Претседателот Ердоган го претстави новиот кабинет

2 mins read

АНКАРА (АА) – Реџеп Таип Ердоган, откако вчера свечено ја положи заклетвата за трет мандат претседател на Туркије, синоќа го именуваше новиот кабинет составен од 17 министри, известува Анадолу.

Во обраќањето на прес-конференцијата за медиуми во Претседателската палата во Анкара, Ердоган истакна дека Туркије денес е посилна отколку вчера.

„Туркије денес е посилна отколку вчера, како и нашата демократија. Заедно и понатаму ќе продолжиме да ѝ служиме на Туркије“, рече Ердоган. Им се заблагодари на сите министри кои беа во претходниот кабинет, а потоа ги соопшти имињата на министрите кои ќе го сочинуваат новиот кабинет.

На местото потпретседател на Туркије е именуван Џевдет Јилмаз.

Министерството за правда му е доверено на Јилмаз Тунч, додека Махинур Оздемир Ѓокташ ќе ја извршува функцијата министерка за семејство и социјална служба.

Хакан Фидан, долгогодишниот шеф на Националната разузнавачка служба на Туркије (МИТ), е новиот министер за надворешни работи, додека на чело на Министерството за внатрешни работи е именуван Али Јерликаја, поранешен гувернер на Истанбул.

За министер за трезор и финансии е именуван Мехмет Шимшек, познато име на турската политичка сцена. Шимшек ја извршуваше функцијата министер за финансии и економија во времето кога Ердоган беше премиер, пред Туркије да го усвои претседателскиот систем на управување со државата. Шимшек, исто така, ја извршуваше и функцијата потпретседател на Владата.

Функцијата министер за околина, урбанизација и климатски промени ќе ја извршува Мехмет Озхасеки, а на чело на Министерството за енергетика и природни ресурси ќе биде Алпарслан Бајрактар.

Министерството за младина и спорт го презеде Осман Ашкин Бак, за министер за земјоделие и шумарство е именуван Ибрахим Јумакли, додека на чело на Министерството за индустрија и технологија ќе биде Мехмет Фатих Каџир.

Министерството за национална одбрана го презеде Јашар Ѓулер, турски генерал и досегашен началник на Генералштабот на турската војска.

Министерството за транспорт и инфраструктура му припадна на Абдулкарид Уралоглу, на чело на Министерството за образование ќе биде Јусуф Текин, за министер за труд и социјална безбедност е именуван Ведат Ишикхан, додека министер за трговија е Омер Болат.

Единствени две имиња кои останаа од претходниот состав на кабинетот се министерот за култура и туризам Мехмер Нури Ерсој и министерот за здравство Фахретин Коџа.

Ердоган вчера положи заклетва за својот трет мандат претседател на Туркије, втор по преминот на земјата во претседателски систем на управување.

На свечената седница во Големото народно собрание на Туркије, привремениот претседател Девлет Бахчели на претседателот Ердоган му го врачи сертификатот на Врховната изборна комисија како потврда за победата на Ердоган на претседателските избори одржани на 28 мај. Ердоган потоа од говорницата на Парламентот свечено положи заклетва и го започна новиот мандат претседател на државата.

Потоа го посети мавзолејот на основачот и прв претседател на Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, по што се обрати на свеченоста во Претседателската палата.

Ердоган за првпат на функцијата претседател на Туркије е избран во 2014 година, а воедно, тој е и прв директно биран претседател на оваа земја.

Според официјалните резултати на Врховната изборна комисија, Ердоган победи во вториот круг претседателски избори што на 28 мај се одржаа во Туркије, со освоени 52,18 % гласови, додека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу освои 47,82 %.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS)..

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

Капитенот на Тотенхем се враќа во Франција

Следно

План на Бујар Османи за нормализација на ситуацијата на Косово

Latest from Blog