Ковачевски: Лага е сè што кажува Николоски, во ВМРО-ДПМНЕ знаат само да шират хистерија и невистини

3 mins read

Во договорот, кој е над 400 страници, се дефинирани сите услови за изградба на овој автопат, при што постојат одредени активности што можат да се направат, а сега се дел од парламентарната процедура. Тоа се измени на неколку закони во однос на обезбедувањето услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи автопатски делници – Коридорот 8 и Коридорот 10-д, вели премиерот

Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство во изминатиот период потврдија дека единствено што знаат да прават е да шират хистерија, лаги и да блокираат во Собранието. Тоа го правеа со сите законски решенија кои беа во времето на пандемијата, на енергетската криза и истото го прават со сите големи инфраструктурни проекти. Така што тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е една обична лага и ширење невистини како што го прават тоа и неговите колеги, вклучително и неговиот претседател кој го гледам по цел ден само се заканува и ништо не работи. Ова е коментарот што премиерот Димитар Ковачевски го изнесе денеска по изјавите на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во врска со договорот за коридорите 8 и 10-д со конзорциумот „Бехтел и Енка“.

„Договорот со ‘Бехтел и Енка’ е потпишан врз основа на посебен закон одобрен во Собранието од страна на сите пратеници и тој договор ги има поминато сите законски процедури за склучување и беше јавно потпишан. Во договорот, кој е над 400 страници, дефинирани се сите услови за изградба на овој автопат при што постојат одредени активности што можат да се направат, а сега се дел од парламентарната процедура, а тоа се измени на неколку закони во однос на обезбедување на услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи автопатски делници – Коридорот 8 и Коридорот 10-д“,

рече Ковачевски.

Како што рече премиерот, намерата е да се изгради модерен автопат во период од пет години со сума која е соодветна за изградба на таков модерен автопат. Соодветно на тоа, пратениците имаат можност тие законски одредби да ги одобрат нормално, согласно со процедурите и дискусијата која се одвива во Собранието.

„Сите други одредби кои се однесуваат во Законот се согласно специјалниот закон кој е донесен“,

нагласи Ковачевски.

На прашањето кои се точните обврски кои државата ќе ги преземе доколку задоцни со изградбата на делницата, Ковачевски рече дека во оваа држава постојат закони, постои специјален Закон за изградба на Коридорот 8, како стратегиски проект и постои договор кој денеска ќе биде објаснет во детали.

„Така што сите оние лаги што ги кажуваат претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се демантираат како што и се досега што кажуваа како лага се демантираше. Единствено што гледаме секое утро се лаги, невистини и хистерија кои ги шири опозицијата. Се што кажаа досега, излажаа. Сега мора да измислат нова лага за да избегаат од најголемата лага – изборот на градоначалник на Скопје. ВМРО-ДПМНЕ кандидираше градоначалник, две години од мандатот поминуваат, ниту еден проект немаат направено, се што беше претходно почнато, е заглавено. Погледнете ги проектите за 11 години на ВМРО-ДПМНЕ, на пример автопатот Кичево – Охрид, почнат беше во 2013 година со погрешена траса и неколку години требаше да се менува целиот проект. Тие така работат што точно се гледа од судските случаи кои ги имаат. Дали некој зел нешто, така размислуваат“,

истакна Ковачевски.

Ковачевски уште еднаш ги повика владите на САД и на Турција да кажат дали во изминатите две години, откако се подготвува овој проект, некој од нашата држава од нив или од нивни компании побарал нешто. 

Во врска со наводното зголемување на работната недела од 40 на 60 часа, тој повторно кажа дека се работи за законска измена што се однесува само на ваков стратегиски проект од национален интерес.

„Интенцијата е на доброволна основа, работник кој ќе сака да работи повеќе од она што е законски пропишано тоа да му биде платено за секој час и дополнително за работа во недела да добива 50 отсто поголема дневница. Со тоа ќе останат повеќе финансиски средства во државата, ќе се забрза изградбата на патот и ќе се намали и сумата на вкупното чинење со оглед на тоа дека ќе биде побрзо изграден автопатот доколку се гради со повеќе работни часови во текот на неделата“,

додаде Ковачевски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред два дена во телевизиско гостување рече дека Владата се обврзала да му плаќа огромни пенали на американско-турскиот конзорциум ако работната недела не се зголеми од 40 на 60 часа во период од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д.

Од Владата, пак, вчера во одговори за „360 степени“ рекоа дека нема да се плаќаат пенали на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој ќе ги гради коридорите 8 и 10-д доколку не му овозможи поголема работна недела, но во таков случај на сметка на државниот буџет ќе бидат сите трошоци за изградба на автопатиштата откако ќе помине предвидениот рок за изградба од речиси пет години.

Денеска Николоски преку објава на својот официјален фејсбук-профил тврди повикувајќи се на дел од договорот меѓу Владата и „Бехтел и Енка“, дека дури и да се донесат измените за 60-часовна работна недела, но тоа се случи по утврдениот рок од 45 дена од потпишувањето на договорот, државата ќе мора веднаш да исплати 53 милиони евра дополнителни трошоци, односно пенали, како што ги нарекува опозицијата, на конзорциумот.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Модерните психијатри произведуваат разбудени пациенти

Следно

Туркије ја потврди поддршката за Азербејџан по смртоносниот ерменски напад

Latest from Blog