По многубројните реакции, власта ги повлече измените на Законот за културно наследство – другите закони ќе се носат по скратена постапка, опозицијата ја напушти седницата

4 mins read

Во јавноста алармот е вклучен на најјако – медиуми, експерти, невладини организации – сите реагираат гласно со право. Пратениците да не наседнуваат. На овие предлог-закони не е потпишана Владата. Ако ова е нејзин најголем проект, тука требаше да седат министрите и да преземат одговорност. Пратениците не се експерти за да стојат зад вака големи закони, посочи пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ

Арбер Адеми, главниот потписник на предлозите за измени и дополнување на осумте закони, ги образложи секој посебно, а пратениците со мнозинство гласови се изјаснија за потребата тие да се менуваат по скратена постапка. Дел од пратениците од власта гласаа и „против“ и „воздржано“

Пратениците од власта, по многубројните реакции во јавноста, на денешната собраниска седница го повлекоа предлог-законот за дополнување на Законот за заштита на културното наследство по скратена постапка. Другите предлог-закони ќе се носат по скратена постапка. Станува збор за законите за земјоделско земјиште; за експропријација; за урбанистичко планирање; за минерални суровини; за работни односи; за шумите; за градење, како и на законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.

ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата

На почетокот на седницата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, во знак на револт, ја напуштија собраниската сала.

„Се планира нов коалициски пазар од власта и продолжува праксата да се менуваат закони на мала врата без да се земат предвид забелешките наши и на експертската јавност. Забележавме низа забелешки, нови криминални зделки, очигледно е дека власта нема намера да се соочи со аргументите, пратениците од мнозинството исполнуваат партиски задачи и остануваат глуви на забелешките на јавноста и протестите на здруженијата“,

рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тој апелираше до пратениците од власта да се повлечат од намерата измените во овие закони да се носат по скратена постапка и да се организира јавна расправа во текот на која експертската јавност ќе даде свое мислење и аргументи.

„Во јавноста алармот е вклучен на најјако, медиуми, експерти, невладини организации, сите реагираат гласно со право. Пратениците да не наседнуваат. На овие предлог закони не е потпишана Владата. Ако ова е нејзин најголем проект, тука требаше да седат министрите и да преземат одговорност. Пратениците не се експерти за да стојат зад вака големи закони. Ја напуштаме седницата и ќе имаме суштински амандмани по кои ќе дебатираме и ќе бараме слух од вас и од јавноста. Овој пат нема да ви помине“,

рече Мицевски.

Митревски: Сакате да го уништите најголемиот инфраструктурен проект

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, му врати на Мицевски дека она што го прават е со единствена цел да се уништи угледот на најголемиот инфраструктурен проект во последните 70 години.

„Тоа што е одлука на опозицијата е одлука нејзина, не бегаме од дебата ниту сакаме нешто набрзина, само ги гледаме проблемите на терен. Од вкупно осум закони, седум се на комисии кои ги води опозицијата, за финансирање, за транспорт и комисија за земјоделство. Таму можеме да зборуваме за сите аргументи, да донесеме сите одлука државата да се развива брзо и да не измислуваме од секој проект наводен криминал. Организирајте ги комисиите да водиме дебата, не да правите обид за хистерија од најголемиот проект во државата“,

рече Митрески.

Маја Морачанин од ДОМ рече дека нема дилема оти овие проекти се потребни, но нагласи дека законите кои се предлагаат да се менуваат по скратена постапка, зафаќаат различни области и даваат големи привилегии за оние кои ќе го изведуваат проектот.

„Не сметам дека некој треба да биде толку привилегиран затоа што ќе прави проект од интерес за граѓаните. Законите да се повлечат, да не биде усвоен дневниот ред, да се повлечат и да се носат во консултација со експертската јавност. Ова не е начин да се менуваат закони кои засегаат постапки во други закони“,

рече Морачанин.

Арбер Адеми, главниот потписник на предлозите за измени и дополнување на осумте закони, ги образложи секој посебно, а пратениците со мнозинство гласови се изјаснија за потребата тие да се менуваат по скратена постапка.

Не сите пратеници од власта беа „за“ измените по скратена постапка

Дел од пратениците од власта гласаа и „против“ и „воздржано“. Во продолжение погледнете ја листата на пратениците од власта кои не поддржаа измени на некои од законите по скратена постапка.

Законот за градење:

За: 57

Против: Љупчо Балкоски (ВМРО-Народна), Маја Морачанин (ДОМ), Мирослав Јовановиќ (Српска странка во Македонија)

Воздржани 0

Законот за шуми:

За: 56

Против: Боби Мојсоски (ЛДП), Љупчо Балкоски (ВМРО-Народна), Маја Морачанин (ДОМ), Мирослав Јовановиќ (Српска странка во Македонија), Моника Зајкова (ЛДП)

Воздржан: Илија Николовски (Партија на пензионери)

За експропријација:

За: 54

Против: Боби Мојсоски (ЛДП); Љупчо Балкоски (ВМРО-Народна), Маја Морачанин (ДОМ), Мирослав Јовановиќ (Српска странка во Македонија), Моника Зајкова (ЛДП)

Воздржани: Илија Николовски (Партија на пензионери)

Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка:

За: 57

Против: Љупчо Балкоски (ВМРО-Народна), Маја Морачанин (ДОМ), Мирослав Јовановиќ (Српска странка во Македонија),

Воздржани:  Боби Мојсоски (ЛДП)

Законот за земјоделско земјиште:

За: 56

Против: Љупчо Балкоски (ВМРО-Народна), Маја Морачанин (ДОМ),

Воздржани: Боби Мојсоски (ЛДП), Мирослав Јовановиќ (Српска странка во Македонија), Моника Зајкова (ЛДП)

Законот за работни односи

За: 55

Против: Боби Мојсоски (ЛДП); Љупчо Балкоски (ВМРО-Народна), Маја Морачанин (ДОМ), Мирослав Јовановиќ (Српска странка во Македонија), Моника Зајкова (ЛДП)

Воздржани: Санела Шкријељ (независна)

Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија

За: 60

Против: Љупчо Балкоски (ВМРО-Народна), Маја Морачанин (ДОМ), Мирослав Јовановиќ (Српска странка во Македонија)

Воздржани: 0

Законот за минерални суровини:

За: 56

Против: Боби Мојсоски (ЛДП); Љупчо Балкоски (ВМРО-Народна), Маја Морачанин (ДОМ), Мирослав Јовановиќ (Српска странка во Македонија), Моника Зајкова (ЛДП)

Воздржан: Илија Николовски (Партија на пензионери)

Левица: Ќе дадеме сè од себе за да ве спречиме

По гласањето, пратеникот Борислав Крмов од Левица им забележа на пратениците кои гласале против дека само глумеле и им порача ако навистина се против да ја напуштат собраниската сала, а не да прават кворум за мнозинство.

„Излезете ако сте против и оваа седница ќе пропадне. Ние ќе дадеме сè од себе за да ве спречиме да ги донесете овие измени“,

рече Крмов.

Откако пратениците ја изгласаа потребата осум закони да се менуваат по скратена постапка, за нив ќе се расправа на матичните комисии, а пратениците ќе можат да поднесат амандмани.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Макрон се изглупира во Кина

Следно

Над 1.500 еврејски доселеници упаднаа во комплексот на џамијата „Ал Акса“

Latest from Blog