Општина Прилеп го избра Локалното собрание на млади пред кое претстои конститутивна седница за почетокот на новиот мандат на делегатите и нивните заменици, по чие конституирање ќе биде објавен повик за претставници во Локалниот младински совет. Согласно донесеното решение, во Собранието се избрани 12 млади делегати и 12 заменик-делегати, вкупно 24 млади претставници што ќе ги застапуваат интересите на младите граѓани.
Младинските делегати и заменик-делегати доаѓаат од повеќе организации, вклучувајќи: Црвена младина – Прилеп, учениечки и ученички заедници од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, СОУ „Орде Чопела“, СОУ „Ѓорче Петров“ и Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп, ЛК СДММ – Прилеп, Младински совет – Прилеп, Коалиција на младински организации СЕГА – Прилеп, УМС ВМРО-ДПМНЕ – Прилеп, Здружение за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т – Прилеп и Извиднички одред ФЕНИКС.


Локалното собрание на млади е тело кое го сочинуваат млади претставници од различни младински и ученички организации и има советодавна и застапувачка улога за прашања од младински интерес во локалната самоуправа. Според донесеното решение, целта на овој состав на Локалното собрание на млади е да спроведат избор на членови во Локалниот младински совет. Оваа институционална форма е предвидена со Законот за младинско учество и младински политики, според кој локалните совети се важен механизам за вклучување на младите во креирањето политики и донесувањето одлуки што директно или индиректно влијаат на нивниот живот, со цел да биде засилена нивната улога во општеството и во локалните процеси на донесување одлуки.
Од Општина Прилеп посочуваат дека оваа иницијатива е значаен чекор кон јакнење на младинското учество, создавање простор за гласот на младите да биде чуен и за конкретни придобивки да се реализираат на локално ниво.


