Се зголемуваат замрзнатите цени на доматите, краставиците, пиперките и кромидот, Владата донесе нова одлука

3 mins read

Новите цени ќе почнат да важат по објавата на одлуката во „Службен весник“, а ќе се применуваат до крајот на месецот. На дневна база се контролираат цените на увозот врз основа на тоа што се пријавени и ако има потреба во текот на месецот дополнително ќе ги коригираме ако забележиме намалување на увозните цени, најави министерот

На прашањето зошто во маркетите нема за продажба домати и краставици, Бектеши рече дека од утре нема да има таква ситуација затоа што доколку трговците стоката ја чуваат како резерва ќе им биде земена и ќе добијат соодветни казни согласно Законот за трговија и за заштита на потрошувачите

Замрзнатите цени на доматите, краставиците, пиперките и кромидот ќе бидат зголемени откако Владата денеска донесе таква одлука, а ја образложи министерот за економија Крешник Бектеши.

Со новата одлука замрзнатата цена на доматите од 70 денари се зголемува на 95, краставиците поскапуваат од 75 на 95 денари, а пиперките поскапуваат за 10 денари, односно наместо по 90 сега ќе се продаваат по цена од 100 денари. За 10 денари поскапува и кромидот, кој сега ќе чини 70 денари. Според Бектеши, сите цени на овошјето и зеленчукот, кои се дел од одлуката на Владата, се ограничуваат до 100 денари, освен таа на леќата која е 110 денари.

Во делот на замрзнатите цени на овошјето, Бектеши рече дека тие се почитуваат и нема да има корекции, што значи дека бананите и натаму ќе бидат со цена до 70 денари, мандарините 60, а највисоката цена на портокалите и лимоните ќе биде 55 денари.

Корекцијата на замрзнатите цени на 11 вида овошје и зеленчук, според министерот, се должи на повисоките цени на овие производи кои биле прикажани во увозните фактури во периодот од 28 март до вчера во услови кога се уште нема домашно производство..

Новите цени ќе почнат да важат по објавата на одлуката во Службен весник, а ќе важат до крајот на месецот.

„Ова ќе важи до крајот на месецот. На дневна база се контролираат цените на увозот врз основа на тоа што се пријавени и ако има потреба во текот на месецот дополнително ќе ги коригираме ако забележиме намалување на увозните цени“,

најави министерот.

Бектеши, исто така, рече дека контролите, кои изминатите денови ги вршеа Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и Царинската управа, ќе продолжат, а се со цел да не бидат оштетени граѓаните, но и буџетот на државата и да се сузбива неформалната економија.

На прашањето зошто во маркетите нема за продажба домати и краставици, Бектеши рече дека тоа е истото што се случуваше и со продажбата на лебот.

„Но, од крајот на минатата недела има нова одлука која се применува од денеска, а се однесува на тоа дека сите трговци имаат обврска да продаваат 70 отсто од продажбата што ја имале во јануари и февруари. Од утре нема да има таква ситуација затоа што доколку трговците стоката ја чуваат како резерва ќе им биде земена и ќе добијат соодветни казни согласно Законот за трговија и за заштита на потрошувачите“,

најави Бектеши.

Тој рече дека никој не може да ги крие производите, а по утврдувањето на таквата состојба од Државниот пазарен инспекторат од пред неколку дена, денеска сите производи ќе бидат ставени на пазарот.

Министерот најави и дека се истражува како фактурите за увоз биле помали до 28 март, а сега има скок од 30 отсто.

На прашањето дали некој ќе сноси одговорност за фалсификување на фактурите на трговците и увозниците кои беа откриени и за колку е оштетен буџетот, Бектеши рече дека согласно неговите информации Царинската управа веќе ја има доставено документацијата со која располага до соседните држави, вклучувајќи ги главно Турција и Грција затоа што поголемиот увоз се прави од тие држави.

„Во случај навремено да ги добиеме сите одговори од нивна страна тогаш ќе излеземе и со проекции колку би можел да биде оштетен буџетот. Една работа можам да гарантирам дека оваа работа ќе оди до крај. Ова не значи дека треба да се направи контрола само во делот на увозниците или на трговците на мало, треба да се направи контрола на целиот синџир како влегуваат тие производи и начинот како е тоа направено, вклучувајќи и институции кои ги прават тие проверки, а зошто да не и вработени“,

рече Бектеши.

Минатата недела Владата донесе одлука за замрзнување на цената на 11 вида овошје и зеленчук. Потоа донесе одлука со која трговците ги задолжи да прибавуваат 70 отсто од количествата кои ги продале во јануари и февруари годинава.

И оваа одлука, како и таа за замрзнување на цените ќе важи до крајот на април годинава.

Изминатите денови инспекторите од Државниот пазарен инспекторат излегоа на терен каде вршат надзори кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови, но и на Кванташкиот пазар. Од контролите беше утврдено дека фирмите имале доволно резерви на овошје и зеленчук, но не ја почитувале одлуката за дистрибуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата во јануари и во февруари. За нив ќе следуваат казни од 800 до 10 000 евра.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Израелските тајни служби ги зовривале израелските анти-владини демонстрации

Следно

Романија планира да купи американски борбени авиони Ф-35

Latest from Blog