Бајден: Ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО 

3 mins read

Американскиот претседател и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се на самит со претседателите и премиерите на Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Чешка, Полска, Латвија, Литванија и Естонија во Варшава каде разговараат за дополнително зајакнување на источното крило на Северноатлантската алијанса

Ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО, рече американскиот претседател Џо Бајден денеска во Варшава на самитот на лидерите на источното крило на НАТО. Тој нагласи дека овие земји се на првата линија на колективната одбрана на Северноатлатската алијанса. 

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот полиски колега Анджеј Дуда кој е домаќин на самитот/Фото: EPA-EFE/MARCIN OBARA POLAND OUT

Бајден истакна дека Соединетите Држави ќе продолжат да ја поддржуваат Украина додека ја брани нејзината слобода. 

 „Не се работи само за Украина, туку и за слободата“,

нагласи Бајден,

Во пресрет на самитот, тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин направил „голема грешка“ со суспендирањето на договорот за стратешко нуклеарно оружје (Нов СТАРТ). 

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека посетата на Бајден на Киев испратила јасна порака дека САД се цврсто посветени на безбедноста на Европа. 

 Тој посочи дека рускиот претседател Владимир Путин не се подготвува за мир, туку за нова војна и како резултат на тоа мора да се зголеми поддршката за Украина. 

„Не знаеме кога ќе заврши војната, но кога ќе заврши, мораме да се погрижиме историјата да не се повтори“,  

рече Столтенберг, додавајќи дека не може да ѝ се дозволи на Русија да продолжи да ја еродира безбедноста на Европа.

Генсекот на Северноатлантската алијанса нагласи дека сојузниците на НАТО никогаш не биле пообединети“, нагласи генералниот секретар на Северноатлантската алијанса. 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг/Фото: Архива

 „Тоа е многу важен момент да размислиме што сакаме да добиеме и какви одлуки сакаме да донесеме на самитот на НАТО во Вилнус во јуни. Тоа е исто така можност да се разгледа ситуацијата во Украина и начинот на кој ќе продолжиме да ѝ помагаме на таа земја“,

рече тој пред самитот, чиј домаќин беше полскиот претседател Анджеј Дуда. 

Претседателите и премиерите на Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Чешка, Полска, Латвија, Литванија и Естонија на самитот разговараат со американскиот претседател и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како, пред се, САД дополнително да го зајакнат источното крило поради војната во Украина. 

Букурешката деветорка на самитот во Варшава/Фото: EPA-EFE/MARCIN OBARA POLAND OUT

Од самитот на Букурешкатат деветорка се очекува заедничка деклрација, а полскиот претседател Дуда нагласи дека посетата на американскиот претседател Бајден, прво неочекувано на Киев, а потоа во вторник и денеска на Варшава, значи посета на целото источно крило на НАТО. 

Букурешката деветорка  е регионална иницијатива на Романија и Полска, чии претседатели се согласија во 2014 година во Варшава, како одговор на руската анексија на Крим, да ги координираат позициите за зајакнување на безбедноста на источното крило на НАТО. 

Иницијативата беше официјализирана есента 2015 година, кога овие земји потпишаа заедничка декларација во Букурешт за здружување на силите за да се обезбеди посилно присуство на НАТО во регионот. 

Повеќето членови на оваа група ја доживуваат Русија како директна закана за нивната безбедност 

 Полска, Романија и балтичките земји кои веќе имаат илјадници војници на САД и НАТО стационирани на нивните територии на ротирачка основа најавија дека ќе побараат од претседателот Бајден трајно распоредување, јавува Би-би-си. 

Вчера во Полска, Бајден истакна дека САД непоколебливо ги поддржуваат Украина и НАТО, кои Русија ги смета за егзистенцијална закана, пренесе Ројтерс. 

 „Кога Русија изврши инвазија, не беше само Украина ставена на тест. Целиот свет се соочи со историски тест“,

рече Бајден во Кралскиот замок во Варшава, еден ден по неговата ненадејна посета на Киев. 

 Бајден рече дека САД и нивните сојузници во НАТО одговорија на руската инвазија на 24 февруари минатата година, додавајќи дека тие се залагаат за суверенитет, правото на луѓето да живеат ослободени од агресија и во демократија. 

 „Не треба да има сомнеж нашата поддршка за Украина нема да се поколеба, НАТО нема да се подели и нема да се заморуваме“,

додаде американскиот претседател. 

 Рускиот претседател Владимир Путин, во своето вчерашно обраќање до нацијата го предупреди Западот во врска со Украина со суспендирање на последниот голем договор за контрола на нуклеарното вооружување меѓу Москва и Вашингтон. 

 Путин пред воената и политичката елита во Москва изјави дека САД ја претвораат руската „специјална воена операција“ во Украина во глобален конфликт и најави суспензија на учеството на Русија во Нов СТАРТ (Договор за намалување на стратешкото оружје). 

Руското Министерство за надворешни работи подоцна соопшти дека има намера да продолжи да ги почитува ограничувањата од договорот за бројот на нуклеарни боеви глави кои можат да се распоредат. 

„Западните елити не ги кријат своите намери. Но, исто така, не можат да разберат дека е невозможно да се победи Русија на бојното поле…Тие имаат намера локалниот конфликт да го трансформираат во глобална конфронтација. Токму вака го разбираме сето ова и соодветно ќе реагираме, бидејќи во овој случај зборуваме за постоењето на нашата земја“,  

истакна рускиот претседател.

Американскиот претседател Бајден го отфрли тврдењето на официјална Москва дека западните сојузници сакаат да ја контролираат или уништат Русија. Тој, сепак, ја обвини Русија за злосторства против човештвото како што се напади врз цивили и силување. 

Русија ги отфрли обвинувањата на Украина и нејзините сојузници за воени злосторства. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Атлетико го продолжи договорот со Витсел до 2024 година

Следно

Нинисто: Финска е подготвена да пристапи кон НАТО и без Шведска

Latest from Blog