Државниот секретар на САД Марко Рубио на Минхенската безбедносна конференција истакна дека САД не се обидуваат да се оддалечат од Европа туку да внесат нов живот во старото пријателство.
„Сакаме Европа да биде силна. Веруваме дека Европа мора да преживее бидејќи двете големи војни од минатиот век служат како постојан потсетник дека на крајот нашата судбина е и засекогаш ќе остане испреплетена со вашата“, порача Рубио.
Тој ги потенцира долгогодишните историски врски меѓу САД и Европа тврдејќи дека неговата земја посакува сојузници доволно силни никој да не може да ги тестира.
Руби рече дека и покрај наводите за крај на трансатлантската ера, тоа не е цел на САД.
„И денеска сум тука за јасно да кажам дека Америка го отвора патот за нов век на просперитет. И дека уште еднаш сакаме да го направиме тоа заедно со вас, наши драги сојузници и наши најстари пријатели“, кажа американскиот државен секретар.
Рубио во говорот се осврна и на миграцијата, која според него ја дестабилизира и Европа.
„Масовната миграција не е и никогаш не била мал периферен проблем. Таа била и продолжува да биде криза што ги трансформира и дестабилизира општествата низ целиот Запад“, рече Рубио.
Тој наведе дека САД, под водство на претседателот Доналд Трамп повторно ја преземат задачата за обнова и реконструкција и бараат сериозност и реципроцитет од пријателите во Европа.
„Бидејќи ние во Америка немаме интерес да бидеме полицајци и набљудувачи на контролираниот пад на Западот. Не се стремиме да разделуваме, туку да ги оживееме старите пријателства и да ја обновиме најголемата цивилизација во човечката историја“, рече Рубио во неговиот говор.
Тој најави и дека САД ќе продолжат да се залагаат за мировен договор во Украина, но мора да се осигураат дека Русија навистина сака да ги запре борбите.
Извор: vecer.mk


