Нацевска на состанок на вицегувернерите од Западен Балкан за пристапниот процес кон СЕПА

November 24, 2024
1 min read

Вицегувернерката Емилија Нацевска зеде учество на состанокот на вицегувернерите од Западен Балкан, посветен на пристапниот процес кон Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА), којшто се одржа во Будимпешта на покана на Народната банка на Унгарија.

Високите претставници на централните банки од регионот имаа можност да се запознаат со унгарското искуство во процесот на пристапување кон СЕПА, како и со унгарската финансиска инфраструктура како можен модел за интегрирање во СЕПА. На средбата беше нагласена важноста од навремена подготовка од оперативен и технички аспект на давателите на платежни услуги од земјите од Западен Балкан за брзо приклучување во платежните шеми (платните системи) во СЕПА. Во тој контекст, беше истакната подготвеноста на Народната банка на Унгарија, во рамките на сегашното претседателство на Унгарија со Советот на Европската Унија, да помогне во соработката со Европската централна банка за да им се обезбеди поедноставен пристап на давателите на платежни услуги од земјите од Западен Балкан до европската платежна инфраструктура.

Вицегувернерите на централните банки од регионот истакнаа дека посветено работат на усогласувањето на правната рамка со европското законодавство и изразија очекување за успешно завршување на формалниот процес за пристапување во СЕПА. Притоа, три централни банки од регионот, вклучувајќи ја и нашата, официјално доставија барања за членство во СЕПА до Европскиот совет за плаќања, додека останатите земји се во процес на подготовка на барањата. Во очекување на позитивна оцена за поднесените барања за членство во СЕПА, вицегувернерите ја нагласија потребата од продолжување на добрата соработка помеѓу централните банки од регионот, како и со институциите на Европската Унија, заради ефикасна подготовка на давателите на платежни услуги во наредниот период за исполнување на барањата за оперативно приклучување во СЕПА, откако ќе заврши формалниот процес на оцена на барањата.

Членството во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија. Давателите на платежни услуги со приклучувањето кон платните системи во СЕПА ќе можат да понудат поевтино и побрзо извршување на плаќањата во евра, што ќе овозможи поголема финансиска интеграција меѓу земјите од регионот, како и со останатите земји од СЕПА. Воедно, со членството во СЕПА би се намалила сивата економија за 2 процентни поена во регионот на Западен Балкан, според процените на Светската банка.

Покрај вицегувернерката Нацевска, во македонската делегација учествуваше и Игор Величковски, директор на Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи. На состанокот присуствуваа и вицегувернерите со своите тимови од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.

ИЗВОР: kurir.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Мицкоски најави: Денеска ќе соопштам добра вест за македонското стопанство

Следно

Граѓаните на Романија бираат нов претседател

Latest from Blog

Иран: Нашите нови тактики ќе ги шокираат САД и Израел

„Од овој момент, ја прогласувам ракетната доминација на синовите на Иран над небото на окупираните територии“, објави командантот Сејед Маџид Мусави на социјалната мрежа Икс. Тој додаде дека „новите тактики и системи
Go toTop