Европските земји го поздравуваат приемот на Финска во НАТО

2 mins read

ЛОНДОН (АА) – Европските земји ѝ честитаа на Финска, која официјално стана 31-ва земја членка на Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО) на церемонијата одржана вчера во седиштето на воената алијанса во Брисел, јавува Анадолу.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ѝ честиташе на Финска за влезот во НАТО, нагласувајќи дека нејзиното членство ќе ја направи Алијансата посилна.

„Финска сега е членка на НАТО – ова е добра вест и добивка за трансатлантската безбедност“, напиша Шолц на Твитер, потврдувајќи ја поддршката на неговата влада за кандидатурата за членство на Шведска.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, го опиша членството на Финска како историски ден за НАТО.

Британската Влада ја поздрави Финска и изрази надеж дека Шведска брзо ќе го следи примерот.

Секретарот за надворешни работи на Британија, Џејмс Клеверли, во Брисел, каде што присуствува на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, рече: „Денешниот ден ќе влезе во историските книги за НАТО како одбранбена алијанса. Ѝ посакуваме добредојде на Финска како 31. земја на масата.“

„Нашиот северен сосед сега е и наш сосед на масата #НАТО. Ова е монументално за безбедноста на регионот на Балтичкото Море и на целата Алијанса“, напиша естонската премиерка, Каја Калас, на Твитер.

Естонскиот министер за надворешни работи, Урмас Реинсалу, во Брисел рече: „Балтичкото Море буквално станува море на НАТО.“ Тој рече дека сака и Украина еден ден да се приклучи на Алијансата.

„Добре дојдовте во НАТО, Финска! Се надевам дека наскоро ќе ги пречекаме и нашите шведски пријатели“, напиша францускиот претседател, Емануел Макрон, на Твитер.

Француската министерка за надворешни работи, Кетрин Колона, исто така, на Твитер им честиташе на Финска и на нејзиниот фински колега Пека Хаависто.

Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, рече дека се надева оти Шведска наскоро ќе стане членка на НАТО, додавајќи дека пристапувањето на Финска и Шведска ќе придонесе за консолидација за побезбедна евроатлантска област.

Шведскиот министер за надворешни работи, Тобијас Билстром, упати честитки до Финска и изрази задоволство за нејзиниот прием во НАТО.

Холандскиот министер за надворешни работи, Вопке Хоекстра, рече дека е „фантастично“ да се пречека Финска во НАТО.

„Пристапувањето на #Финска ќе ја зајакне нашата Алијанса. Со нетрпение очекувам да ја пречекам и Шведска наскоро“, напиша тој на Твитер.

Полскиот премиер, Матеуш Моравјецки, рече: „Од денес, Алијансата ја сочинуваат 31 земја. Силните партнери обезбедуваат гаранција за безбедноста на Полска, нашиот регион и целиот свет.“

Постојаната делегација на Италија во НАТО ја поздрави Финска, велејќи дека ова членство ја потврдува „клучната улога на НАТО“ за одржување на слободата и безбедноста, како и за побезбедни Финска и НАТО.

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, кој беше меѓу дипломатите кои присуствуваа на церемонијата за подигнување на знамето во седиштето на НАТО во Брисел, рече дека „Алијансата станува посилна“.

Белгискиот министер за надворешни работи, Хаџа Лахбиб, рече дека членството на Финска „ја зајакнува колективната одбрана и соработката во денешното високо сложено безбедносно опкружување“.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, рече дека ова е „историски ден“ за Алијансата, додавајќи дека се надева дека тие ќе можат да ја пречекаат и Шведска како нова членка на Алијансата.

Романскиот министер за надворешни работи, Богдан Ауреску, исто така, присуствуваше на церемонијата за подигнување на знамето и ѝ честиташе на Финска, велејќи дека со нетрпение очекуваат да работат заедно за одбрана на источното крило на НАТО.

Португалскиот премиер, Антонио Коста, на Твитер напиша: „Пристапувањето на Финска во @НАТО е најдобриот начин да се одбележи 74-годишнината од нашата Алијанса.“

По почетокот на руско-украинската војна во февруари минатата година, Финска одлучи да се откаже од своето повеќедецениско воено неврзување и поднесе барање за членство во НАТО.

Со пристапувањето на Финска, должината на границата на НАТО со Русија речиси се удвои.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS)..

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

Тухел: Јас сум виновен за поразот на Баерн!

Следно

Активности на еко-патролата на „Комунална хигиена“ во општина Карпош

Latest from Blog