Климатскиот активизам мириса на култ

January 30, 2023
2 mins read

Веројатно ги видовте оние будалетини што фрлаа супа по Ван Гог и се лепеа себе си кај стигнат. Еден 20-годишен абдал си ја запали раката на тениски турнир, носејќи маица со барање за забрана на приватните авиони. 24-годишна девојка пак, се испентари на железна конструкција над автопат: „Тука сум затоа што немам иднина“. 

Зад сите вакви и слични приказни стојат млади лица кои инсистираат нивните влади ВЕДНАШ да престанат со користење фосилни горива. 

„Можеби се прашувате како уништувањето уметнички дела или лепење за под на салон на Фолксваген ги намалува штетните емисии. Не ве обвинувам. Разликата меѓу мене и вас е што и јас бев една од нив“, вели Зајон Лајтс.

Цели 16 години таа била во првите борбени редови на англискиот еко-активизам. Кога во 2011-та станала мајка, уште повеќе се посветила кон каузата. Уредувала магазин, држела предавања, гостувала по телевизии… 

По нивно барање, во 2018-та влегла во организација Extinction Rebellion и набргу станала нивен портпарол. 

На нејзиниот прв медиумски тренинг, била инструирана да плаче на телевизија. „Луѓе сакаат да гледаат расплакани мајки“, ѝ рекол инструкторот. Од неа барале и да ги зема со себе децата на протестните маршеви. 

„Целата работа беше мастерклас за манипулирање со емоции а решенија и наука не се спомнуваа“, вели таа. 

Во канцелариите имале исцелителна соба, каде можело да се дремне, медитира или добие масажа од некои од волонтерите. Еднаш била викната таму со колешка, мислела дека ќе имаат состанок, ама не. Им било кажано двете заедно да медитираат и да се поврзат со вишите енергии па да го споделат искуството. 

„А јас сакав да ги решаваме проблемите, а не да се молам“.

Како и секој култ, и овој мора да има лидер, во случајов 56-годишниот Роџер Халам кој откако му пропаднала органската фарма, се радикализирал и ја основал Екстинкшн Ребелион. 

Членовите го сметале за херој и го споредувале со Ганди и Мартин Лутер Кинг. А и тој не бил поскромен, па се рачунал за пророк кој го докажал своето мачеништво со бројните апсења. 

„Гениј е! Тој е нашата единствена шанса!“, ѝ рекол колега на Зајон.

Халам ги убедувал луѓето дека само што не дошло глобална војна, глад и масовни силувања. Додека зборувал за претстојниот Армагедон, не правел ништо за да го спречи. Ниту лобирал, ниту се залагал за еко-политичари, ниту се борел за решенија. 

Тоа не им пречело на неговите следбеници, особено жените, да го обожаваат. Успешно го манипулирал чувството за вина и нивната анксиозност околу иднината. 

„Нема да ја доживеам триесетата година“ повторувале младите членови, убедени во апокалипсата која им ја претскажал Халам. 

Зајон се обидела да ги разубеди, но тие веќе биле опчинети од магијата на лидерот. 

Потрошил мало богатство од донациите на своето патување во САД каде отварал американска филијала. Заминал и се вратил со прватен авион.

Култот на личноста не е проблем само во оваа организација. Помислете на архангелот на климатската паника, Грета Тунберг, која уште во 2019-та во Давос порача „Сакам да паничите!“. Таа уште од 15-годишна возраст присуствувала на состаноци и дешавки на организацијата, но истовремено ја билдаше својата публика (5,8 милиони следбеници на Твитер) градејќи сопствен култ на личноста.

Лајтс почнала да сфаќа дека патиштата им се разидуваат на едно нејзино телевизиско гостување каде требала да го брани тврдењето дека „шест милијарди луѓе ќе умрат до крајот на веков поради климатските промени“. Цифра што ја има измислено Халам. 

По некое време решила да ги прекине врските со Бунтовниците по што организацијата веднаш издала соопштение обвинувајќи ја дека е негатор на климатските промени и барале од медиумите да не комуницираат со неа. 

Ја напнувале и со гневни приватни пораки, нарекувајќи ја издајник, продадена душа, дека се срамат од неа и дека ја предала организацијата. Ги блокирала. 

И денеска е активна, само што е фокусирана на можни реални решенија. 

„Моите стари колеги сакаат да престане секаков раст – луѓето да се научат да живеат со помалку. Тие се заглавени во старата еко-реторика полна со грижа на совест и себе-казнување. Јас претпочитам решенија“, поентира Лајтс.

ИЗВОР: off.net.mk

VERO marketi

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Загина копилотот по падот на авионот на грчката воена морнарица

Следно

Вечерва во 360°: Меритократија – добредојден за работа во Луксембург, недостоен за скопските стоматолошки клиники

Latest from Blog

Милеј одликуван во Израел, најавена директна авиолинија Тел Авив – Буенос Аирес

Херцог го нарече десничарскиот либертаријански лидер „близок пријател на Израел“. Милеј, исто така, запали свечен факел во рамките на одбележувањето на 78-годишнината од основањето на Државата Израел на 14 мај 1948 година.

Деспотовски: Клучно е да се бара активно вклучување од Брисел, Париз, Берлин и притисок

Понудата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите беше ОК е уставни измени, меѓутоа со одложено дејство и второто беше гаранции во смисла да не повторуваат блокадите понатаму, истакна Јован Деспотовски во вечерашната дебата во

Антонио Ридигер одлучи каде ќе ја продолжи кариерата

Идината на германскиот репрезентативец Антонио Ридигер во Реал Мадрид станува сè појасна. Според шпанските медиуми, 33-годишниот централен бек е блиску до продолжување на договорот, кој истекува ова лето. Иако Ридигер се надеваше
Go toTop