Градоначалникот на општина Прилеп, Дејан Проданоски, во своето прво официјално гостување во студиото на Радио Пела како прв човек на општината, отворено говореше за приоритетите, тековните инфраструктурни зафати и плановите за развој на градот. Во директна комуникација со граѓаните, тој одговори на низа прашања поврзани со секојдневните предизвици на прилепчани.
Проданоски најави одлучна акција за воведување ред во сообраќајот. Веќе од наредната недела ќе започне процесот на отстранување на хаварисаните возила од јавните површини, а се планира и рушење на бесправно изградените гаражи во центарот на градот со цел ослободување простор за нови паркинг места.„Недозволиво е во централното градско подрачје да имаме вакви објекти кои заземаат простор наменет за сите граѓани“, истакна градоначалникот.
Во однос на клучните инфраструктурни проекти, беше нагласено дека изградбата на мостот „Табана“ е во завршна фаза и се очекува да биде готов во текот на летото. Проданоски информираше и за претстојните реконструкции на улиците „Орде Чопела“ и „Трајко Николовски“, како и за лобирањето пред Владата за забрзување на работите на регионалните патишта кон Градско и Битола. Исто така, општината работи на набавка на нови автобуси за зајакнување на јавниот градски превоз.
Една од најактуелните теми беше состојбата со ФК Победа. Градоначалникот најави „сериозен рестарт“ на клубот на здрави и законски основи. Планот предвидува формирање на нова структура која би започнала од третата лига, со цел враќање на довербата кај стопанствениците и инвеститорите, наместо постојано потпирање единствено на општинскиот буџет. Паралелно, се планираат и инвестиции и во училишниот спорт преку изградба на нови спортски сали во населените места Мало Коњари и Каналарци.
За подобрување на хигиената во градот, најавена е набавка на осум нови комунални возила, како и завршување на фабриката за секундарна селекција на отпад – прва од ваков вид на Балканот во сопственост на општина. Дополнително, предвидени се 9 милиони денари за целосно обновување на осветлувањето во Градот.
На крајот од разговорот, градоначалникот Проданоски упати апел до граѓаните за заедничка грижа за јавните површини и вети дека општината ќе продолжи да работи транспарентно и во интерес на сите жители. „Нема криење зад проблемите, туку соочување и нивно решавање на здрава основа“, заклучи тој


