Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на посетата на Киев, изјави дека руските напади врз Украина во текот на ноќта не укажуваат дека Москва е сериозна во врска со постигнувањето мир, додека Белата куќа инсистира на разговори за прекин на борбите.
„Директните разговори се во тек и ова е важен напредок. Но, руските напади како оние синоќа не сигнализираат сериозност за мирот“, рече Руте во обраќањето пред Врховната рада, украинскиот парламент.
Во вторник, Русија го започна она што украинските претставници го опишаа како „најмоќен“ напад досега оваа година врз енергетската инфраструктура на Украина, оставајќи стотици илјади луѓе без греење пред новата рунда разговори во Абу Даби.
Руте рече дека ги повикува земјите-членки на НАТО „длабоко да ги искористат своите залихи“ за да ѝ обезбедат на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана додека се обидува да ги одбие тековните руски напади.
Шефот на НАТО, исто така, рече дека фокусот на алијансата врз поддршката на Украина не е пренасочен и покрај тензиите меѓу Вашингтон и неговите сојузници околу барањата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Гренланд.
Руте додаде дека европските членки на НАТО се подготвени да обезбедат силни безбедносни гаранции и распоредување на сили во Украина за да се осигура дека ќе се одржи секое идно примирје.
„Безбедносните гаранции се цврсти и тоа е клучно. Постигнувањето договор за завршување на оваа војна ќе бара тешки одлуки. Украина мора да знае со апсолутна сигурност дека какви и да се жртвите што се направени, изгубените животи и претрпените уништувања нема да бидат во опасност да се повторат“, додаде Руте.
Руте во вторник беше во ненадејна посета на Киев, пристигнувајќи само неколку часа откако Русија го започна еден од своите најголеми напади со беспилотни летала и ракети досега оваа година.
Рута и украинскиот претседател Володимир Зеленски положија цвеќе на централниот споменик во Киев во чест на војниците убиени во руската инвазија.
Подоцна, Руте се обрати на Врховната рада, каде што призна дека патот до завршување на војната ќе бара „тешки и болни одлуки“, но нагласи дека Украина мора да биде убедена дека жртвите направени досега не биле залудни.
Извор: vecer.mk

