Арина Сабаленка се пласира во финалето на Отвореното првенство на Австралија, совладувајќи ја убедливо Елина Свитолина со 6-2, 6-3, а на социјалните мрежи и понатаму се коментира репликата на Белорусинката по освојувањето на последниот поен. Од усните на Сабаленка можеше да се прочита како вели „f**k you“.
Сепак, светската број еден тврди дека кажала нешто сосема друго.
„Не успеав да кажам дека Свитолина одигра одлично, па ќе го направам тоа сега на прес-конференцијата. Одлична работа, извонредна тенисерка и неверојатен турнир. По мечот не реков ништо. Само му реков ‘благодарам’, односно ‘thank you’ на судијата и тоа е сè“, изјави Сабаленка.
Поради војната меѓу Русија и Украина, Свитолина никогаш не се ракува со руски и белоруски тенисерки, а за време на полуфиналето во Мелбурн отиде чекор понатаму и не сакаше ниту да се фотографира со Сабаленка на почетокот од мечот.
Сабаленка никогаш не кажала лош збор за Свитолина и повеќепати повторувала дека сака мир, но Украинката останува цврста во својата позиција.


