Предвреме отповикан македонскиот амбасадор во Чешка

2 mins read

„Има констатирано нерегуларности во извршувањето на мандатот, има лажно претставување на сопругата како културен аташе, непочитување на инструкции на Министерството за надворешни работи. Ова е процедура која трае повеќе месеци“, рече министерот Бујар Османи на денешниот онлајн брифинг со новинарите

Од кабинетот на шефот на државата за „360 степени“ потврдија дека претседателот Стево Пендаровски потпишал указ за отповикување на амбсадорот Тодоровски. Оттаму додаваат и дека на почетокот на годината Тодоровски писмено доставил оставка на позицијата амбасадор на РСМ во Прага

Амбасадорот на Северна Македонија во Чешка, Сашко Тодоровски, е отповикан од функцијата поради констатирани нерегуларности во извршувањето на својот мандат, соопшти шефот на дипломатијата Бујар Османи, на денешниот брифинг со новинарите.

Отповиканиот амбасадор на С Македонија во Чешка, Сашко Тодоровски / Фото: Принтскрин од видеоснимка на „360 степени“

Тодоровски, како што рече Османи, е отповикан на средина од мандатот.

„Да информирам дека имаме отповикан амбасадор на средина на мандатот поради констатирани нерегуларности во рамките на извршувањето на својот мандат“,

рече Османи.

Прашан од новинарите за кој амбасадор станува збор, шефот на дипломатијата рече:

„Сашко Тодоровски. Вратен е од Прага, Чешка“.

На дополнително прашање зошто конкретно е вратен, односно какви нерегуларности се констатирани, Османи рече дека, меѓу другото, станувало збор и за лажно претставување на сопругата како културен аташе и не ги почитувал инструкциите што доаѓале од Министерството за надворешни работи.

„Има констатирано нерегуларности во извршувањето на мандатот, има лажно претставување на сопругата како културен аташе, непочитување на инструкции на Министерството за надворешни работи. Ова е процедура што трае повеќе месеци“,

рече Османи.

Сопруга на амбасадорот Тодоровски е професорката Мирјана Најчевска.

Од кабинетот на шефот на државата за „360 степени“ потврдија дека претседателот Стево Пендаровски потпишал указ за отповикување на амбасадорот Тодоровски. Оттаму додаваат и дека на почетокот на годината Тодоровски писмено доставил оставка на позицијата амбасадор на РСМ во Прага.

Сашко Тодоровски беше именуван за амбасадор во Прага, Чешка, на почетокот на 2021 година, заедно со уште седуммина негови колеги, откако беа завршени процедурите за нивно именување. Указот за поставување на Тодоровски на должноста вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Чешката Република, со седиште во Прага, е објавен во „Службен весник“ на 17 февруари 2021 година.

Како што може да се види од неговата биографија на интернет-страницата на МНР, пред именувањето за амбасадор во Чешка, Тодоровски извршувал повеќе раководни функции во Министерството за надворешни работи.

Тодоровски во еден период беше и претседател на Синдикатот на македонската дипломатска служба.

Деновиве опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со неколку имиња, за кои од партијата тврдат дека се нови амбасадори, кои добиле амин на владината седница одржана на 25 април. Меѓу нив партијата го спомена поранешниот министер за правда Никола Тупанчески, ексградоначалникот на Центар и заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски…

Таму се најде и името на директорот на Државниот архив, Емил Крстевски, наводно аминуван од Владата за амбасадор во Прага.

Од Министерството за надворешни работи (МНР) веднаш излегоа со реакција во која посочија дека постапките за именување се тајни додека не се добие агреман од државата каде што се праќа амбасадор, а опозициската партија со шпекулациите прави дипломатски скандал.

Шефот на дипломатијата информацијата за отповикувањето на Тодоровски ја сподели говорејќи за преписката со ВМРО-ДПМНЕ и информациите изнесени од опозициската партија, кои ги оцени како тежок дипломатски скандал.

Инаку, денешниот брифинг на шефот на дипломатијата се одвиваше преку онлајн врска бидејќи Османи, заедно со вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, е во владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, која е во работна посета на Соединетите Американски Држави.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Трката за вработување на АИ инженери е станата апсурдна

Следно

Протести во францускиот град Сант пред посетата на Макрон

Latest from Blog