само државата, туку и европската заедница и еминентната американска фирма. Ова не смее да помине, за ова некој ќе одговара“,  

рече Стојановска.  

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и членка на Комисијата за европски прашања, Дафина Стојановска/Фото: МИА

За дневниот ред „за“ гласаа девет пратеници, а „против“ и „воздржани“ немаше. Претседателот на Комисијата, Адеми потоа ја прекина седница и продолжението го закажа за утре во 11 часот.  

На седницата вечерва присуствуваа заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеин и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи. 

Измените на петте закони повразни со изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д беа усвоени од на владина седница во петокот, а веќе в понеделник беа пристигнати во Собранието и ставени во процедура, која започна денеска со гласањето за потребата од нивно донесување.  

Во врска со употребата на европското знаменце, реагираа од Делегацијата на Европската Унија во земјава, од каде посочија дека конкретната легислатива не во согласност со стандардите на Унијата. Ставот на Делегацијата денеска го повтори евроамбасадорот Дејвид Гир. 

„Не загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ“,

рече Гир, одговарајќи на новинарски прашања. 

Пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во име на опозициски членови на собраниската Комисија за надворешни работи, денеска доставија писмо до Европскиот парламент во кое ја обвинуваат власта оти го злоупотребува европското знаменце кое се најде на петте предложени законски измени поврзани со спроведувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, односно со изградбата на коридорите 8 и 10-д. 

Употребата на европското знаменце во овие закони, велат опозициските пратеници во дописот до Европскиот парламент, не е оправдана и нема никаква допирна точка со присвојувањето на законодавството на Унијата.

Европското знаменце на овие закони пред два дена се обиде да го оправда вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, нагласувајќи дека Владата, од политички аспект, има основа да стави европско знаменце на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д за да успее да ги изгради овие автопати и да ја комплетира трансевропската мрежа на коридори во Северна Македонија. 

Тој додаде дека знаат оти овие закони не се усогласени со некои европски акти, но посочи дека Коридорот 8 треба да биде впишан во трансевропската мрежа на коридори на 16 мај. 

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Награда за Град Скопје на манифестацијата „Оскар на хуманоста“ во организација на Црвен крст на град Скопје 10.5.2023

Следно

За Кремљ намерата на Полска да го преименува Калининград е непријателски чин 

Latest from Blog