Коњановски: Година на работа и резултати – 180 проекти за развој на Битола

October 30, 2026
2 mins read

Вкупно 180 проекти во различни фази, над 10 километри обновена и новоизградена патна инфраструктура и вложувања во училишта, градинки и спортски објекти го одбележале изминатиот едногодишен период во Битола. Ова го истакна градоначалникот Тони Коњановски на денешната 17-та седница на Советот на Општина Битола, презентирајќи отчет за првата година од вториот мандат.

Во обраќањето во пресрет на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола, Коњановски нагласи дека одбележувањето на празникот го поврзува со конкретни вложувања и долгорочно планирање на развојот на градот.

Според податоците што ги изнесе, 34 проценти од проектите се завршени, 27 проценти се реализираат, за 17 проценти се потпишани договори, а за преостанатите 22 проценти подготвителните постапки се во завршна фаза.

„За општина со 85.164 жители и 65 села, секогаш има многу што да се направи, но бројката од 180 проекти кои ја одбележуваат изминатата една година потврдува дека оваа локална самоуправа, професионално и посветено, дејствува во вистинска насока“, рече Коњановски.

Нови улици, паркинзи и комунална инфраструктура

Во инфраструктурниот дел, градоначалникот издвои над 10 километри обновени и новоизградени патишта и улици во урбаните и руралните средини, како и инвестиции во повеќе од три километри водоводна и канализациска мрежа.

Меѓу посочените проекти се булеварскиот влез од страната на Прилеп, улицата „СТУ 3“ со 100 паркинг-места, паркингот на „Браќа Џаферови“ за 25 возила и паркинг-просторот на „СТУ 9“ во АРМ четврт 3 со над 70 места.

Коњановски се осврна и на реконструкцијата на „Маркс и Енгелс“, асфалтирањето повеќе градски улици и зафатите во Братиндол, Трн, Ротино, Барешани, Карамани, Раштани и Буково. За уредувањето на плоштадот „Гоце Делчев“, како што посочи, решението се бара преку граѓански форум.

Вложувања во спортот и образованието

Отчетот опфати изградба и реконструкција на 24 училишни спортски терени и четири типски спортски сали, дел завршени, а дел во реализација. Боксерската сала е во завршна фаза, додека во Бистрица се работи на трансформација на досега нефункционален објект во мултифункционален простор.

За спортската инфраструктура Коњановски наведе износ од 310.412.172 денари.

Во образованието ги издвои топлинските пумпи и енергетски ефикасната фасада на ОУ „Стив Наумов“, работите на новата училишна зграда во Буковски Ливади, реконструкцијата на училиштето во Крклино и вложувањата во ОУ „Елпида Караманди“, ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ и СОУ „Таки Даскало“.

Над 470 места во новите градинки

Коњановски посочи дека проектите за новите детски градинки опфаќаат над 470 места за згрижување деца. Градинката „Пчеличка“ е отворена, завршена е новата градинка кај ОУ „Климент Охридски“, а продолжуваат работите на градинката во АРМ.

Според неговата најава, со градинката во АРМ следната година листата на чекање треба да се намали за 246 деца.

Противпожарна зграда, инвестиции и туризам

За новата противпожарна зграда Општина Битола вложила над 52 милиони денари до фаза карабина со поставена дограма. За втората фаза, која предвидува внатрешно опремување, Коњановски наведе грант од Министерството за одбрана на САД во вредност од еден милион долари.

Во економскиот дел ги посочи отворањето на фабриката „Брејнчајлд производство“ и поставувањето камен-темелник на вториот маркет „Лидл“. За развојот на туризмот ја издвои изработката на физибилити-студија за гондола на Пелистер, со цел планината перспективно да се развива како четирисезонски туристички центар.

Според градоначалникот, културните настани во последните десет месеци привлекле над 100.000 посетители, а преку општинската Програма за култура се обезбедуваат околу 45 милиони денари.

Коњановски им се заблагодари на советниците, администрацијата и граѓаните за соработката, нагласувајќи дека предлозите на битолчани се дел и од подготовката на буџетот за 2027 година.

„Предизвици има уште многу, а нивното решавање е можно само со посветена работа, конструктивна соработка и љубов кон градот кој мора да напредува во секоја област“, порача Коњановски.

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Николоски: Од 1 мај директни летови Скопје–Тиват, двапати неделно

Следно

Оне Македонија и Неотел воспоставија стратешка соработка: Првите сервери веќе пристигнаа во дата-центарот

Latest from Blog

Проданоски: Капиталните проекти ја менуваат сликата на Прилеп, продолжуваме со нови инвестиции

Околу 168 милиони денари од општинскиот буџет се обезбедени за рехабилитација на улици во градското подрачје и населените места во Прилеп, соопшти градоначалникот Дејан Проданоски во прегледот на реализираните, тековните и планираните

Оне Македонија и Неотел воспоставија стратешка соработка: Првите сервери веќе пристигнаа во дата-центарот

Оне Македонија и Неотел воспоставија стратешка соработка во рамките на развојот на новата телекомуникациска инфраструктура за третиот мобилен оператор во земјата. Партнерството претставува значаен чекор напред, во реализацијата на проектот и ја

Николоски: Од 1 мај директни летови Скопје–Тиват, двапати неделно

Македонија и Црна Гора ја продлабочуваат соработката, а првиот конкретен резултат од договорените активности е воспоставувањето директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват, која ќе започне да оперира од 1 мај следната

Министерство за енергетика: Зајакнат инспекциски надзор и јавно достапни податоци за концесиите

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини презема конкретни мерки за повисоко вреднување на природните ресурси, доследно исполнување на концесиските обврски и поефикасен надзор во рударството. Зголемени се концесиските надоместоци, наплатата во

Божиновска: Поевтина струја од ЕСМ, конечниот збор за горивата го има Регулаторна

Производството на електрична енергија е стабилно, а ЕСМ обезбедува сигурно снабдување по пониски продажни цени, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на
Go toTop