Реакции за налогот за апсење на Путин: „Историска одлука“, „секое патување сега е ризик за него“

2 mins read

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика испрати порака од Скопје велејќи дека одлуката на хашкиот суд е важна и за меѓународната правда и за народот на Украина потсетувајќи дека налогот за апсење е поради сомненија дека Путин има индивидуална одговорност за воените злосторства, за депортација и трансфер на украински деца

Украинскиот државен обвинител порача дека сега секое патување на Путин надвор од Русија е ризично за него бидејќи може да биде приведен и испорачан во Хаг

Фото:
EPA-EFE/VLADIMIR SMIRNOV TASS Host Photo Agency

Одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг да издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин кој е под сомнение за воени злосторства поради неговата можна вмешаност во киднапирање и депортација на украински деца, наиде на позитивни реакции кај Украина, како и кај Западот од каде порачаа дека одговорност за воените злосторства мора да има.

Меѓу првите се огласи украинскиот претседател Володимир Зеленски кој одлуката ја оцени како историска.

„Историска одлука, која го означува почетокот на историската одговорност“,

нагласи Зеленски во видео објавено на Телеграм.

Шефот на кабинетот на украинското претседателство, Андриј Јермак, пак, претходно порача дека „тоа е само почеток“.

Државниот обвинител на Украина, Андреј Костин, пак, вечерва во изјава за државната новинска агенција „Украинформ“ рече дека оваа одлука на хашкиот суд значи дека секое идно патување на Путин во странство ќе биде ризично.

„Откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Бутин, какви било патувања надвор од Русија ќе бидат ризични за рускиот диктарот поради можноста да биде испорачан на судот“,

рече Костин.

САД, пак, излегоа со порака дека нивниот став е јасен – одговорност за злосторствата мора да има.

„Претседателот на САД, Џо Бајден претходно јасно стави до знаење дека САД работат на тоа Русија да одговора за своите ѕверства и воените злосторства против човештвото кои се извршуваат на територијата на Украина“,

изјави Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации во Белата куќа.

Имаме намера, порача тој, да продолжиме да ги помагаме меѓународните органи затоа што тие собираат докази и веќе започнаа со нивна анализа.

Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, порака испрати од Скопје, каде денеска беше во официјална посета на земјата и замина за Охрид каде ќе биде дел од средбата на која ќе продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина. Реакцијата за налогот за апсење на Путин, тој ја кажа во обраќање до јавноста по средбата со претседателот Стево Пендаровски.

„Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на претседателот Путин за воени злосторства, за депортација и трансфер на деца од окупираните области на Украина во Русија. Меѓународниот кривичен суд наведува дека постојат разумни основи да се верува дека Путин сноси индивидуална одговорност за овие злосторства. Тежината на злосторствата и изјавата на МКС говорат сами за себе. Ова е важна одлука на меѓународната правда и за народот на Украина. Ние секогаш јасно стававме до знаење во Европската Унија дека одговорните за незаконската агресија врз Украина мора да бидат изведени пред лицето на правдата. И ова прашање на Меѓународниот кривичен суд е само почеток во процесот на одговорност, за барање одговорност од Русија и нејзиниот лидер за злосторствата и злоделата што ги вршат во Украина“,

рече Борел додавајќи дека не може да има неказнивост.

Во првата реакција од официјална Москва, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека одлуките од Хаг немаат влијание врз Русија и дека секој нивни налог за апсење е ништовен.

Марија Захарова, портпаролка на МНР на Русија / Фото: EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

„Одлуките на Меѓународниот кривичен суд немаат никакви последици за нашата земја, ниту од правен аспект“,

објави Захарова на Телеграм.

Таа додаде дека Русија не е членка на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и нема никаква обврска кон тој суд.

Русија, нагласи Захарова, не соработува со таа организација и сите потенцијални барања за апсење од страна на меѓународниот суд се ништовни.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Ново издание на 360°: Интервју со Курти во пресрет на средбата со Вучиќ во Охрид

Следно

Изречени 211 казни за еден ден: Низ Скопје се вози брзо, без возачка дозвола и со нерегистрирани возила

Latest from Blog