Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови донесе одлука за распуштање на Централното претседателство на партијата, во рамки на процесот за спојување на коалицијата ВЛЕН во еден политички субјект.
Претседателот на Беса, Биљал Касами, соопшти дека одлуката е донесена со цел да се отвори патот за понатамошно структурирање на ВЛЕН, врз основа на претходно договорениот мораториум за партиски активности меѓу субјектите што ја сочинуваат коалицијата.
„Собранието ме овласти да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, со јасна поддршка за спојување во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и ја одразува волјата на гласачите на ВЛЕН и на сите Албанци“, истакна Касами.
На седницата била разгледана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата. Членовите на Собранието ја поддржале оценката на Касами дека партијата има капацитет за значително поголем придонес од досегашниот.
Анализата на работата на функционерите ќе продолжи и во наредниот период, а наодите ќе бидат земени предвид при евентуалната реконструкција на Владата.
Од Движењето Беса порачаа дека учеството во извршната власт го гледаат како средство за поефикасна служба кон сите граѓани, особено кон Албанците, нагласувајќи дека сите идни одлуки ќе се темелат на овој принцип.

