По повод празникот Св. Трифун, кој важи за најзначаен ден за лозарите и винарите од Тиквешкиот Регион, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Неготино упати честитки до земјоделците, посакувајќи им добар род и стабилни, повисоки откупни цени.
Николоски истакна дека Владата ја завршила својата обврска кон земјоделците и дека субвенциите се целосно исплатени за сите кои макотрпно работат и произведуваат. Според него, тоа треба да биде дополнителен мотив и стимул за новата производствена сезона.
„Се надевам дека ова ќе биде поттик за уште подобра и поуспешна година, со квалитетен род и мотивирани земјоделци. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме и да го стимулираме земјоделието. Цените кои што можат да се видат оваа година се навистина добри, а се надевам дека следната сезона ќе имаме уште поголеми цени, и така секоја година ќе одиме нагоре, затоа што мора трудот да се цени и мораме да стимулираме домашно производство“, порача Николоски.
Вицепремиерот посочи дека особено радува фактот што македонските компании стануваат сѐ поконкурентни на меѓународниот пазар. Како пример ја посочи својата неодамнешна посета на Париз, каде, како што рече, македонските винарии рамноправно се натпреварувале со најдобрите европски производители.
„Навистина беше гордост да се биде таму и да се види како нашите винарии рамо до рамо стојат со најдобрите во Европа“, изјави Николоски.
Тој најави дека Владата ќе продолжи со поддршка и во делот на инфраструктурата, оценувајќи дека таа е клучна за полесна комуникација и економски развој. Притоа истакна дека Владата целосно ја поддржува амбициозната агенда на градоначалничката, најавувајќи интензивирање на активностите со почетокот на градежната сезона.
„Очекувам бројни започнати проекти да бидат завршени, а паралелно да отпочнат и нови“, рече Николоски.
Посетата на Неготино по повод Св. Трифун беше во знак на поддршка за лозарите и винарите од Тиквешијата, со порака дека државата ќе продолжи да стои зад домашното производство и развојот на регионот.
Извор: kurir.mk


