Победа, победа, победа…

4 mins read

Победник: Прва жена претседател на државата

Она што беше јасно по првиот круг претседателски избори, уште поубедливо се потврди во вториот круг. Гордана Сиљановска Давкова е претседателка на државата, прва жена на таа функција.
Во првото обраќање пред јавноста порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани без разлика на етничка или партиска припадност.
„Јас тврдам дека од овој момент овде јас ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, на членови на партии, на оние кои не се во партии, бидејќи не може еден претседател, особено не ако е жена, да обединува и да трага по единство ако држи партиски линии.“
Сиљановска додаде дека во фокусот ќе и биде Балканот, а се разбира и Брисел.

Сиљановска-Давкова отсега ќе практикува политика, наместо да ја предава како предмет на факултет. Во обраќањата до јавноста нема да користи „Северна“ пред името Македонија. Уставни измени ќе прифати ако ги изгласа Собранието. Приватно, Сиљановска-Давкова себе си се опишува како легалист, бунтовник, борец за правда. Ќе се залага за повеќе жени на клучни функции.

Results of the second round of the 2024 presidential elections in North Macedonia

Results of the second round of the 2024 presidential elections in North Macedonia

Досегашниот претседател Стево Пендаровски, и покрај евидентното расположение на гласачкото тело по првиот круг, докрај ја водеше битката, речиси осамен, а на крајот веднаш го призна поразот и им честиташе на победниците. Оцени дека неговиот концепт за мултиетничка Македонија, целосно интегрирана во евроатлантските структури, за жал, не ја доби поддршката од мнозинството граѓани.

Победник: ВМРО – ДПМНЕ и веројатниот нов премиер Христијан Мицкоски

По седум години во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на власт во Северна Македонија. Со освоени 58 пратенички места, речиси е извесно дека партијата ќе ја предводи новата влада, на чело со Мицкоски, иако ќе треба со некого да коалицира. Но, се наѕираат и можните коалициони партнери.
Во своето прво обраќање на изборната вечер, Мицкоски оцени дека корупцијата, неспособноста, местењето тендери, непотизмот се меѓу причините за падот на актуелната власт. Но, од друга страна и тоа што тие како ВМРО-ДПМНЕ настапиле со конкретна програма и добра понуда за граѓаните.

„Ќе одговараат до последниот, секој кој направил криминал и спровел корупција, мора да има одговорност која ќе се темели на правда и закон“, беше една од првите пораки на Мицкоски.
На идните функционери од неговата партија, пак, им порача да учат од грешките на досегашната власт и да не го потценуваат народот, но и најави во првите сто дена добри економски вести, односно силен инвестициски пакет, не изнесувајќи детали.
За составот на новата влада, покрај со коалиција „Вреди“, најави разговори и со останатите опозициски партии. Но, како што рече, тоа не значи дека сите ќе бидат дел од идната влада. ДУИ не ја спомна, но во текот на целата кампања тврдеше дека, по 20 години на власт, време е ДУИ да оди во опозиција.

Парламентарен состав 2024 - 2028

Парламентарен состав 2024 – 2028

Победник: ДУИ со повеќе пратенички мандати од коалицијата ВРЕДИ

ДУИ, со освоени 19 пратенички мандати, еден повеќе од СДСМ и 6 повеќе од коалицијата ВРЕДИ, има причина да се смета за победник на овие избори, иако е веројатно дека ќе оди во опозиција.
Лидерот на интегративците Али Ахмети испрати порака да се почитуваат гласовите од граѓаните. Во неговиот говор тој алудираше на непишаното правило „победник (од македонскиот) со победник (во албанскиот блок)“, кој самата ДУИ го прекрши по изборите во 2016 кога направи влада со СДСМ кој на тогашните избори имаше два пратеника помалку од ВМРО-ДПМНЕ.

„Реков дека треба стабилност и мир. На државата и треба добра комуникација меѓу заедниците, а не поделба меѓу заедниците. Треба да се почитуваат гласовите на мнозинската заедница во државата, за ова треба да сносиме одговорност сите“, рече Ахмети кога новинарите го прашаа каква опозиција би биле.
Но, ДУИ не може да се амнестира и од последиците од 20 годишното владеење, и многуте афери за корупција, особено во последните години, и за богатењето на некои од неговите функционери.

Победник: Коалицијата ВРЕДИ и можниот влез во новата влада

Причина за славење вечерта по завршувањето на изборите имаше и коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН). Како опозиција на ДУИ, беше иницирана токму од незадоволните членови на таа партија, предводени од Изет Меџити, кои главно беа против преголемата моќ на Артан Груби и според нив, неговата ароганција. Пред изборите им се приклучија и Африм Гаши со Алтернатива, Биљал Касами со Беса и Арбен Таравари со дел од Алијанса на Албанците, односно речиси сите опозициски партии на Албанците во Македонија.
Изет Меџити, по изборите оцени дека коалицијата ВРЕДИ е апсолутен победник во албанскиот кампус, бидејќи во коалицијата на ДУИ имало и партии на Турци, Роми, итн.

Партијата која владееше со институциите 22 години, го покажа своето вистинско лице. Партијата која на изборите излезе под името Европски фронт, партијата која 22 години се фалеше како единствен проевропски субјект во државата, го бојкотираше изборниот процес. Јавно го прашуваме министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој својот најголем успех го прогласи претседавањето со ОБСЕ, како ќе го оправда бојкотот на изборите и примитивното однесување на денот на изборите пред меѓународните партнери“, рече Меџити.
Коалицијата ВРЕДИ е посакуваниот партнер во идната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Победници: ЗНАМ на Максим Димитриевски и Левица

Максим Димитриевски, незадоволен од политиките на неговата бивша партија СДСМ, го формира движењето ЗНАМ, кое за само неколку месеци, стигна до 6 пратеника во идниот состав на Парламентот. Иако, по првиот круг претседателски избори, на кој Димитриевски беше претседателски кандидат, ЗНАМ беше со преполовен број гласови на парламентарните избори, со 6-те пратеници исто така е потенцијален коалиционен партнер во идната влада.
Левица, исто така може да се смета за победник, бидејќи од досегашните 2 пратеника, на овие избори стигна до 6. Можеби сметаа на поголем број гласови, но, нивните радикални ставови по некои прашања и битката „против сите“, не наиде на помасовна поддршка од гласачите.

Поразени: СДСМ со најлош резултат досега

Најголеми губитници на овие избори се социјал-демократите. Се сведоа на 18 пратеници во идниот состав на парламентот, односно, на трето место по број на мандати, зад ДУИ.
Лидерот Димитар Ковачевски не поднесе оставка, но најави внатрепартиски избори и на претседател и на сите партиски органи.
„Резултатот е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата“, рече лидерот на социјалдемократите, Димитар Ковачевски.

И додека Ковачевски ќе ги чека партиските анализи и процедури и не ја презеде директно одговорноста за поразот, потпретседателите на партијата Фатмир Битиќи и Перо Костадинов, уште истата вечер си поднесоа оставка.
А, причините за катастрофалниот пораз на СДСМ и без посебни анализи, ги знаат сите граѓани, што се покажа и на гласањето, но изгледа не им се јасни на некои од партиските функционери.
Како и да е, колку побргу се консолидираат и реформираат, толку побргу ќе можат да се надеваат на победа на некои идни избори.

Што по исходот од претседателските и парламентарните избори?

Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл [email protected]

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Генералното собрание на ОН повторно ќе расправа за кандидатурата на Палестинците за членство

Следно

Египет ги повика Хамас и Израел да покажат флексибилност и што поскоро да постигнат примирје во Газа

Latest from Blog