ОЈО и МВР: Бегството на Мемети било договорено со полицајците, ама тргнало на лошо

3 mins read

Еден од затворските полицајци му овозможил на осудениот Мемети да му ја откопча футролата и да му го одземе оружјето (иако имал лисици на рацете). Друг полицаец во комбето, воопшто не носел пиштол и не реагирал иако бил сведок на се што се случувало

Командирот на смена и тројца затворски полицајци во комбето се товарат за „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“

Доцна вечерта во четвртокот (12 јануари 2023 година), попрецизно околку 22:50 часот, осудениот за убиство и затвореник во Идризово, Беким Мемети, пријавува повреда до затворските служби. Како што истрагата ќе заклучи подоцна, всушност се самоповредил. Станува збор за расекотина на левата дланка, по што бил упатен во домската амбуланта.

А таму, во домската амбуланта не го прегледува лекар, туку друг осуденик кој е „работно ангажиран“ во амбулантата. Вака, според соопштенијата на обвинителството и на Министерството за внатрешни работи, почнува сценариото за завчерашното спектакуларно бегство при спровод од КПД Идризово

Затвореник а не лекар дал препорака – Мемети да се носи во Клинички центар

Осуденото лице кое било „на смена“ во амбулантата во најголемиот затвор во земјава, дало медицинска услуга – го преврзало повредениот Беким Мемети. Логично, бидејќи немало лекар, следи нов апсурд – осуденото лице дало препорака затвореникот Мемети да се носи во Ургентен центар. Затворските служби, пред се командирот на смена, не ја искористиле можноста да постапат поинаку.

„Не побарале лекарска интервенција од брзата помош, за да се утврди дали повредите може да се санираат на лице место“,

се вели во соопштението на ОЈО за ГОКК.

Откако била донесена наредбата за спровод на осуденот Мемети од КПУ Идризово во Клиничкиот центар, командирот на смена, а сега првоосомничен во случајот за делото „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“, избрал кои четворица затворски полицајци ќе го носат затвореникот во Скопје. Притоа, не побарал полициска асистенција, што го налагаат процедурите при транспорт на осуденици од висок ризик.

„Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа“,

се вели во соопштението на ОЈО за ГОКК.

Го седнале затвореникот така за да може да „украде“ оружје

Освен што не побарал полициска патрола за придружба, командирот дал насоки – кој каде да седи во комбето за транспорт. Затвореникот бил сместен во дел кој не бил наменет за него.

„Кривичното дело е извршено на начин што осомничените свесно и со намера да му овозможат бегство на осуденото лице кое го спроведувале, го седнале во средниот ред на службеното возило, а не според стандардните оперативни процедури за спровод на осудени лица во посебниот дел од возилото наменет за тоа“, 

се вели во соопштението на МВР.

Пред да тргнат, еден од затворските полицајци, а сега второосомничен, дал насока до колегата кој го возел комбето – да одат кон Скопје по автопат. Кога се приближиле до бензиската пумпа на Лукоил, истиот полицаец кој дал насоки за движење, прави нов „потег“.

„Кога се приближиле до бензинска пумпа на Лукоил, второосомничениот кој седел помеѓу осуденикот и третоосомничениот, започнал да се преместува и свесно му овозможил на осуденикот да го искористи моментот и со лисици на рацете да успее да му го земе службениот пиштол од закопчаната футрола“,

се вели во соопштението на ОЈО за ГОКК.

Третоосомничениот, исто така затворски полицаец, (не)случајно не си го зел пиштолот на спроводот. Не само што немал оружје, туку и не презел ништо да го спречи осуденикот, иако бил сведок на се што се случувало.

А осуденикот Мемети, веднаш го употребил „украдениот“ пиштол за да побара – комбето да застане.

Случајна повреда?

Во соопштението на обвинителството се вели дека Мемети почнал да пука со пиштолот, додека во соопштението на МВР дека бил испукан само еден куршум. Затвореникот не се обидел да ги застрела затворските полицајци, туку барал да го запрат комбето, пукајќи во кровот на возилото.

„Иако намерата за пукањето со пиштолот во кровот на возилото била да го оправда овозможувањето на бегството од страна на затворските полицајци, зрното од куршумот се одбило од кровот и случајно го погодило затворскиот полицаец И.Х. во долниот дел од стомакот“,

се вели во соопштението на МВР.

„Возилото застанало, а осуденикот ја отворил вратата, излегол од комбето и се качил во сиво Ауди кое во меѓувреме застанало пред затворското комбе“,

се вели во соопштението на ОЈО за ГОКК.

Четворица осомничени, допрва ќе се истражува и повредениот

Ниту во соопштението на полицијата, ниту во соопштението на обвинителството, не пишува што правел четвртиот затворски полицаец кој бил во комбето. Како и да е, засега и тој е осомничен.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, смета дека постои основано сомнение дека осомничените – командир на надворешно обезбедување и тројца затворски полицајци вработени во КПУ Затвор „Идризово“ сториле кривично дело „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ од чл. 373 в.в чл. 22 од Кривичниот законик.

За тројца, обвинителството побара и доби мерка притвор. На четвртоосомничениот му е одземен пасошот.

„Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените со решение им определи мерка притвор во траење од 8 дена, а на четвртоосомничениот му изрече мерки на претпазливост забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница“,

велат од ОЈО за ГОКК.

Последниот учесник во спроводот, ранетиот затворски полицаец, се уште е на лекување. Тој, засега, не е осомничен. Но, допрва треба да биде испрашан, па дури потоа ќе биде донесена одлука – дали ќе биде опфатен со предметот или ќе остане надвор од него.

По избеганиот Мемети веќе е распишана потерница. Пред себе имал долгодишна казна затвор за убиство кое го сторил во 2016 година во Мала Речица.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Татковците во Македонија ќе добијат породилно отсуство, еве колку ќе трае

Следно

Мајчинско отсуство од пет и родителско од четири месеци предвидува новиот Предлог закон за работни односи

Latest from Blog