Мирен изборен ден со поголем одзив за парламентарните

May 8, 2024
4 mins read

Со надеж дека изборниот ден ќе помине мирно и без инциденти, скопјанецот Димитар Горемџиски рано утрината излезе од гласачкото место 2610 во основното училиште „Владо Тасевски“ во скопско Козле. Гласал и на двата избори. Од новиот претседател и новата Влада очекува решавање на „старите“ проблеми.

„Се надевам на подобри времиња, државата да се стабилизира и да се престане со корупција, што ни е најгорливиот проблем на државата. Младите да ни остануваат дома, да имаат поголема доверба во државата, да се поправи здравството, да се решат проблемите“, изјави Големџиски.

Граѓаните на Северна Македонија денеска (8 мај) гласаат на двојни избори, на вториот круг од трката за претседател на државата и на парламентарни избори за нов состав на Собранието кој ќе треба да ја избере идната влада во Скопје.

Забелешки за гласањето немаа и другите „утрински“ гласачи.

„Гледам дека е супер гласањето. Луѓето излегуваат, си гласаат, така што секој своја желба и волја“.

„Се беше во најдобар ред, за двата избори гласавме. Нека победи најдобриот“, велат анкетираните граѓани.

Екипата на Радио Слободна Европа го посети и гласачкото место 2848 во ОУ „Гоце Делчев“, во општина Центар. Заменик-претседателот на избирачкиот одбор Томислав Стамболиќ забележува дека утрото имало помалку гласачи од истиот период во првиот круг од претседателските избори.

„Излезноста е малку помала од претходните избори. Но сите луѓе што дојдоа си гласаат без никакви проблеми и подеднакво и за претседателските и за парламентарните избори“, изјави Стамболиќ.

На пладне, отидовме во гласачкото место 2431 во ЦОУ „Дитуриа“ во општина Сарај каде што беше пораздвижено. Но, гласачите кои ги сретнавме тука, немаат големи очекувања од новата влада.

„Гласав, немаше проблеми, ама не очекувам ништо“, вели Зилфие Рамадани, жителка на Сарај.

„Само нека има мир, соживот и пари, па кој сака нека победи“, ни рече Екрем Адеми.

Мирен изборен ден, без нарушувања на јавниот ред и мир

Излезноста на претседателските избори до 13 часот часот е 22, 63 отсто, а за парламентарните 25,64 проценти, покажуваат последните податоци на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).

Најголем одзив на гласачите за претседателските избори има во општините Кривогаштани (48,65%) и Крива Паланка (46, 44%), а најмала излезност е регистрирана во Боговиње (5, 17 %) и Врашпчиште (5,38%).

Во однос на парламентарните избори, мапата на ДИК покажува најмала излезност во Изборната единица 6 (18,87%), а најголема во Изборната единица 3 (29,79%).

И од аспект на безбедносната состојба, денешниот ден е стабилен, уверуваат од Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека досега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое генерално се одвива мирно и без проблеми.

„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрирани се две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за лепење плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случаите. Исто така имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземените мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени“, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Избори за претседател и нов состав на Парламентот

Актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од владејачкиот СДСМ и Коалицијата за европска иднина бара втор петгодишен мандат. Негов ривал е досегашната пратеничка Гордана Сиљановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, која по првиот круг од изборите оствари убедлива победа.

За да бидат успешни изборите потребно е еден од нив да освои мнозинство гласови од граѓаните што излегле да гласаат, но под услов излезност да е најмалку 40 отсто од запишаните во Избирачкиот список.

Во борбата да освојат пратенички мандат во 120-члениот парламент, пак, се 17 кандидатски листи поднесени од партии и коалиции. За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие. Повеќето од партиите и коалициите за овие избори имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици.

Денеска се гласа на над 3400 избирачки места. Право на глас на овие парламентарни избори имаат 1 815 350 граѓани, додека во вториот круг од претседателските избори, пак, во Избирачкиот список се запишани 1 814 317. Разликата од 1033 гласа генерално доаѓа од бројот на граѓани кои станале полнолетни помеѓу роковите за заклучување на избирачките списоци за двата изборни циклуси.

Шеф на државата со непосредно гласање се избира по седми пат, додека парламентарните избори се 11-ти по ред 1990 година.

Изборите ќе ги следат 1078 домашни и 770 странски набљудувачи.

Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите има повеќе од 300 набљудувачи на гласачки места низ државава. Шефицата на мисијата Џилијан Стирк, денеска изјави дека заклучоците ќе ги соопшти откако ќе ги добијат резултатите од нивните набљудувачи распоредени низ државава, додавајќи дека мисијата на ОДИХР ги оценува изборите во согласност со меѓународните обврски и домашното законодавство.

„Избирачкото место каде што сме утрово е секако само едно од многуте во земјава. Ќе ги разгледаме другите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесеме нашите заклучоци базирани на набљудувањата кои ни се обезбедени од нашите многубројни набљудувачи“, изјави Стирк по посетата на гласачко место во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар.

Какви се роковите?

По изборите, идните пратеници треба да одржат конститутивна седница во рок од 20 дена или најдоцна до 28 мај.

Пред новите пратеници да влезат во собраниските клупи, според најавите од претходно, ќе се инаугурацијата на новата претседателка или староновиот претседател. Заклетвата тој или таа ќе ја даде пред стариот собраниски состав бидејќи новиот се уште нема да биде конституиран.

Актуелниот мандат на Стево Пендаровски истекнува на 12 мај кога тој ќе треба официјално да го започне и вториот мандат или да и ја предаде функцијата на Гордана Сиљановска-Давкова.

Откако ќе се конституира новото Собрание, Пендаровски или Сиљановска-Давкова, како претседател ќе биде должен во рок од десет дена да го додели мандатот за состав на идната Влада на кандидатот на партијата односно партиите што имаат мнозинство во парламентот.

Мандатарот потоа има 20 дена до Собранието да достави програма и предлог состав на новата Влада. Таа треба да биде изгласана со мнозинство гласови (61) од вкупниот број пратеници.

Извор: Радио Слободна Европа

VERO marketi

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Израелските демонстранти го блокираа главниот автопат во Тел Авив барајќи размена на затвореници со Палестинците

Следно

Вчера гласаа граѓаните од дијаспората, болните и изнемоштените

Latest from Blog

Шок за Ханси Флик: Ѕвездата на Барса потешко се повреди, го чека долга пауза

ФОТО: FC Barselona/FB Шок за Ханси Флик на утринскиот тренинг. Фудбалерите на Барселона целосно се подготвуваат за почетокот на новата сезона, а утрово одработија нов тренинг во својот тренинг центар, но заврши

Видео: Разорен земјотрес во Колумбија: Најмалку 20 загинати, 20 згради урнати во еден град

Американскиот геолошки институт (USGS) го регистрираше земјотресот во 7:34 часот по локално време. Епицентарот бил во близина на Сан Хозе дел Палмар во департманот Чоко, на длабочина од 107 километри. Според првичните

Мицкоски за Љуботенски бачила: Жртвата на бранителите е трајно потсетување дека мирот има своја цена

Денес одбележуваме 25 години од трагичниот настан кај Љуботенски Бачила, ден кога Македонија се сеќава на осумте македонски бранители кои ги положија своите животи за мирот и безбедноста на својата татковина објави

Министерство за финансии: 41 проект ќе биде основа за капиталните инвестиции во 2027 година

10 август 2026, Скопје – Четириесет и еден предлог проект содржи Првата конечна приоритетна листа на предлог проекти за јавни инвестиции, што на предлог на Министерството за финансии и Комитетот за јавни инвестиции

Бошко Ѓуровски повикува на полн стадион на дуелот Црвена Звезда – Хапоел

Некогашниот македонски селектор, и неспомнено наша фудбалска легенда, Бошко Ѓуровски денеска излезе со изјава во медиумите во Србија со која повикува на масовна посетеност на дуелот од третото квалификациско коло од Лигата
Go toTop